Денес повторно плачев. И тоа од среќа, од гордост, оние солзи што не можеш да ги сопреш колку и да сакаш. Сфатив дека јас и Јадранка добро ги воспитавме децата, иако постојано се преиспитуваме. Слушаме мислења на другите, критики, анализираме каде грешиме, што може подобро, нашите родители се најгласни… Но, веќе тоа не ми е важно и ништо друго не ми е важно, ни тоа што Лука на тримесечје имаше опомена за историја, ни тоа што и двајцата доцнат на училиште и зборуваат на час, ни тоа што Јована не вежба кларинет. Горд сум на нив и срам ми е за нас, возрасните, кои треба да им бидеме пример на децата. Децата се прекрасни, ние возрасните не сме како што треба.

Лука и Јована се близнаци. Одат во петто одделение, еден момент се сакаат, друг се тепаат, но во друштво се бранат еден со друг. Јована му шепоти на Лука, а тој ја брани кога некој ја задева. Тогаш доаѓаат дома и се расправаат, па двајцата ги казнуваме и потоа прават фронт против нас, на крајот им е мило што е така. Но, ова што се случи е нешто сосема друго. Излегувале од училиште со двајца другари од класот, Стефан и Павле, веќе било мрак, малку врнело, а дождот преминувал во снег. На патеката недалеку од училишниот двор Павле забележал купче со пари, водени од дождот. Внимателно ги подигнале парите, ги пребројале и се увериле дека има дури 14 илјади динари. Јована вели дека срцето почнало да ѝ чука толку силно, што добила вртоглавица, а на Лука рацете му се треселе.

Павле ги погледнал парите, па своите другари и ги прашал што да прават, а бидејќи сите биле толку збунети и исплашени, предложил да прашаат некоја жена што го шетала кучето (Лука вели дека била постара жена – но за него луѓе над 30 години се постари). Кога ја слушнала нивната приказна, жената се насмеала и рекла: „Дали сте луди, деца, поделете ги парите и бегајте дома!“ и продолжила по патот. Децата се погледнале, жената само дополнително ги збунила, Лука рекол дека не можат да го направат тоа бидејќи парите не се нивни. Јована рекла: „Замислете сега некој да ги бара тие пари, а ние да ги поделиме, и тој некој никогаш да не ги најде, не смееме тоа да го направиме, и сите деца се согласиле. Кога тоа ми го раскажа, целиот се наежив.

Почнало да врне посилно, Павле и понатаму ги држел парите в рака, се плашел да ги стави в џеб за да не изгледа дека ги присвоил. На Стефан му ѕвонел мобилниот телефон, го барал татко му да го праша каде е, дали да дојде по него поради дождот и ветрот, бидејќи веќе било доцна. Стефан му раскажал на татко си што се случило, бидејќи тој работел во полиција, и децата ги чекале неговите упатства. Меѓутоа, и тој рекол парите да ги поделат бидејќи нема начин да се утврди кој е, па прашал дали има некаков документ – кога Стефан му рекол дека нема ништо, татко му му рекол со тие пари некој ден да одат да јадат слатки и остатокот да го поделат и да побрза дома, бидејќи било најавено големо невреме.

Децата размислувале како паметно да постапат. Јасно ми е што поминувало низ тие нивни чисти и искрени глави, сега се тоа веќе двајца возрасни, од кои еден е полицаец, што им рекле да ги поделат парите, но нешто сепак не им дозволувало да го направат тоа. Јована рекла дека ако одлучат да ги делат парите, не сака да го земе својот дел и Лука се согласил. Им рекол на Павле и Стефан: „Вие поделете ги ако сакате, ние не сакаме!“ Потоа, Лука ми раскажа дека замислил што би се случило ако дојде дома со тие пари и ни каже дека тоа е неговиот дел и знаел дека ќе му се налутиме, ќе го караме и ќе му кажуваме дека секогаш го учиме оти не смее да зема ништо што е туѓо, дека сме разочарани што сепак одлучил да земе нечии пари.

Потоа Павле се сетил да се вратат на училиште и да ја побараат класната и сите го прифатиле тој предлог. На влезот од училиштето ја виделе дежурната наставничка и ѝ ја раскажале приказната. Наставничката се фатила за глава и рекла: „Е, што не најдам јас некогаш пари на улица, би знаела што да правам со нив!“

„Го гледаш ли ти ова, Радован?“, го прашала човекот од обезбедувањето. „Дајте ми ги мене парите, јас ќе знам како да ги потрошам“, рекол Радован и се насмеал.

Лука ја замолил наставничката да ја повика нивната класна, ако сè уште е на училиште и таа рекла дека е тука и дека веднаш ќе ѝ раскаже каква среќа имаат нејзините ученици. Павле рекол дека можеби, сепак, би требало да ги задржат парите. Стефан се согласил, повторил дека тоа му го рекол и татко му и дека тој работи во полиција и сигурно знае како треба… Рекол дека ако и класната го каже тоа, мора да ги поделат парите, а на сите им припаѓаат по три и пол илјади динари. Јована и Лука повториле дека нема да земат ништо што е туѓо. „Земете вие по седум“, рекол Лука. Навистина така им рекол. Затоа сум и горд.

Дошла класната, веќе ја слушнала приказната од колешката. Била воодушевена, ги прегрнала своите ученици, им честитала на чесноста. Предложила на местото каде што ги нашле парите утредента да стават лист хартија на кој ќе пишува „Ако тука сте ги изгубиле парите, јавете се на телефон…“, и го кажала нејзиниот број.

„Наставничке, што ако се јави некој што не ги изгубил парите, а сака да нè измами?“, прашал Стефан.

„Па, нема да знае, на пример, колку пари имало и кои банкноти ги има. Оној што ги изгубил ќе биде единствениот што ќе знае!“

Децата ѝ ги дале парите на класната. Утредента, пред да одат на училиште, ставиле листови хартија на околните дрвја. И телефонот на класната заѕвонил само еднаш и тоа била баба која тргнала во пошта да ги плати сметките и на шалтер сфатила дека ѝ ги нема парите. Убедена дека некој ѝ ги украл, се вратила дома плачејќи. Инсистирала еден дел да им остави на чесните деца, но класната одбила. Ѝ рекла дека таа ќе ги однесе на слатки, и тоа го направила. Барала од директорката ова да се запише во книгата за известувања, да се наведат имињата и презимињата на децата кои и покрај различните совети од возрасните, одбиле да ги земат туѓите пари. Утредента дежурниот ученик го читал тоа известување и во одделението на Јована и Лука децата аплаудирале. Си имале неколку минути слава.

Јас знам дека вакви ситуации во животот ќе имаат стотици, но верувам дека секојпат ќе се сеќаваат на ова и дека тоа ќе им биде насока по која ќе се движат. Штом го поминале ова, знам дека од нив ќе излезат добри луѓе.

(Приказната е базирана на вистинска случка)

Автор: Маја Бугарчиќ



912

X