Дали малата детска мисла ќе порасне во голем креативен ум ако расте во почва на колективизам, проектизам, родителско докажување, споредби и контрола? Големо не! Малата детска мисла бара слобода на изразност, прифаќање и уважување.
За да порасне малата детска мисла, треба да каже: „Имам право на свое мислење“, а средината тоа да го истакне и поддржи. Но на средината ѝ е полесно да го сузбие и репресира за да произведе колективни слепи послушници. Тогаш веќе ќе нема ниту креативен ниту критички ум.
Зошто тогаш споредбата е крадец на радоста во детската душа? Затоа што кога родителите се фокусираат на однесувањето, постигнувањето и изгледот на другите деца, нивното дете станува обесправено, обесхрабрено, незадоволно и љубоморно. Споредувањето на вашето дете со другите, вклучувајќи ги и браќата и сестрите, не е само непродуктивно, туку води и до мноштво негативни убедувања и размислувања за себеси.
Децата споделуваат дека не сакаат да комуницираат со своите родители бидејќи тие многу повеќе поставуваат прашања за тоа како се другите: Што доби другар ти на тестот? Што му кажа учителката нему? отколку прашања за тоа како се навистина тие. Стануваат несигурни, анксиозни и постојано го огрдуваат својот изглед бидејќи научиле дека критериум за тоа кој/која сум се другите и по нив треба да се мерам. Тоа води кон едно животно сценарио „Јас морам да бидам некој друг“.

Вистината е дека сите деца се посебни и автентични на свој начин.
Прифаќањето на детските предиспозиции, ниво на развој, постигнување и прифаќањето на детската засебна мисла ја неутрализира споредбата и ве предизвикува да го запознаете вашето дете точно онакво какво што е, прифаќајќи го целосно. Ова не бара да ја сакате секоја особина кај вашето дете, туку бара да направите простор за оние што не ги сакате. Запрашајте се зошто баш тоа не ми се допаѓа и ми е крајно неприфатливо кај моето дете? Запишете на хартија. Потоа прашајте се како ова нешто има врска со мене. Веројатно ќе најдете нешто свое. Запомнете, безусловната љубов и прифаќањето се темел на родителски вештини. Не се потребни книги и прирачници за родителство, потребна е само вашата чиста душа.
Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца