Периодот во градинка треба да биде време на истражување и игри. Време за создавање пријателства и време за навикнување на животот во колектив. Време кога се гради љубов кон буквите, броевите, зборовите, научните откритија, самото учење. Но, денес повеќе не е така. Денес, периодот во градинка стана почеток на некаква трка што подоцна трае низ целото образование на детето. Како почеток на вежба и натпревар во кој четиригодишните деца треба секогаш да бидат подготвени да ги надминат своите другарчиња, не во тоа кој ќе биде подобар пријател, кој ќе биде подобар во играта барање, кој прв ќе си го намести креветот, туку кој ќе знае повеќе букви, кој побрзо ќе пресметува и кој ќе знае повеќе англиски зборови. На децата во градинка наместо да играат слободни или насочени игри, сега постојано им се кажува што да прават и како да го прават тоа.
Време е да ја вратиме радоста во нивното детство
Како што поминуваат годините, се зголемува притисокот кај најмладите. Време е малку да попуштиме и да ја вратиме радоста во нивното детство. Еве пет причини за уште еднаш да размислиме за сите барања што ги поставуваме пред децата во период кога нивната главна преокупација треба да е играта.
Образовните достигнувања не се и не треба да бидат важни за петгодишните деца
Во времето кога сегашните родители оделе на училиште, границата за тргнување на училишта била седум години. Според сегашниот закон, децата на 6,5 години може да тргнат на училиште. Во претходните децении фокусот беше на подобрување на перформансите на децата од рана возраст преку сè поголема образовна содржина и сè поголем број тестови низ образованието.
Можеби се сеќавате на предучилишниот период како време на игра, спиење, ручек заедно. Но, денешните предучилишни установи треба да ги научат децата на буквите, броевите, да одат на училиште подготвени да читаат и да пишуваат.
Експертите за детски развој предупредуваат дека денот исполнет со образовни активности е премногу за едно дете на претшколска возраст. Тоа што детето на четири години може да научи да препознава букви не значи дека е добро за него.
Прерано не е добро
Ставот на децата кон училиштето се формира во раните години и може да биде позитивен или негативен. Основната цел на предучилишното образование треба да биде децата да го сакаат учењето и училиштето. Но, наместо тоа, притисокот што децата го чувствуваат да постигнат одредени резултати ги обесхрабрува. Во градинка способноста на детето да прифати нови работи и нови знаења може да варира, а концентрацијата е слаба. Ризикот од етикетирање на детето што не е подготвено со часови да седи и да пишува или црта, туку сака да трча и да игра, како мрзливо или незаинтересирано, ќе влијае врз неговиот став за училиштето и самодовербата. Децата формираат впечатоци за себе многу рано, а ако се чувствуваат недоволно добро, уште на пет години, тоа подоцна тешко ќе се промени.
И лекарите потврдуваат штетни ефекти од притисокот врз децата
Наставниците низ целиот свет потврдуваат дека се во пораст проблемите со однесувањето во училницата, вклучувајќи ги и социјалните проблеми, проблемите со вниманието и контролирањето на емоциите. Многу од овие проблеми се резултат на притисокот што децата го чувствуваат за да постигнат одредени резултати уште на возраст од 6 или 7 години. Според некои процени, дијагнозата на депресија и вознемиреност кај децата стана дури двојно почеста отколку во почетокот на 21 век. Драматично се зголеми и појавата на нарушувања во однесувањето.
Од секојдневните воннаставни активности на децата не им останува време за слободна игра и истражување
Експертите за развој велат дека играта е клучна за здравиот развој и квалитетно учење во претшколска возраст. Психологот Ерик Ериксон тврди дека кога на децата ќе им го скратиме слободното време за игра, ни учењето нема да даде добри резултати.
Учење на рана возраст – да, но низ игра
Слободата на децата да играат и да истражуваат на начин на кој сами одлучуваат, без водство и насоки од возрасни, драстично е намалена. Децата помалку играат, а учат повеќе отколку пред 20 години. И тоа не е добро.
И на воспитувачите им е доста
Многу воспитувачи ќе ви кажат дека тие не се обучени со децата да го прават она што треба да биде работа на наставниците – букви, читање, пресметување. И тоа е точно. Притисокот што го чувствуваат воспитувачите да ги испраќаат децата на училиште со знаење за букви и броеви ги тера да ја преиспитаат одлуката да ја работат оваа работа.
– Мојата работа се претвора во нешто што повеќе не се усогласува со моето разбирање на тоа како треба да учат и да се развиваат децата. Не се согласува ни со тоа како јас ја гледам работата на воспитувачите, чија цел треба да биде да изгради здрава, безбедна и поддржувачка средина за учење за секое дете – вели една воспитувачка која одлучила да ја смени својата професија.
Автор: Елизабет Мулвахил