Обично сметаме дека бојата на очите е една од главните физички карактеристики што нè дефинираат и дека тие се дел од нашата личност исто како и обликот на нашиот нос или на нашите уши. Тоа е и карактеристика која може да остави длабок и траен впечаток кај нас. На пример, докажано е дека бојата на туѓите очи влијае врз тоа колку веродостојни ги сметаме другите луѓе.

Сепак, бојата на нашите очи не е константна во текот на животот. Всушност, постои широк спектар на надворешни фактори кои можат да влијаат врз тоа, од физички повреди до прекумерно изложување на сонце. И понекогаш се чини дека бојата се менува сосема спонтано, сама по себе.

Според некои научни студии, дали бојата на очите на бебето ќе се промени или не, во голема мера зависи од самата боја. Истражувањето предводено од Каси Лудвиг, офталмолог од Институтот за очи „Бајерс“, на Универзитетот Стенфорд во САД, следело 148 бебиња родени во детска болница во Калифорнија, документирајќи ги боите на нивните ириси при раѓањето. Речиси две третини од бебињата се раѓаат со кафеави очи, додека една петтина се раѓаат со сини очи.

Зошто се менува бојата на очите кај бебињата?

Две години подоцна, Лудвиг и нејзините колеги откриле дека од 40 синооки бебиња до двегодишна возраст, 11 имале темнокафеави очи, три светлокафеави очи и две зелени очи. Од 77 бебиња со кафеави очи, речиси сите – 73 од нив – сè уште имаа кафеави очи до нивниот втор роденден. Затоа, се чини дека сините очи многу почесто ја менуваат бојата во раната фаза од нашето растење. Но, зошто се случува ова?

На еден дел од одговорот упатува и фактот дека очите на бебињата чија боја се променила главно станувале потемни, а не посветли. Во истражувањето на Каси Лудвиг, една третина од бебињата имале промена на бојата на очите во првите две години од животот, а најчеста промена била тоа што очите станале потемни. Само кај пет од 148 бебиња (3,4 отсто) било забележано дека нивните очи станале посветли со текот на времето. Овој процес на потемнување може да се должи на акумулацијата на заштитен пигмент во ирисот.

Таквата релативно честа и здрава промена на бојата генерално се јавува само во раното детство. Во друга американска студија, во која научниците следеле повеќе од 1.300 близнаци од раното детство до зрелоста, бојата на очите обично престанала да се менува до шестата година од животот, иако во некои случаи (10-20 отсто) бојата продолжила да се менува за време на адолесценцијата и зрелоста. Кај близнаците кои не биле генетски идентични бојата на очите почнала да се разликува дури подоцна во животот.

Тоа укажува дека постои и генетски елемент кој влијае врз тенденцијата за промена на бојата на очите, вели Дејвид Меки, професор по офталмологија на Институтот „Лајнс ај“ на Универзитетот во Западна Австралија.

Откако се заинтересирал за феноменот на промена на бојата на очите, Меки утврдил дека овие две студии се повеќе или помалку сè што истражувачите направиле на оваа тема. Притоа, тој слушнал анегдоти според кои не е невообичаено родителите да очекуваат очите на нивните бебиња да се променат.

– Наидувате на слики од некои деца кои се русокоси кога се бебиња, но кога ќе пораснат косата им станува темнокафеава. Пигментот во косата може постепено да се зголемува со текот на времето, а тоа веројатно се случува затоа што клетките кои го создаваат пигментот се акумулираат во сè поголем број и потоа мигрираат во тој дел од телото – вели Меки.

Сличен процес може да биде одговорен за бојата на очите, бидејќи поголеми количини на пигмент се создаваат во првите неколку месеци или неколку години по раѓањето.

– Главниот пигмент во очите е меланин, така што зачестеноста на различните бои на очите зависи од тоа како меланинот е дистрибуиран во популацијата. Едноставна категоризација би одела вака: сини очи – некои луѓе велат дека постојат и сиви очи, но тоа е всушност само варијанта на сино – потоа разни комбинации на светлокафеава и зелена, потоа кафеава, која може да биде или посветла или многу темна нијанса. Сето тоа зависи од количината на меланин – вели Меки.

Извор



912

X