Воспитување

Анксиозната приврзаност на детето се јавува како резултат на однесувањето на мајката

Психологијата препознава неколку модели на приврзаност на детето кон мајката. Кој модел во кој однос ќе се развие, зависи од мајката.

Избегнувачката приврзаност кај детето е резултат на раните искуства со мајка која не одговара на потребата на детето за блискост и е психолошки недостапна за него. Овие мајки ги отфрлаат потребите на детето за приврзаност, не сакаат интимен, контакт лице в лице, особено кога бебето го сака тоа. Тие можат да зборуваат за своето бебе со топли зборови, да бидат партнер во играта со него, да бидат грижливи за хранењето и заспивањето, но кога детето ќе покаже потреба од физичка и емоционална блискост, тоа станува заканувачко за мајката (бидејќи можеби и таа самата била отфрлена во детството). Таквите деца покажуваат малку или воопшто не покажуваат претпазливост околу непознати луѓе и стануваат вознемирени кога ќе останат сами.

Покажуваат недостиг на соработка, истражувачко однесување и емпатија, имаат лоши односи со врсниците, избегнуваат блиски емотивни врски, мислат дека емоциите не се важни, што настанало како резултат на одбранбено самозаштитно приспособување на очекувањето за отфрлање од страна на мајката во стресни ситуации. Ваквите возрасни лица покажуваат страв од интимност, не им веруваат на луѓето, се чувствуваат непријатно кога се блиски со другите, стануваат нервозни ако некој премногу им се доближи.

Анксиозната приврзаност настанува како резултат на однесувањето на мајката, во кое таа понекогаш одговара на потребата на детето за блискост и е достапна за него, а понекогаш е недостапна. Како резултат на тоа, овие деца ја перципираат мајката (т.е. фигурата на приврзаност) како неконзистентна, понекогаш поддржувачка, понекогаш неподдржувачка, што доведува до тоа да станат несигурни и исплашени, а сите возрасни фигури ги доживуваат како неверодостојни. Како последица на тоа, самодовербата на детето, како и мотивацијата за истражување на околината, ќе зависи од поддршката и одобрувањето на мајката. Оваа зависност од другите го отежнува развојот на соодветни емоционални врски и доведува до емоционална нестабилност и чувствителност на стрес. Анксиозно поврзаните возрасни лесно се заљубуваат и стануваат зависни од партнерот, постојано бараат одобрување од партнерот за своите постапки и се плашат да бидат напуштени.

Сигурно приврзаните деца, кои во фигурата за приврзаност имале сигурна основа, веројатно ќе можат да ги исполнат своите подоцнежни развојни задачи благодарение на своите способности, додека анксиозно и избегнувачко приврзаните деца ќе бидат помалку успешни во тоа. Тој однос е основата на која се градат сите понатамошни врски, како и капацитетот на детето да воспостави позитивни и хармонични односи во врските, бракот и пријателствата. Приврзаноста меѓу родителите и децата е основа и за подоцнежниот развој на приврзаноста кон сопствените деца, така што односот на детето со родителите силно влијае врз тоа каков родител ќе биде и самото дете подоцна, кога ќе порасне.

Повеќето родители имаат добро чувство за своето дете, тие интуитивно чувствуваат што треба да направат. Затоа, кога сте во дилема, правете го она што спонтано го чувствувате како родител. Понекогаш треба да се жртвувате (родителите на некои деца и почесто), но ако можете да изберете, намалете ја жртвата на најмала можна мера – подобро изберете нешто во што уживате: играјте или пејте, разговарајте или комуницирајте на други начини со детето, но комуницирајте – затоа што тоа е најважно за здраво растење.

Автор: м-р Дарко Самбол/ проф. психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top