Го замислувам бебето во себе, како спие во мојот стомак, како му е топло и убаво додека му пеам. Пресреќна сум што ме избра мене да му бидам мајка. Тоа сознание прави да се чувствувам посебна, сакана, дека мојот живот има некоја поголема смисла. Дека токму мене ми го испратиле некои мали ангели на кои тоа личи. Се топам од милина секојпат кога ќе ги почувствувам движењата, кога ќе ми даде до знаење дека е тука, на сигурно.
Не ми е важно дали е момче или девојче, сакам само да е здраво и да му бидам најдобар можен дом тие девет месеци. Се поигрувам со идеите, имињата, локните и чевличките, средувањето на собата за бебето. Се радувам на стомачето што расте, на другите луѓе кои се радуваат на мојата среќа, на насмевките од непознати лица додека со раката се држам за стомакот. Знам дека сум им симпатична, како и секоја трудница, која несвесно го штити со тој гест своето бебе и како да вели „ве молам, само малку внимавајте, на нас, на моето мало бебе во стомакот“.
Децата се најчистото и најсветлото богатство што некој може да го има, децата се второто име на љубовта
Уживам во месеците кои полека поминуваат. Секој ден нашата врска е сè посилна и посилна. Дознав дека носам момче. Љубовта што ја чувствувам не може да се опише со зборови. Знам дека лудо ќе се заљубам во него, како и секоја мајка во своето дете. Се радувам однапред на тие мали пеперутки на сакање кои ќе ме опседнуваат секојпат кога ќе помислам на него. Се радувам на неговите очиња, трепки, прстиња, кои ќе ги прекријам со бакнежи. На неговиот сладок мирис.
Знам дека не можам да му бидам најдобар родител, најдобра мајка, но тоа за мене ќе биде најдоброто дете што некогаш сум можела да го замислам. Затоа уште сега му кажувам колку го сакам, колку сум го сакала и дека едвај чекам да го видам. Овие девет месеци се само наше време за запознавање и навикнување на идејата за вечна поврзаност. Бидејќи кога ќе зачнете дете, вие веќе никогаш нема да бидете сами и одговорни само за себе. Вашиот живот добива една подлабока и многу поширока димензија. Таа димензија не подразбира само основна грижа околу детето, туку и ниво на свест чиј фокус се изместува од себеси кон него, кон детето кое ќе зависи од вас. Сознанието за толкавата одговорност е помалку застрашувачко, потребно е време да се навикнеме на него и да го усвоиме како неизбежен сегмент на родителството.
Одговорноста е израз и на нашата зрелост, како и самата желба да се има и одгледува дете. Тоа нè учи дека љубовта е недофатлива како ѕвезда која паѓа и е пореална од самиот живот. Поради нив сме подобри луѓе, поради нив раните помалку нè болат, поради нив одиме со крената глава. Длабоко и силно засекогаш ќе бидеме поврзани со предците и наследството, грижата и воспитувањето, предаденоста и најразличните авантури низ кои ќе поминуваме секој ден.
Кога би ме прашале за смислата на животот, јас не би се обидувала да ја најдам најмудрата од сите мисли. За мене, остварување на сонот и најблиску до суштинска среќа би било да се роди детето и да се одгледа во човек, бидејќи преку детето се спознава вистинската љубов.
Децата се најчистото и најсветлото богатство што некој може да го има, децата се второто име на љубовта.
Автор: Ката Граната