Ми раскажуваа за моментите на просветлување, но никогаш не помислив дека удрениот прст од ногата ќе ме освести за важноста на моментот во моето постоење.

Се сеќавам дека беше декември. Врнеше силен дожд. Гледав некој филм на телевизија и посакав чај. Станав по обичај, механички тргнав кон кујната и толку силно си го удрив прстот од ногата од работ на каучот, што силно вреснав. Ме болеше добри триесетина минути. Заробена во својата болка и фантазијата при која веќе го гледав прстот во гипс, рендген и повеќечасовно чекање во болница, наеднаш се препнав и занемив. Ми раскажуваа за моментите на просветлување, но никогаш не помислив дека удрениот прст од ногата ќе ме освести за важноста на моментот во моето постоење. Станувајќи свесна за моментот во кој се наоѓав и чувството за „денес“ што го имав во тој момент, гласно се насмеав од збунетост и неизмерна среќа. Себеси. На вселената. На апсурдно едноставниот живот и нашето анализирање на чудата наспроти очекувањата.
Имаме денес. Кое ќе ги докаже сите „вчера“ и ќе ги покаже сите „утре“.
Истото попладне почнав да се подготвувам за печатење на мојата прва книга.
Не знам за вас, но јас јасно се сеќавам на многуте: „Каде најде сега…“, „ајде, уште си млада“… „сега си веќе стара за тоа“… „тоа веќе не ти доликува, сега си мајка“… „има време“… „тоа остави го за кога ќе пораснат децата“…

Кога ќе истече времето

Сања имаше 37 години кога ѝ истече времето. Цел живот собираше храброст да сними песна и да пушти глас. Ја уверуваа дека има време. Прво заврши го училиштето, па факултетот, па омажи се, роди… па роди уште еднаш. Сања го стави својот живот на чекање. Не се дочека себеси.

Тетка Вања има 71 година и од минатата учи да свири на клавир. Тешко ѝ e, вели дека зглобовите не ја слушаат како што би сакала. Но таа конечно го слуша своето срце, кое ја тера да почне да свири без оглед колку ќе ја има.
Колку многу работи сме ставиле на чекање само затоа што сме родители? Само затоа што сме нечии деца, сопруги, невести, сестри? Колку пати сме се согласиле да бидеме нечија потпора додека ни себеси не сме се составиле во смисла на личен интегритет? Кога сме одлучиле своите соништа да ги ставиме на чекање? Кога престанавме да се бараме себеси?

Животот лета, еден час од детството на трае исто како на возрасна доба. Стрелките пркосно го вртат научениот круг. Повторно и повторно. Има многу обврски и на моменти се чини дека Земјината топка се врти толку брзо што ни го забрзува чекорот, исфрлајќи нè од самите себе.

Но ние знаеме подобро од тоа, зарем не?

Знаеме што ни ги буди сетилата и во кои точно судири на микромоментите, навидум случајни, ја слушаме сопствената душа како почнува да пее.
Музика, филм, костими, песни… писма, белешки, поезија, танц… грнчарство, готвење, дизајн… летање змејови на ветер, планинарење… толку многу работи собира во едно најобично „денес“. Ако денес избереш да тргнеш барем на чекор поблиску до себе.
Кога, ако не сега?
Имаме денес. Кое ќе ги докаже сите „вчера“ и ќе ги покаже сите „утре“.

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во настава за деца со посебни потреби

 



912

X