Анемијата или слабокрвноста, при која страдаат сите органи поради недостиг на кислород, се јавува во повеќе видови и може да биде наследна или стекната во текот на животот

При анемија страдаат сите органи поради недостиг на кислород. Се јавува општа слабост, чувство на хроничен замор, намален апетит, вртоглавица.

Анемија, или пошироко позната како слабокрвност, е нарушување што се карактеризира со намален број црвени крвни зрнца (еритроцити), односно со недостиг на крвен пигмент (хемоглобин). Хемоглобинот, кој е составен дел од еритроцитите, по состав е протеин кој го пренесува кислородот од белите дробови до ткивата. За нормална функција на човечкиот организам, неопходно е квалитетно снабдување на органите и ткивата со кислород. При анемија страдаат сите органи поради недостиг на кислород. Се јавува општа слабост, чувство на хроничен замор, намален апетит, вртоглавица.
Постојат повеќе видови анемија. Најчесто застапен тип е анемија поради недостиг на железо – сидеропениска анемија. Железото е неопходно за создавање на хемоглобинот. Ова анемија најчесто се јавува како резултат на несоодветна исхрана. Друг вид е мегалобластна анемија, кога има необично големи црвени крвни зрнца и се јавува како резултат на недостиг на витамин Б12, т.е. фолна киселина. Кај хемолитичната анемија еритроцитите имаат генетски дефект што предизвикува нивно предвремено распаѓање.

– Некои анемии се наследни, а некои се стекнуваат во текот на животот. Српестата анемија е наследно заболување кај кое еритроцитите имаат форма на полумесечина или срп, наместо вообичаената овална форма. Таквите црвени крвни зрнца немаат доволно хемоглобин, а поради абнормалниот облик, може да ги затнат тенките капилари и да го загрозат животот.
Пернициозна анемија се јавува поради недостиг на витамин Б12 и најчесто е резултат на неспособност на организмот да го ресорбира витаминот преку тенкото црево, иако тој доволно се внесува преку исхраната. Се јавува главно кај постарата популација.

Физиолошка анемија

Кај новороденото и малото доенче анемијата може да е физиолошка, нормална појава поради засилено разградување на вишокот еритроцити со кој детето се раѓа. Најчеста е во вториот или третиот месец од животот бидејќи еритроцитите настанати во феталниот период живеат само 60-70 дена (нормално е 120), волуменот на крв брзо се зголемува бидејќи детето брзо расте, а новите еритроцити побавно се произведуваат.
Кај доносените деца што се хранат со мајчино млеко не е потребна посебна терапија. Примена на препарати со железо доаѓа предвид само ако претпоставуваме дека кај детето резервите на железо се мали, на пример, поради јака анемија кај мајката во текот на бременоста.
Кај предвремено родените деца, без оглед на квалитетот на исхраната, треба да се започне со терапија со железо по првиот месец од живот. Кај нив бројот на еритроцитите и количината на хемоглобинот се намалуваат побрзо отколку кај терминските деца, обично веќе од 3. до 6. недела од животот. Оваа терапија се дава и кај сите деца со мала родилна тежина, близнаци, деца од повеќеплодна бременост, како и доенчиња кои имале перинатално губење на крв.

Сидеропениска анемија

Оваа анемија, која се јавува поради недостиг на железо, е најчеста во детската возраст. Најчесто причина за нејзина појава е недоволен внес на железо преку храна, но може да се јави и при скриено или видливо крвавење. Не треба да се занемарат и хроничните инфекции, особено уринарните предизвикани од бактеријата ешерихија коли која го користи железото за својот метаболизам.
Во текот на првите шест месеци од животот детето се храни со млеко, мајчино или адаптирано, богато со многубројни хранливи материи кои се од основна важност за негов развој, но мошне сиромашно со железо. До овој период потребите од железо се покриени со резервите во црниот дроб, кои се создадени во последната фаза од бременост.

– Ова значи дека кога резервите ќе почнат да слабеат, важно е во исхраната на детето да се воведе храна богата со железо. Кај предвреме родените деца резервите на железо се помали бидејќи немале време да ги создадат. Кај нив веројатноста за појава на анемија е поголема, па педијатарот обично одредува терапија.

