Драга учителке, која ми кажа дека мојот син никогаш нема да научи да чита:
Бевте нерасположени, уморни и очајни. Бевте осамени и огорчени. Ако некогаш сте сакале да предавате, тогаш таа љубов сигурно згаснала пред неколку години. Бевте нетрпеливи, ладни и арогантни. И ви благодарам од сѐ срце поради тоа. Вие бевте најдоброто нешто што му се случило на моето дете.
Дали имаше одбивност или презир во вашиот глас тој ден?
Во секој случај, имавте чувство на уживање кога ме повикавте на состанок за да ми кажете дека мојот 6-годишен син никогаш нема да научи да чита. И толку, толку многу погрешивте.
Како еден негативен коментар прерасна во инспирација
Тој беше мојот најстар син, близнак. Штета било, рековте, што едниот близнак бил бистар, а другиот неспособен (или, како што се сомневавте, „безволен“), да ги сфати дури и основните концепти на учењето, читањето, математиката. Ме вџашивте до таа мера со вашето бесчувствително однесување што замолкнав.
Со скршено срце се вратив дома и го гледав мојот прекрасен син како си игра. Како може на ова скапоцено, слатко момче да му се одземе образованието и нормалниот живот? Се грижев за неговата иднина. Се задлабочив во мојата тага. И потоа… се налутив.
Што сакаше да каже – дека тој не може или „не сака“ да научи? Па тој, има 6 години!
Како борбата со математиката и читањето е карактерна маана? Како можеа неговата учителка и образовниот систем толку брзо да го отпишат? Дали одговорноста беше кај него? Неговите родители? Училишниот систем? Решив дека се сите три во прашање. Со нашите чела допрени, очи в очи, син ми и јас склучивме договор: ќе дадам сè од себе за да откријам нови начини за него преку кои ќе учи и, за возврат, тој ќе даде сè од себе да го покаже својот максимум. Би ги задржале оние методи што се функционални, а другото би го отфрлиле.
До крајот на неговото образование, јас го одржав зборот, а тој го одржа својот.
Долгиот и искривен пат до образованието
Од вообичаени до бизарни, пробавме секакви методи за да му помогнеме на мојот син да научи. И не успевавме многу пати. Имаше и уште повеќе солзи: неговите солзи, моите солзи. И нивото на фрустрација беше на највисоко. Некои денови бев горда. Можев да видам можност за него или разбирање во неговиот ум. Другите денови, од срам плачев пред да одам на спиење. Некогаш му викав на моето дете: „Научи ги веќе математичките факти, аман!
Немаше учител што не можев да го убедам да се приклучи на „Тимот Мајкл“.
Сите сакаа да учествуваат во неговиот успех (освен вие, секако). Можеби понекогаш се чувствуваа како да се доведени до работ на очајот, но „Тимот Мајкл“ го одржуваше мојот син блиску до највисоките стандарди без исклучок. Беа тешки, но беа инспиративни. Мајкл, пак, од своја страна, беше шармантен. На академски план, многу пати се обидувал и не успевал, но неговата желба и љубов кон учењето беа неодоливи за неговите учители. Сите тие дадоа многу повеќе од себе, за него.
Секогаш имаше план за организација
Секоја нова учебна година започнуваше со наставник кој ме информираше дека би сакал да се фокусира на неорганизираноста на мојот син. Секој учител беше сигурен дека можеме да ја разбиеме неорганизираноста, да го забрзаме неговото учење. Се разбира, тие беа во право, ако можевме да го решиме тој проблем, на Мајкл ќе му беше полесно, но, за жал, поминаа 12 години обидувања и навидум изгледаше дека нема надеж за да го организираме.
Но, како што поминуваше времето, тој почна да се движи напред. Имаше вистински напредок. Можеше да чита. Можеше да пишува. Ги научи математичките факти. На крајот на краиштата, тоа беше неговата сопствена љубов кон учењето што го натера да ги издржи тешките години.
Гасење на жедта за знаење
Оценките не му беа толку важни како разбирањето на материјалот. Имаше огромна жед за знаење и малку се грижеше за тоа како другите го доживуваат во училницата. Тоа беше совршена комбинација. Полека почна да се истакнува. Во неговите најлоши денови, го мотивирав да ги затвори очите и да ја замисли гордоста во себе кога ќе дојде денот да биде примен на факултет.
Кога имаше 18 години, стоев на врвот од скалите и гледав додека отвораше големото, бело плико. Сè за што работеше изминатиот период се сведе на тој момент. Тој беше примен на колеџ.
„Мамо“, шепна додека ме гледаше со ококорени очи. „Добив академска стипендија!“
Се расплакав, го гушнав… и помислив на вас.
Ви беше тешко да го подучувате и не ви вредеше да се потрудите. Вие не верувавте во него. Вие ќе го оставевте да згасне.
Вие ми го разгоривте огнот во утробата. Ви должам многу.
Не можевте да згрешите повеќе – но, затоа, ви благодарам!
Тој отиде на колеџ и успеа повеќе од сето она што ние го замислувавме дека е можно за него. Напредокот на технологијата конечно успеа да го организира (во најголем дел од случаите). Заработи стипендии и стажирање. Дебатираше за некои од најострите умови во светот. Патуваше низ светот. Тој е брилијантен, мотивиран… и љубезен.
За разлика од вас, знаев дека тешкотиите во учењето на мојот син еден ден ќе бидат неговата најголема предност. Бев во право. Неговите тешкотии го направија пољубопитен, понизен, сочувствителен и мотивиран. Тој е шокантно самоуверен. И сега, додека се подготвува да дипломира (еден семестар порано), би сакала да ви се заблагодарам за последен пат.
Тоа што докажав дека не бевте во право беше една од најголемите радости во мојот живот.
Автор: Тиен Пирс
912