– Мамо! Мамо? МАМО! Маааамооо! – да, децата се многу креативни. Еден збор можат да го изговорат на илјада различни начини во само еден ден. Моето четиригодишно дете неодамна ме праша: „Како се викаш?“ Се смеев, но и малку се загрижив. – Кети – му реков. – Па знаеш!
Чекај, дали навистина го заборави моето име? Не можам да го обвинам. Често во текот на играта тој вели: – Мама, а јас му велам: – Тоа е моето име, немој да го потрошиш.
Но, навистина беше истрошено. Поважно, јас бев истрошена.
Така, пред некоја вечер мојот сопруг си дојде дома и се поздрави со сите. На крај дојде до мене и ми рече: – А како си ти, мамо?
Му го дадов бебето в раце и му реков: – Одам да се истуширам.
Во бањата се погледнав во огледало и си реков: – Кети, Кети, Кети.
Ѝ се јавив на другарка ми и молчев додека не рече: – Кети, еј Кети? Тука си?
Да, помислив со олеснување. Уште сум тука.
Станува збор за тоа дека кога си мајка, ти си всушност сѐ. Мораш да бидеш сѐ. Решавач на проблеми, шефица, учителка, судија, пронаоѓач на изгубени работи. И се очекува сите тие работи да ги извршуваш на високо ниво. Бидејќи одгледуваш човечки суштества. Покрај сето тоа мораш да обрнеш внимание и на себе, прво себеси да си ја ставиш маската за кислород, бидејќи среќната мајка одгледува среќни деца. Единствено што, понекогаш, да не се заборавиш себеси е уште една работа што треба да ја додадеш на списокот.
Немојте погрешно да ме сфатите, обожавам што сум мајка. Имам четири деца што ги обожавам. Еднаш една бремена пријателка ме праша како е да се биде мајка. Внимателно избрав зборови за да не ја исплашам.
– Да се биде мајка подразбира многу моменти. Сите тие моменти имаат различна тежина. Искрено, повеќе има лоши моменти отколку добри. По цел ден некој фрла разни работи на тебе. Понекогаш и буквално. Но, потоа се случува некој многу значаен момент. Како, на пример, првата насмевка и првите зборови: „Те сакам, мамо“. Или чувството на малите рачиња околу твојот врат. Или очите што те гледаат значајно, бидејќи ти си му цел свет. И тие моменти се многу поголеми и поубави од другите.
Но, да се биде мајка е многу тешка работа и тоа е факт. И затоа еден ден одлучив да дадам отказ од таа позиција.
Не сум сигурна кој момент точно доведе до таа одлука. Можеби тоа беше кога моето седумгодишно дете почна да плаче бидејќи погрешно го пресеков портокалот. Или кога мојата осумгодишна ќерка ја тресна вратата и викна дека ме мрази.
– Давам отказ – си реков.
Отидов во собата и седнав на креветот обидувајќи се да сфатам што значи тоа. Дадов отказ од работа на која не смееш да дадеш отказ. Не сакав да одам. Моите мали колеги ме исцрпуваа. Но, премногу ми недостигаа.
Едноставно завршив со родителството и со тоа дека сум само мајка. Се погледнав во огледало и се запрашав: – Која беше ти пред да те наречат мама? Не знам.
Тешко прашање. Претешко.
– Што сакаше да правиш?
Сакав да цртам. Се сеќавам на тоа. Бев уметник. Многу пишував и цртав.
Отидов и зедов стар прибор за цртање.
– Мамо, ќе цртаме? – ме праша ќерка ми.
– Нема да цртаме ние, туку јас – реков.
Се збуни. Потоа ме праша дали може да јаде сладолед. – Секако – ѝ реков. Ме погледна како да ми порасна друга глава.
– Но, сега е 9:30 часот. А ти велиш дека не можам да јадам сладолед додека не ја напишам домашната – рече таа.
– Молам? Можеш да изедеш еден ако сакаш – веќе со мислите бев на друго место.
– Досадно е, сакам надвор, но врне дожд – плачеше моето седумгодишно дете.
– Оди скокај на креветот – ѝ реков.
– Но, не смееме да скокаме по мебелот – одговори таа.
– Денес можете – реков.
– Ауу, мама полуде – викаа наглас. Јас се насмеав.
Кога мојот сопруг дојде од работа, куќата беше хаос. Ме праша: – Дали знаеш дека нашето дете трча голо во калта?
– Да, знам. Не сакаше да се облече и реков супер, помалку алишта за перење – му одговорив.
– Добро. Кети, што правеше денес? – ме праша, гледајќи го хаосот низ куќа.
– Сликав. Цел ден сликав – реков јас смеејќи се како манијак.
– Добро – рече тој. – Добро.
– Што има за вечера, мамо? – ме прашаа децата.
– Имате виршли и помфрит – реков јас, а моето четиригодишно дете ме погледна возбудено, но сепак ме праша со доза на недоверба: – Ама велиш дека мораме да јадеме храна со боја на виножитото. Каде е таа?
– Тоа е златна боја на виножитото, со малку црвена. Уживај – му реков.
Таа вечер си легнав чувствувајќи како да сум старата јас многу повеќе отколку во последните неколку години. Знаев дека не е одржливо. Знаев дека моите деца мора да се облечат и да јадат зеленчук. Но, понекогаш ќе си земам „слободен ден“ и само ќе го одработам родителството.
Тоа ви го препорачувам на сите. Дајте отказ на само еден ден.
Бидејќи, колку и да сте среќни, и колку и да е привилегија и дар родителството, важно е да запомнете – вашето име не е мама.
Автор: Кејт Шамбл