Ова е колумна на популарна српска блогерка која пишува под псевдонимот Немајка. Се претставува како обична смртничка, далеку од совршена жена или мајка која живее во 21 век, а се ежи од реченицата „Ништо нема да му фали“

Не, драга, всушност се омажив за вистински маж!

Гледаш, драга, тоа што ти го сметаш мојот маж за папучар многу кажува за тебе и за профилот на мажи што те привлекуваат. Веројатно такво однесување си гледала во домот во кој си пораснала, па си научена дека е нормално мажот да биде само украс во својот дом. Но, не е драга, верувај дека тоа не е нормално. Јас навистина не сум виновна што во твојот ум е всадено дека вистинскиот маж е оној што ќе те оплоди, кој работи, гледа телевизија и дека само неговиот придонес е важен во семејството. Или, да удри со дланката по масата кога нешто не е по негово. Камо среќа да удира само во масата… Малку и ми е жал за тебе, драга.

Гледаш, ти велиш дека мојот маж е папучар бидејќи учествува во домот, учествува во своето семејство и поминува време со него. За тебе мојот маж е папучар бидејќи не послужил само како плоден бик, па отишол некаде да се залева со пиво. Јас не ги раѓам децата за себе – туку за нас. Семејството не го создадов јас, семејството го создадовме ние двајца.

Не се најдовме тука случајно, па да не знаеме што нè снашло, тука сме многу, многу намерно. Не го „фатив“ заради бременоста како во некоја мексиканска сапуница, па се оженил со мене сосила, а сега треба да се шутирам во задникот од среќа (да ми простиш) ако повремено ме погледне или не ги соблече чевлите внатре.

Сите обврски ги делиме, а тој мене не „ми помага“, тој е полноправен член на семејството! Затоа и треба да учествува во сè, почнувајќи од децата, па сè до обврските околу домот. Да, мојот „папучар“ знае да користи и правосмукалка, замисли! Твојот „маж“ уште не знае ни врвките да ги врзе како што треба, бидејќи заминал од својата мајка, а уште ни пелените не ги извадил.

Кога велиш „блазе мене“ што имам папучар, не знам дали се потсмеваш или не (а веројатно се потсмеваш), а верувај драга дека треба да биде обратно: Ти си таа што е робинка на својата куќа, децата, мажот. Мене тоа, всушност, не ми е за потсмев, ни малку, дури ми е жално.

Утре, драга, ќе воспитуваш машко дете да биде мажјак како тој твојот „маж“, а не си ниту свесна дека го учиш и тој, како и татко му, да биде разгален, саможивен, кој е „оженет, ама како момче живее“.

Тоа не е твојот маж, туку несозреано момче.

Утре ќе го научиш твоето машко дете од својата жена да направи роб. Или, ако воспитуваш женско, воспитуваш идна робинка и некој што можеби ќе молчи на удирање шлаканица. Дали навистина сакаш децата да ти пораснат во такви луѓе?

Ако мислиш дека работите така треба да функционираат, тогаш ти предлагам да измислиш времеплов и да се вратиш некои 140 години наназад. Среќно во креирањето на тој изум, драга.



912

X