Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето прашање е всушност за другарче на син ми. Двајцата се најдобри другари во училиште и заедно одат во четврто одделение, неразделни се од прво. Редовно се среќаваме и надвор од училиште, посети по дома и сл. Во последно време почнаа малку да ме загрижуваат некои разговори на другарчето за себеси во конотација на смрт. На пример, во саботата го зедовме со нас, без родители, и неколку пати кажа: „Збогувајте се со мене, ќе го пресечам стаклото и ќе умрам“ или „Збогувајте се со мене, ќе го скршам стаклото и ќе скокнам“. Шетавме потоа во продавница и син ми му се скри накратко, а другарчето рече: „Ах каде е, не можам да го најдам, изгледа умрел“. Слични муабети дека умира се повторуваа и во други ситуации. Разговарав со син ми, како е во школо, за што си зборуваат, без да навестувам што сум го забележала. Ми спомена слични ситуации. На пример, кога сме се договарале за саботата да го земеме, му рекол на син ми: „Ако не ми дозволи мајка ми да дојдам со вас, ќе лежам во мојата соба како мртов со нож в глава“. Или, имале физичко и се уморил, па легнал на земја како да умира затоа што го болеле нозете. Почнав да се загрижувам и би сакала да ве прашам како да реагирам во ситуацијата? Дали да разговарам со мајката и како да пристапам, без да бидам погрешно разбрана.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Многу често ние родителите ги перципираме работите од наша перспектива и многу работи за нас се застрашувачки бидејќи различните концепти ги толкуваме онака како што ние ги разбираме и сфаќаме, а тоа не мора да значи дека е исто и за децата.
Сакале или не, децата се изложени на смртта во нивниот секојдневен живот преку телевизијата, цртаните, игрите што ги играат на мобилен или компјутер, книгите итн., и тие на свој начин се обидуваат да разберат што значи тоа. Ако родителите не се тука за да им помогнат да изградат некое свое разбирање, тогаш тие го прават тоа сами или со врсниците – и она што го смислиле и разбрале секако дека може да не е точно или „здраво“.

Децата, исто така, се природно љубопитни за теми кои може да изгледаат морбидни или невообичаени за нас, возрасните. Шегите за смртта може да бидат начин на кој го истражуваат овој концепт и се обидуваат да го смислат и разберат. И доста често користат хумор или провокативни изјави како начин да бараат внимание или да се справат со сопствените грижи или стравови. Шегувањето и постојаното повторување на вакви изрази за смртта може да биде начин другарчето на вашето дете да привлекува внимание или да ги тестира границите.

Со таквото однесување децата како да бараат начин да се истакнат или да добијат признание од нивните врсници. Зборувајќи за нешто што на другите можеби им е необично или непријатно, тие може да почувствуваат дека имаат предност или да привлечат внимание кон себе. Можеби тој нема развиени други ефективни начини за барање признание или изразување на своите емоции.

Имам чувство дека сте загрижени и уплашени на кој начин да ги отпочнете овие разговори. Овие разговори се корисни, а не штетни и не се страшни.
Пристапете кон темата со емпатија и разбирање. Кажете му на другарчето дека го слушате и поддржувате. Потврдете ги неговите чувства како: „Можам да видам дека многу зборуваш на оваа тема“ и повторете што рекол. „Во ред е да имаш прашања и ако си љубопитен за тоа“. Поставувајте отворени прашања за да почне да ги споделува своите мисли и чувства. Избегнувајте да напаѓате или да осудувате. Со активно слушање, можете да стекнете подлабоко разбирање за тоа што се крие зад постојаните вакви изјави и зошто толку му се интересни и дали мисли дека се смешни?
Од друга страна, разговарајте и со своето дете, што мисли за ваквите изјави, дали се плаши? Научете ги вашето дете и неговото другарче за важноста на емпатијата и разбирањето кон другите. Охрабрете ги да размислат како нивните зборови и постапки можат да влијаат врз оние околу нив.
А потоа можете да разговарате да ги споделите вашите набљудувања и со родителот на детето со кој се дружите, секако и вие да сте на местотo на тој родител, би сакале некој да ви посочи и укаже на некои работи за вашето дете.

Децата минуваат низ различни фази на развој, а нивното однесување може да се промени со текот на времето. Пристапувајќи кон ситуацијата со емпатија и разбирање, можете да му помогнете на другарчето на вашето дете да се движи низ своите емоции и да најде поздрави начини да бара внимание.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X