„Добив 5, мамо, но 5 без грешка!“, триумфално влезе ќерка ми дома по училиште. Таа го извади тестот по природа и општество и гордо ми го покажа.

„Браво, срце мамино!“ – го поддржав нејзиниот успех, но веднаш поставив прашање:

„А извини, зошто е толку важно да е без грешки? Петка е петка!“

„Ама мамо, тоа е вистинска, чиста петка“ – извика таа.

Не сакав повеќе да ѝ одговарам, ниту да се расправам за да не помисли дека имам нешто против нејзината совршена петка. Ниту, пак, ќе ја наградам, бидејќи договорот е дека нејзините оценки се нејзин успех, а ние сме завршиле со нашето училиште. Бев загрижена дека таа, толку млада, не гледа на таа петка само како на оценка. Како е таа петка посилна од онаа во која е вклучена грешка?! Зошто да се стремиме кон таков вид совршенство?

Добро е децата да се стремат да бидат подобри, но зошто таков акцент? Што ќе прави детето што добило четворка? Па, и тоа треба да се задоволи поради многу добар успех…

И додека претурам по детските категоризации, ми се јавува другарка која има ќерка средношколка. И нејзиниот проблем е голем, барем јас така мислам.

„Во прво одделение сѐ беше во ред, се радуваше со резултат 4,80. Но, оваа година е хорор. Не се задоволува со ниту една оценка помала од петка. Постојано е под тензија да постигне и научи сѐ, да биде меѓу најдобрите. Толку стресно го доживеа тоа што доби четворка по историја, бидејќи тоа не било добра оценка.

Полугодишниот успех од 4,80 повеќе не е добар. Затоа што не е 5.00. Тестот по математика донесе нова трема, таа знае дека нема да добие петка иако учела и се подготвувала. Притисокот е голем, таа е несреќна, а ние… не сме веќе среќно семејство. Не се смееме повеќе. Би сакале да ѝ помогнеме, се обидуваме да ѝ објасниме дека оценката помала од петка не е крај на светот. Но, за неа е. Затоа што другите ученици се потсмеваат со тој што ќе добие ниска оценка и само зборуваат што и како да учи и како да ја заработи следната петка… И да, кога ќе се разболи, никој нема да ѝ фотографира што правеле на училиште со мобилниот, да ѝ помогне, никој нема време да се јави… – вели пријателката.

Ја слушам несреќната жена и не ми се верува. Дали е ова она што ме чека со моето дете? Ако е така, тогаш тоа е целосна катастрофа. Што ако учиме за знаење, а не за петка? Дали навистина има знаење зад тие петки или чисто „бубање“ за совршена оценка?

Набрзо добив одговор.

Ќерката на нашиот братучед е седмо одделение. Кога лежерно ја прашав како е училиштето, веднаш се покајав.

„На училиште не беше добро. Бев одлична, но добив само 4,7. Не е 5,0!“

Малото девојче за малку ќе заплачеше. Бев во шок. Ја погледнав со прекор нејзината мајка мислејќи дека таа поттикнува таква еуфорија во куќата.

„Ама знаете, ако не ги добие сите петки, нема да влезе во јазична гимназија, а тоа навистина го сака!“

И да, се сеќавам на лудилото околу приемните, оценките, сомнителните просеци, илјадници ученици со фамозниот просек од 5,0. Ако го немате тој просек, во многу училишта не можете ни да пробате… каков маѓепсан круг!

И не е секој за сѐ и не може секој да има петка по сите предмети! И МОРАЛЕ, си ставаат во главите што мораат, затоа што системот е таков! И навистина, во практика изгледа така. И тогаш кој може да го сака училиштето? Сè се сведе на натпреварување во петки, дружење со петки, исмејување на оние со помалку од петки… И тој потсмев… понекогаш има голема цена.

Моето дете не го издржа притисокот во средно училиште. Беше толку вознемирена што рече дека не вреди, дека сака да се самоубие… За среќа, тоа го кажа во агонија, се плашевме дека можеби ќе проба од очај. А ова ви го кажувам за дете кое има просек од 4,5. Па, тоа е добар ученик! Но, таа не можеше да се вклучи во елитното друштво во нејзината класа – вели очајната мајка.

Ако мислите дека проблемот се само лошите ученици во оваа држава, тогаш се лажете! И не знам веќе по вакви приказни кој е лош ученик, тој со просек под 4,5? Или тој што паѓа на поправен?

Пред само 25 години

Во моето средно училиште само двајца ученици имаа просек од 5,00 во сите четири години. Еден од нив сега е доктор, а другиот професор по италијански јазик. Ама сите што немавме 5,00 станавме инженери, професори, економисти, новинари… и се дружиме, се слушаме. И никогаш не се случило некој некому да не му помогне во домашните задачи. Тоа беше срамота!

И не верувам дека знаењето стои зад сите петки. Кога армија млади луѓе сè уште пишуваат „незнам?“, тие не ја знаат ни формата на буквите на хартија, а не можат да функционираат без кратенки. И историјата ја паметат доволно додека не добијат петка. Следното „бубање“ го брише претходното знаење. Со чест на исклучоците!

Па, тука сме! Учениците кои имаат 5,0 во сите години на школувањето се надарени деца, оние за кои тоа не е голем товар, тие се идниот темел на некоја научна елита. Кај нив знаењето е еднакво на петка! Зошто се притискаат сите деца да бидат такви?

Можеме ли да ги спасиме децата од лажниот елитизам наречен „суперученик – 5,0“? Што му фали на ученик кој има 4,5 или 3,5? И тие се совршени, но за друга работа.

На крајот на краиштата, не ми останува ништо друго освен да прашам: Деца, дали вие воопшто се смеете на училиште?

Извор



912

X