За овој спорт потребни се храброст, добра опрема и машко срце, вели Ева

Даунхил е спуст со посебен велосипед на планина по одредена патека. Во даунхил влегува исклучиво спуштање со велосипед. Ова е еден од најекстремните адреналински спортови. Овој термин генерално го знаат оние што практикуваат возење велосипед и што имаат пасија за планина.

Ева Бошевска (14) е вешта во даунхил-спустови и од неодамна е дел од клубот „Екстрим бајк тим“ – Битола, каде што е единствено девојче. Клубот е пионер во овој спорт кај нас и има организирано неколку трки во 12 години постоење.

Она што ја издвојува Ева и ја прави посебна е што таа ќе биде прво и единствено девојче на „Пелистер даунхил-куп“ што се одржува секоја година по стрмните планински патеки на планината Баба.

– Даунхил-велосипедизмот е доста опасен и малку страшен спорт. Но со секое искачување, секоја невозена патека е предизвик за понатаму. Моментално ја одржувам мојата форма на патеките на Смолево, таму имаме специјализиран велосипедски парк за спустови. Но гледам напред и имам амбиција да почнам на сѐ поекстремни патеки – ни сподели Ева.

Таа кратко време е во клубот и допрва ќе ги усовршува своите движења.

– Кратко време сум во клубот, а најголем предизвик ми е да докажам дека сум храбра и да им покажам на машките дека и ние, девојчињата, можеме да бидеме рамо до рамо со нив.
Има девојки од други држави кои учествуваа на минатиот Даунхил куп, евентуално ако учествуваат пак, ќе се натпреварувам со нив. Ако не, останува да ги победам машките – ни изјавува Ева.

Пелистер ги има најдобрите патеки за даунхил, како и одлични терени за изградба на велосипедски патеки за даунхил-спуштање, но потребна е инвестиција за да одговори на потребите на даунхил-велосипедистите и, секако, потребно е одржување на веќе постојните.

– Во секој поглед, чувството е многу убаво, не се опишува, го правам она што го сакам. И сите бајкери се добри момчиња и понекогаш ми помагаат повеќе отколку што треба. За овој спорт, пред сѐ, потребни се храброст, добра опрема и машко срце. Сум паднала, сум се удрила, со рана сум отишла дома, но пак сум станала. Утрото повторно го земам велосипедот и одам на истото место да му докажам дека можам – истакнува Ева.

Нејзините амбиции допрва ќе растат.

– Сакам да се изборам, да возам на светски патеки и да бидам една од најдобрите даунхил-велосипедистки – вели Ева.

Дека Пелистер е број еден во нашата држава, покажува фактот што најмасивен бајкерски даунхил-клуб на Балканот, со над 40 активни члена, е токму клубот „Екстрим бајк тим“ – Битола.

Фото: приватна архива



912

X