Не постои совршен родител, а на децата не им е потребно совршенство. Доволно е што покрај себе имаат мајка и татко кои не се плашат да ја прифатат одговорноста за своите грешки и кои се подготвени да учат и да работат на себе. Така децата усвојуваат модел на однесување кој им овозможува да прават грешки и да знаат дека правењето грешки не е страшно, сѐ додека не научат нешто од тие грешки и сѐ додека растат како поединци. Родителите што имаат позитивна слика за себе и самодоверба оставаат таков впечаток врз своите деца, па со такви родители и самите деца учат да развиваат позитивна слика за себе.

Во следните редови ќе се обидам да одговорам на првото прашање. Иако не постои универзален рецепт кој 100 отсто ќе резултира со здраво и правилно воспитување на детето, постојат одредени моменти во однесувањето на родителите кои го зголемуваат успехот на родителството и го подобруваат односот помеѓу децата и родителите. Пред сѐ, условот е физичко и психичко здравје. Тоа не значи дека родителите што имаат некои здравствени проблеми се осудени на неуспех, туку дека ќе треба да вложат многу повеќе труд за успешно да ги завршат родителските задачи.

Успешни родители се оние што наоѓаат ефективни стратегии за справување со стресот од родителството со тоа што ќе најдат време и енергија за да поминат квалитетно време со своите деца. Тие поставуваат очекувања од нив во согласност со возраста и капацитетите на децата, ги поддржуваат и ги разбираат своите деца. Прекумерниот перфекционизам често води до невротичност, па стремежот сѐ во вашата врска со детето да биде совршено може да направи да пропуштите многу моменти на опуштено уживање со сопственото дете.

Емоционално зрелите родители знаат дека честопати ќе мора да ја стават благосостојбата на детето пред сопствената и по правило немаат проблем со тоа. Она што е важно да се разграничи е следното: Ако му е добро на моето дете, мора да ми биде добро и мене. Или, ако на моето дете му е добро, мене мора да ми е лошо, синдром на жртвување за сопствените деца типичен за Балканот. Но, ништо од тоа не гарантира успешно родителство. Вистината е дека успешен родител е зрела личност која е одговорна и постојано наоѓа начини соодветно да одговори на физичките и емоционалните потреби на детето.

Успешниот родител нема да има големи проблеми да ја приспособи дневната рутина на потребите на детето

Ниту, пак, ќе почувствува дека сосема потфрлил ако не успее да направи нешто што не е од пресудно значење. Ако на детето му треба, ќе се посвети на тоа наместо слепо да прави сѐ што треба да се направи тој ден. Секако, овде не зборуваме за тотално занемарување на секојдневните обврски, туку за чувството на поставување приоритети, од ден на ден. Во мојата терапевтска работа постојано среќавам изнемоштени родители кои мислат дека само уморен, хронично исцрпен родител е добар родител.

Успешниот родител е успешен токму затоа што нема да се двоуми да исполни некои од сопствените потреби

И не чувствувајте вина поради тоа. Децата бараат многу, љубопитни се и го бараат целото наше внимание. Поради работата, болестите и обврските кои се секојдневие, често не сме во можност на децата да им посветиме внимание колку што им е потребно. Успешниот родител дава колку што може повеќе од себе во тој момент, трпеливо и смирено, објаснувајќи му на детето зошто во моментот повеќе не може да му се посвети.

Успешниот родител е свесен дека децата најдобро учат со имитирање

Односно, со имитирање на сопствените родители. Не можеме да му браниме слатки на дете и да зборуваме за тоа колку е лошо, а потоа да му се препуштаме на благото секој ден. Децата повеќе веруваат во она што го правите отколку во она што го кажувате. Разговорот, се разбира, не е помалку важен, но клучно е тој да биде доследен на вашите постапки бидејќи во спротивно на детето му се испраќаат двосмислени, збунувачки пораки за тоа што е погрешно, а што е правилно.

Успешниот родител е среќен што е родител

Успешниот родител не мора да биде ентузијаст за проблемите и сите препреки на кои ќе наиде на патот, туку родителството е негова свесна одлука и тој е мотивиран да му даде на своето дете што е можно повеќе време и труд. Тој свесно избира да го стави своето дете како приоритет.

Целта на овој текст не е да направи оние родители што не ги исполнуваат сите ставки да се чувствуваат како да се на погрешен пат. Целта е да се поттикне секој родител да работи на себе, своите стравови и проекции, со цел да подигне психички и физички здрави потомци.

Извор



912

X