Има многу работи што децата не умеат да ни ги кажат со зборови. Па наместо тоа, викаат, се лутат, можеби прават сцена и се хистерични. Она што родителите некогаш го толкуваат како неблагодарност, разгаленост, безобразлук, всушност е само неизговорен збор кој стои во грлото, а детето не умее да го препознае и да го каже.

Ова се некои од работите кои, доколку се емоционално созреани и вербално способни, децата сигурно би ги кажале:

– Не викајте ми. Тогаш се плашам од вас и мислам дека ако ми викате, сигурно нешто не е во ред со мене.

– Слушајте ме. Кога ви зборувам за она што ми е важно, погледнете ме в очи. Тогаш чувствувам дека моите прашања се важни.

– Пуштете ме да растам и да учам со свое темпо. Не терајте ме да правам работи за кои сè уште имам време. Запомнете дека сум дете и дека светот најдобро го откривам преку игра.

– Сакам кога поминувате време со мене. Кога сте расположени, играте со мене, се смееме и создаваме убави спомени кон кои како возрасна личност секогаш ќе се навраќам кога ќе ми треба утеха.

– Не споредувајте ме со моите браќа и сестри или врсници. Тогаш се чувствувам лошо и почнувам да верувам дека сум доволно добар само ако сум како некои други. И почнувам да зависам од вашите пофалби.

– Прегрнете ме кога сум тажен. Пуштете ме да плачам. Немојте да ми зборувате дека момчињата не плачат, дека сум плачко и дека би требало да бидам добро расположен. Моите чувства се вистински, ништо помалку од вашите.

– Научете ме да се грижам за своите потреби така што вие ќе се грижите за своите. Наспијте се, одморете се, занимавајте се со вашите интереси, запознавајте пријатели. Покажете ми дека да се биде родител и да се поминува време со детето, може да биде извор на радост. Навистина не сакам да гледам како страдате и се жртвувате за мене, дека сте фрустрирани бидејќи немате време за ништо. Тогаш се плашам дека тоа е поради мене.


– Останете со мене кога се плашам. Не исмејувајте ги моите детски стравови. Кажете дека и вие некогаш сте се плашеле од мрак и оставете ме да ја држам ламбата вклучена покрај креветот.

– Сакајте ме поради тоа што сум. Не затоа што брзо трчам, рецитирам песни и сум „пристоен“. Сакајте ме и кога ќе погрешам и кога ја барам вашата поддршка. Потребно ми е да бидам сигурен дека ме сакате и кога работите ќе тргнат на лошо.

– Покажете љубов еден кон друг. Од вас учам да решавам судири, се носам со тешки ситуации и разбирам што е вистинска љубов.

– Сетете се дека најверојатно ќе ги усвојам вашите уверувања за себе, за другите луѓе, за животот. Одвојте време да размислите дали вашите уверувања се вистинити и дали ќе ми направат добро. Ако мислите дека луѓето се лоши и ги искористуваат другите, животот ќе ми биде потежок и недоверлив. Ако мислите дека сум несмасен и безобразен, тоа и јас ќе го мислам за себе. А потоа ќе ми биде тешко да станам подобар.

– Знам дека ме сакате и дека давате сè за мене. Покажете ми дека лошите денови и малите пропусти се дел од животот. Извлечете заклучоци, водете сметка за својата благосостојба и простете си себеси. Благодарение на тоа, ќе научам и јас да си простам кога ќе згрешам нешто и да се кренам кога ќе наиде лош ден.

– Насмевнете ми се. Ме смирува вашата искрена насмевка. Тогаш се чувствувам сигурно и сакано.

Со љубов,
вашето дете.

Извор



912

X