Остерик, Холандија – десет часот навечер, автомобил застана на почетокот од шумата. Вратите се отворија и од автомобилот излегоа три деца: две русокоси момчиња од 12 години и девојче од 15 години со плетенки и ранец со емотикони. Возачот потоа даде гас и забрза.

Трите деца беа толку мали додека одеа низ пространата шума, километри подалеку од летниот камп каде што беа сместени. Го следеа стариот ГПС-уред кој им покажуваше во која насока треба да одат. Беше мрак. И беа сами. Ја набљудуваа темницата: дали ова е вистинскиот пат?

„Би можело да биде“, рече Томас, водичот на екипата.

Потоа тргнаа низ шумата.

Оваа холандска традиција подразбира децата во преттинејџерска возраст да се оставаат во групи во шумата од каде што треба сами да го најдат патот до базата. Би требало ова да биде предизвик, а авантурата обично почнува околу два или три часот наутро.

Во некои варијанти од предизвикот донекаде инспириран од воени вежби возрасните ги следат децата, но не им помагаат да се снајдат, иако понекогаш како траги им оставаат шифрирани пораки. За предизвикот да биде потежок, организаторите понекогаш им ставаат на децата превез околу очите додека да ги одведат до местото од каде што почнува нивната потрага. Понекогаш дури и се кријат во грмушките и прават звуци како диви животни.

Ако ова ви звучи лудо, тоа е затоа што не сте Холанѓанец. Тие поинаку го перципираат детството. Децата се учат да не зависат претерано од возрасните, а возрасните се учат да им дозволуваат на децата сами да ги решаваат своите проблеми. Предизвикот во шума, таканаречен „дропинг“, ги претставува овие принципи во екстремна форма и се води од идејата дека дури и за децата што се изморени, гладни, дезориентирани, возбудливо е да бидат водичи. Возрасните имаат убави сеќавања од своите шумски авантури.

Рик Удега, 22-годишен водич на извидници, се потсетува како го сопрела полиција бидејќи возел по еднонасочна улица до местото од каде што децата требало да тргнат во потрага. Срцето му прескокнало бидејќи направил нешто што е противзаконско. Полицајците погледнале на задното седиште каде што имало четири деца со врзани очи, што исто така, како што вели Удега, не е дозволено. Се обидел да остане смирен и накратко објаснил каде тргнал. „Полицајците се погледнале, а потоа се насмевнале и рекле: „Имајте пријатна вечер. И обидете се да се држите до правилата“.

Децата во Остерик влегле во шумата, а од земјата се ширел мирис на борови дрвја. На небото се појавила месечината. Неколку минути се слушале автомобили од патот, но вревата набрзо престанала. Таа ноќ во шумата првпат тргнал Стијн Јонгенвард, 11-годишно момче кое тврди дека научило англиски јазик од играта „Мајнкрафт“ и „Хаваи Пет-0“. Дома, слободното време го поминува пред својот „плејстејшн“. Неговата мајка Тамара вели дека дошло време тој да се научи на одговорност и дека „дропингот“ е прв чекор кон тоа. „Стијн има 11 години. Временската рамка во која можеме да го научиме нешто полека се затвора. Влегува во адолесценција, а потоа ќе мора сам да одлучува за својот живот“.

Бидејќи оделе околу половина час, свртиле од патот подлабоко кон шумата, а потоа застанале неколку минути. Десет метри подалеку нешто шушнало во грмушките и децата се преплашиле. Елен. Ваквите извиднички авантури се нормален дел од детството кај Холанѓаните, во толкава мера што тие речиси по правило се изненадуваат кога некој ќе ги праша за тоа.

Пиа де Јонг е книжевник од Холандија која своите деца ги одгледала во Њу Џерси, а наведува дека оваа традиција одразува еден дел од филозофијата за родителството својственa за Холанѓаните: „Едноставно пуштете ги децата во реалниот свет. Се разбира, погрижете се да не умрат, но сето друго зависи од нив, мора самите да го најдат својот пат“.

Пиа де Јонг (58) почнала да го преиспитува врежаното мислење дека оваа традиција е забавна. „Замислете дека сте се изгубиле и немате поим каде треба да одите. Можеби сте изгубени десет часа, можеби цела ноќ, немате претстава, доцна е и долго сте оделе, а и сите се малку исплашени“, вели Пиа.

Потоа замислено застана. „Не мислам дека е всушност убаво тоа да им се прави на децата“, додаде таа.

Децата што оделе во шума во 2011 и 2014 година биле повредени во сообраќајни несреќи додека лутале по патот. Оттогаш оваа практика е построго регулирана. Тимот на децата носи мобилни телефони во случај на нужда, а извидничките здруженија налагаат учесниците да носат заштитни костими заради видливост и им даваат насоки. Извидничките водичи неодамна разговарале за тоа и како детството сега е „помеко“ од порано.

„Општеството се менува“, вели Удега, но основата на оваа традиција е иста. „Така се чувствувате како да сте главни“. Стијн и други две деца пешачеле три часа, до еден часот по полноќ. Биле премногу исцрпени за да разговараат.

Поминале 15 минути и уште 15 и немало никакви знаци дека се во близина на кампот.

„Моите родители сега спијат“, рекол Стијн. „Мојата сестра спие. Мозокот ми е изморен. Стапалата ми се изморени“.

Едно момче се откажало уште на половина пат, а тоа како да ги поттикнало другите да стигнат до целта. На половина пат децата добиле грицки и вода, но за возврат морале да се откажат од ГПС-уредот. Сеедно, никој не жалел за тоа. „Продолжувам“, рекол Стијн. „Не знам зошто, но продолжувам“.

Околу два часот по полноќ конечно стигнале до кампот. Запалиле оган и зготвиле колбаси. Ја изеле вечерата, некое време го набљудувале огнот, а потоа отишле во шаторите.

Кога се разбудил следното утро, околу 11 часот, Стијн се сметал за ветеран. Веќе не му недостигал „плејстејшнот“. Еден ден, кога ќе има свои деца, вели дека и нив ќе ги испрати во ваква авантура.

„Тоа ве учи дека и тогаш кога е најтешко, треба да продолжите напред, да продолжите да одите. Никогаш порано не сум морал да го направам тоа“, вели Стијн.

Автор: Елен Бери, „Њујорк тајмс“



912

X