Спречување и лекување

Превенцијата на анемијата треба да почне уште во текот на бременоста. Идната мајка треба да има добра крвна слика, здраво да се храни и да внесува доволна количина витамини неопходни и за неа и за детето. Ова ќе овозможи создавање на добри резерви на железо кај детето во првите 5-6 месеци од живот.
Доењето е вистински начин да се спречи оваа анемија. Таа е поретка, а се јавува и подоцна кај децата што цицаат во однос на оние што се на исхрана со кравјо млеко. Превентивното давање препрати на железо кај ризичните групи (недоносени деца, близнаци, деца со мала родилна тежина, деца од мајки со анемија во тек на бременоста) го намалува ризикот од појава на анемија.
Се советува да се јаде разновидна храна и да се внесат во исхрана намирници богати со железо како и оние што ја помагаат неговата апсорпција. Главни природни извори на железо во храна се: месо, риба, црн дроб, жолчка од јајце, зелен листест зеленчук (особено богат со железо е листот од магдонос), мешунки, свежо овошје. Железото од сите видови меса како хем-железо значително подобро се искористува од нехем-железото кое се наоѓа во зеленчукот. Дневните оброци треба да содржат доволна количина на свежо овошје и зеленчук. Тие содржат витамин Це, кој ја подобрува апсорпцијата на железо. Кафе, чај, какао, кока-кола и напитоци кои содржат кофеин, теобромин и танин треба да се пијат 1-2 часа пред или по оброкот бидејќи тие материи ја отежнуваат апсорпцијата на железото. Ресорпцијата ја отежнува и храна богата со растителни влакна, како што се житариците, а и млекото. Значи, со месо треба да се пие сок, а да се избегнува комбинација на месо со житарици и млеко.
Ако не е можно да се внесат доволни количини на железо со храна, потребно е да се користат препарати од железо за превенција или терапија на анемија. Се користат разни препарати на железо. Иако резултатите од лекувањето релативно брзо се гледаат (по 2 седмици), терапијата треба да продолжи уште 1 месец по нормализирање на крвната слика за да се наполнат резервите на железо во организмот.

– Сидеропениската анемија е многу почесто заболување во нашата популација отколку што се мисли. Причина за висок процент на анемии кај нас се лошите навики на исхрана на општата популација.

Како да се препознае анемично дете?

Кај малите деца анемијата најчесто се открива случајно, по земање анализи, бидејќи не знаат да ги објаснат проблемите што ги чувствуваат. Бледото лице не мора да биде знак за анемија. Бојата на кожата зависи од нејзината дебелина, пигментација и прокрвеност. Ако освен лицето, бледи се и усните и кожата под ноктите, би можело да се работи за анемија. Тука се и други симптоми: работата на мозокот и мускулите е побавна зашто примаат помалку кислород, па се јавува замор, раздразливост, слаб апетит и незаинтересираност за игра.
Поголемите деца, пак, при појака анемија се жалат на вртоглавица, зуење во ушите, главоболка, срцебиење, а неретко кај нив се забележува заостаток во раст и склоност кон инфекции. Некои деца ставаат в уста материи што не се јадење (земја, песок, хартија).

Улогата на железото во организмот

Железото е елемент кој е неопходен на човечкиот организам и има големо влијание врз неговото здравје. Во телото се наоѓа во повеќе облици, составен дел е на многу ензими, учествува во метаболизмот на сите живи клетки, а во најголем процент се наоѓа во еритроцитите, како дел од хемоглобинот, најважно соединение кое го врзува и пренесува кислородот. Тоа е воедно и најважна улога на железото во организмот.
Освен пред раѓање, организмот го прима железото исклучиво однадвор, со храна или преку препарати со железо. Се вградува во хемоглобинот и во ензимите, а се складира во мускулите и во црниот дроб, каде што се наоѓаат резервите на железо. Не се излачува од организмот освен минимално преку столица, а до губење доаѓа единствено преку крвавење.
Во текот на животот потребите за железо се менуваат, во зависност од брзината на растот, односно од посебните состојби. Така, во доенечкиот период и периодот на пубертетски раст кај здрави деца потребите од железо се најголеми, а зголемени потреби имаат и девојки и жени во репродуктивниот период, особено во текот на бременост и доењето. Момчињата по завршување на растот и мажите подоцна во животот немаат зголемена потреба од железо ако се здрави, бидејќи губитоците од организмот се минимални и занемарливи, така што нормалната исхрана целосно ги задоволува сите потреби. Во состојби на зголемена потреба за железо често е потребно негово давање во облик на препарат.

Извори на железо

– Организмот може да го земе железото од храна или во облик на лек. Новороденото дете го добива железото од мајчиното млеко или од млечните формули, каде што концентрацијата на железо е мала, но затоа пак искористливоста е максимална (49 проценти наспроти 10 проценти од кравјото млеко). Затоа адаптираните млека секогаш се збогатуваат со железо.
Кај здравите новороденчиња, по нормално траење на бременоста, резервите на железо од мајката се доволни за нормален раст и развој некаде до 5 или 6 месеци од живот (зависи од брзината на зголемување на телесната маса). По овој период железото треба да се внесува со храна, кога и се започнува немлечна дохрана.

Автор: прим. д-р Јадранка Живковиќ, педијатар



912

X