Децата што се изложени на каква било уметност имаат пошироко разбирање за светот кој ги опкружува, смета уметникот Тони Попов, кој веќе неколку години одржува сликарски работилници и Летната сликарска школа „Пробај уметност“

Уметникот Тони Попов со неговото здружение „Тактус“ од Охрид веќе неколку години ја одржува Летната сликарска школа „Пробај уметност“ со цел да ја поттикне креативноста кај децата и да им се даде слобода да го сликаат тоа што го гледаат и доживуваат.
Тони Попов професионално се занимава со сликарство од 2011 година. Досега има реализирано 5 самостојни изложби, а учествувал на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Член е на ДЛУБ од 2021 година. Како едукатор, има одржано повеќе сликарски работилници за деца и за возрасни во Осло, Норвешка. Во последните две години неговиот фокус се сликарските работилници за деца во Охрид и во Општина Дебрца.


Школата почнува на 13 јуни, наменета е за деца од 6 до 12 години. Се одржува под отворено небо во двор во населбата Радојца Новичиќ во Охрид. На секој час децата ќе прават по една слика. Насликаните дела остануваат за нив. На крај ќе биде организирана и изложба на отворено.

Што може да се научи на Летната сликарска школа?

– На Летната сликарска школа децата прават своја слика според слика од некој познат сликар. Низ тој процес тие се запознаваат со уметноста и ги учат основите на сликарството: кои се основни бои, како се мешаат боите, учат композиција, учат како правилно да ја држат четката и слично. Исто така, децата имаат и одговорности (сами си полнат вода во теглите и на крај самите ги чистат затоа што уметноста без одговорност не е уметност).
Но, меѓу сите тие правила и одговорности, децата имаат огромна слобода да бидат тоа што се и да го сликаат тоа што го гледаат и доживуваат. Токму поради таа слобода, иако сите работеле според иста слика, на крајот од секоја работилница сите имаат различни слики и секоја слика е ремек-дело и покажува дел од карактерот на детето што ја создало.

Што Ве поттикна да остварите вакви работилници?

– Претходно одржував вакви работилници во Норвешка и иако сакавме и овде да направиме нешто, секое лето од некоја причина ја одлагавме школата. Првата сликарска школа во Охрид ја одржавме летото 2020 година. Иако во услови на пандемија, на школата имавме 16 деца и уште толку што доаѓаа повремено, додека се на одмор во Охрид. Втората година веќе имавме постојани 30 деца. Затоа што ние веруваме дека уметноста треба да биде достапна за сите, нашето здружение лани обезбеди средства за 10 деца од ранливи категории да можат бесплатно да бидат дел од школата. Оваа година веќе имаме 30 деца пријавени на школата, од кои 13 деца ќе бидат дел од школата бесплатно.

Што сакате да им доближите на децата преку ваквите работилници?

– Има неколку работи што ми се важни на овие работилници. Првата е кај децата да се разгори желбата за уметност и притоа да научат нешто. Втората веќе ја споменав, тоа е слободата. Сакам децата да имаат слобода на изразување затоа што уметноста без слобода не е уметност. Меѓутоа, најважната работа е да направам безбедна атмосфера за децата, место каде што ќе можат да слушнат охрабрување не само од мене, туку и од другите деца и да научат да им велат „браво“ на другите. На ова поднебје многу тешко луѓето охрабруваат или пофалуваат некого, а сите сме ранливи и на сите понекогаш ни е потребен убав збор.

Што ги провоцира љубопитноста и креативноста кај децата?

– Има една приказна што ја раскажува Хауард Икемото, сликар и професор на факултет. Имено, еднаш неговата седумгодишна ќерка го прашала што работи. Тој ѝ рекол: „Моја работа е да ги научам возрасните луѓе да цртаат“, а таа зачудена го прашала: „Зошто? Зарем заборавиле?“
Јас на овие работилници не ги учам децата како да цртаат затоа што сметам дека секое дете уште пред да научи да пишува, знае да црта. Јас ги учам децата како да гледаат. На пример, ако ги прашам каква боја е небото, сите ќе речат сина. Меѓутоа, ако им кажам ајде да го погледнеме небото, ќе видат дека тоа е некогаш сино, но некогаш е и портокалово или виолетово, жолто, розово… Потоа тие деца ќе гледаат на нештата со многу поинакви очи.

Го инициравте проектот „Маргини“ наменет за деца од руралните средини…

– Проектот „Маргини“ е пилот-проект на нашето здружение „Тактус“ од Охрид. Главна цел на проектот е да се промовираат културни вредности во руралните подрачја преку уметност создадена од деца. Ова е инклузивен проект со кој се опфатени околу 200 деца, односно сите деца од прво до деветто одделение во Општина Дебарца.
Во овој проект, за децата обезбедивме работни кецели, штафелаи, платна, бои и сите други материјали потребни за сликање. На крајот од проектот ќе организираме изложба на насликаните дела, а штафелаите ќе им ги подариме на училиштата.
За овој проект соработуваме со Општина Дебарца и ООУ „Дебрца“, а финансиска поддршка обезбедивме преку нашите пријатели од Норвешка.
Проектот „Маргини“ завршува во јуни и се надевам дек од септември ќе можеме да го продолжиме во некоја друга општина.

Зошто фокусот го ставивте кон децата од руралните средини?

– Веќе долг период уметноста во училиштата низ Македонија е на маргините, а децата немаат многу можности да го покажат својот креативен потенцијал. Тој јаз е уште поголем помеѓу децата од руралните средини затоа што немаат шанса да бидат дел од културни случувања од каков било вид. Со овие работилници ја доближуваме уметноста поблиску до нив, во местото каде што живеат и учат и им даваме простор да го покажат она што го носат во себе.
Децата учат и уживаат на секоја работилница затоа што целата таа поставка им е нова и интересна и затоа што нема други случувања од ваков вид. Од друга страна, јас од нив научив колку малку им е потребно за да бидат среќни. Ние, возрасните, правиме проекти, знаеме теории и филозофии, ги знаеме правилата за сликање и редот на нештата, но децата умеат да нѐ покријат со едноставност.

Какви реакции добивате од децата? Кои им се најчестите прашања?

– Работилниците се одржуваат во основните училишта во Општина Дебарца. Имаме одлична соработка и поддршка од сите наставници од овие училишта и за тоа сум многу благодарен.
На почетокот на секоја работилница повеќето деца се малку плашливи и несигурни затоа што сметаат дека треба да направат совршена слика. Она што јас им го потенцирам е дека најважното нешто е да им биде забавно и дека на овие работилници не можат да направат нешто погрешно, туку можат да направат нешто поинакво. На крајот, сите се среќни и секогаш прашањето е: „Кога ќе сликаме повторно?“

Зошто е важно да се негува уметноста во детството? Кои се придобивките?

– Ние веруваме дека уметноста е многу важна алатка за создавање подобро општество. Исто така, веруваме дека децата што се изложени на каква било уметност имаат пошироко разбирање за светот кој ги опкружува.
Уметноста е како домино-ефект. По една работилница во селото Мешеишта, наставничката им даде на децата да напишат краток состав на тема „Средба со сликарот“. Една малечка работилница влијаела врз тие деца да создадат нешто друго, да ги кажат своите впечатоци. Тоа ќе влијае понатаму на креативноста на други деца. Така се менуваат нештата, чекор по чекор.
Да го направиме светот поубаво место за живеење е утопија. Да направиме оние околу нас да се почувствуваат посебни – тоа е веќе уметност.

Фото: приватна архива



912

X