Квалитетниот однос на родителите е основата што ја поставувате во воспитувањето на своите деца од моментот кога ќе го здогледаат овој свет. Еден показател на така здрав однос е кога на животните проблеми парот им пристапува како тим. Добри времиња, тешки времиња, домашни задачи, стрес на работа и во семејните односи, на сè пристапуваат со менталниот склоп – НИЕ: Бременоста е почеток на создавање семејство, период во кој не сте повеќе само вие и партнерот, туку е вклучено уште едно живо битие – дете кое се развива во матката и кое сè уште не го здогледало светот, а тој ден ќе дојде многу брзо. Иако е бремена само жената, важно е и двајцата партнери да учествуваат во бременоста и да ја направат заедничко искуство.

Заедно на гинеколошки прегледи

Заедничкото одење на лекар е важен дел од родителството, односно бременоста. Исто така, и двајцата имате можност од прва рака да ги дознаете сите информации за текот на бременоста, да разговарате со лекарот, да поставувате прашања и да барате одговори. Посетата на гинеколог нека ви биде вид состанок, потоа прошетајте, одете на сладолед, ручек, издвојте време за да си ги кажете своите впечатоци од прегледот. Направете ги посетите на лекар интересни, некогаш ќе дознаете нови детали, а некогаш тоа ќе бидат мали вести, но ете можност да се поврзете како партнери и да го продлабочите својот однос.

Бидете активни и вежбајте во пар

Да се биде физички активен за секого значи нешто друго. Секоја трудница пред да почне да прави вежби треба да се консултира со својот лекар, но главно ако била физички активна пред бременоста, ако е бременоста без поголеми тешкотии, секоја вежба на телото е добредојдена. Дури и ако не била физички активна, повеќето лекари препорачуваат лесна до умерена телесна активност, како што се пешачење, пливање или пилатес. Идеално е како пар да воведете некоја активност во која заедно ќе уживате.

Реализирајте активности за да се поврзете

Ова главно се однесува на идните татковци. Идната мајка е зафатена, во неа расте ново лице, а бременоста е тешка состојба за целиот организам, исполнета е со хормонски промени, промени во расположението, утрински мачнини, дебелеење, тежина во нозете…Затоа, на жената ѝ требаат посебна грижа и внимание, кои позитивно ќе ѝ влијаат. Идни татковци, правете убави нешта – бидете нежни, изненадете ја партнерката со убав подарок, отворено покажувајте ја љубовта и својата приврзаност…

Уживајте во сексот

Некои жени се плашат да имаат сексуални односи во текот на бременоста, на некои едноставно им паѓа либидото и немаат ниту потреба ниту желба, а некои уживаат во сексот. Сексот во текот на бременоста е сигурен и е начин како да уживате со партнерот и уште повеќе да се зближите. Разговарајте за своите потреби и желби и бидете отворени. И, се разбира, покажувајте си ги чувствата.

Разговарајте

Паровите што се долго заедно често прават голем грешка – мислат дека знаат сè еден за друг и дека немаат што да си кажат ново. Но, секој ден се менуваме како личности и имаме нешто ново да кажеме за себе. Разговарајте за своите планови, соништа, стравови, за тоа како го замислувате животот по бременоста, дали се плашите од родителството – разговарајте отворено и искрено. Заедно проучувајте содржини за бременоста и родителството, планирајте ја исхраната, организирајте ги обврските по враќањето од родилиштето, градете ги своите ставови за воспитувањето.

Бидете подготвени на компромиси

Откако сте ги запознале потребите на партнерот, обидете се да бидете флексибилни. Односот на две лица е динамичен и бара континуирана работа и вложување. Преку односот луѓето се менуваат на подобро, стануваат подобри варијанти од себеси. Убаво е тоа патување да го правите во љубов и разбирање. Изградете ги темелите на своето семејство преку партнерски однос и дочекајте ја приновата подготвени. Родителството и така е предизвик кој трае цел живот. Ако вие, како родители, изградите однос кој ги отсликува толеранцијата, љубовта, комуникацијата, детето од вас ќе ги научи основните животни вештини…

Извор



912

X