Сиромашниот град е последното место каде што би можело да се најде балерина.
За поранешната професионална балерина Аеша Аш, растењето во сиромашна заедница било сè што таа знаела, но тоа не ја спречило да ги исполни своите соништа.
Како млада девојка, Аеша, која е од Рочестер, Њујорк, сонувала да стане балерина. На 13 години била примена во Школата за американски балет и му се придружила на Балетот во Њујорк кога наполнила 18 години.
Аеша повеќе не настапува бидејќи се пензионирала во 2008 година, но сега сака да го искористи своето искуство и кариера за да им помогне на другите девојки со афроамериканско потекло да ги остварат своите соништа.
Во 2011 година таа го основала проектот „Лебедови соништа“, чија цел е да ја промовира уметноста на балетот во овие соседства за да ги смени стереотипите и заблудите за црнките.

Таа се сеќава колку клишеа имало околу жените во текот на нејзината младост и колку здодевни биле тие, па одлучила да се фотографира облечена во балетски фустан низ целиот Рочестер.
– Се сеќавам, додека растев, насекаде низ продавниците имаше слики од девојки во бикини на мотоцикли. Сакав да ги заменам тие фотографии што ги покажуваат црнките во поинакво светло – изјави таа за списанието „Денс“.
Аеша додава дека кога била помлада, сликата во Школата за американски балет од балерината Андреа Лонг, која е црнка, ја мотивирала, па сакала да го направи истото за жените.
Но, наскоро открила дека идејата за поставување слики од себеси на автобуските постојки и рекламните билборди не е во рамките на нејзиниот буџет – па затоа одлучила да излезе на улиците и да се претстави пред жителите.

Така, Аеша направи инспиративни фотографии што можат да се купат преку веб-страницата на проектот „Лебедови соништа“. Заработените средства се донираат во други организации кои исто така го промовираат балетот во етнички различни заедници.
– Преку фотографиите и мојата кариера како балерина сакам да помогнам да се променат деморализираните, објективизирани и карикатурирани слики од црнките, со тоа што ќе му покажам на светот дека убавината не е резервирана за одредена раса или социо-економска средина. Сакам оваа порака да се пренесе во светот на балетот и во целиот свет. Изложувајќи го балетот во афроамериканските заедници, се надевам дека ќе придонесам за поголема вклученост и зголемување на покровителството на оваа прекрасна уметничка форма.