И покрај тоа што беше застрелан в грб на 20-годишна возраст и парализиран од половината надолу, тој никогаш не сакаше приказната за неговиот живот да биде приказна за тагата, борбата или сожалувањето, туку приказна за издржливоста и силата.

Но, неговата повреда е дел од неговата приказна и таа заслужува да биде раскажана.

Татко ми на почетокот се бореше со параплегија и не сакаше да биде товар. Дури двапати се обиде да си го одземе животот, нешто што јас не го знаев додека не ми раскажа приказна додека се расправавме за фудбалски натпревар.

Се испостави дека мајка ми му постави ултиматум и тоа беше токму она што му беше потребно. Иако звучи ужасно во денешниот политички коректен свет, но мајка ми имаше 20 години и беше со две мали деца. Јас имав само 2 години, а брат ми само неколку месеци кога татко ми беше застрелан.

Мајка ми му рече дека ако сака да си го одземе животот, тоа треба да го направи во свое време бидејќи таа беше зафатена обидувајќи се да го задржи семејството на нозе. Така, таа му рече дека ако сака да биде дел од нашиот свет, ќе мора да помага со децата, затоа што таа мораше да најде работа. Му кажа дека многу го сака, но не може да го спаси од неговото самосожалување. Татко ми конечно сфати.

Го смени фокусот од самосожалување на одгледување и воспитување на сопствените деца. Ја презеде новата улога и стана лидер, ментор, тренер, пријател, учител и на крај – нашиот херој. Тој стана нашиот господин Мама уште пред овој термин да стане популарно клише.

Се будеше секој ден подготвен да биде најдобриот татко. Ми помагаше во сите активности. Беше повеќе од татко. Беше лидер во нашата мала заедница. Во текот на летото се погрижи да имаме забавни активности. Одевме заедно на фудбалски натпревари, носеше најдобри грицки. Во дворот имаше направено терен за кошарка и минуваше часови играјќи со мене и со брат ми. Нашиот дом стана безбедно засолниште. Секогаш ни даваше совети кога ќе предизвикувавме неволја.

Се сеќавам дека мислев дека татко ми е најважниот татко во нашето соседство. Беше доста популарен. Нѐ научи мене и брат ми како сами да го менуваме маслото во автомобилот, како да менуваме дупната гума и како да извршуваме основни поправки. Нѐ однесе на базен во локалното средно училиште за да нѐ научи да пливаме. Иако не можеше да оди, ни покажа како да пливаме и да бидеме сигурни во вода. Подоцна ми призна дека бил исплашен да влезе во вода со нас, но повеќе се плашел поради помислата дека нема да знаеме да пливаме. Знаеше колку е важно за нас да бидеме сигурни во светот што го живееме со татко кој е параплегичен.

Татко ми продолжи да биде неверојатен играч на билјард, а нашиот дом беше исполнет со сите освоени трофеи на турнирите. Секогаш ни велеше: „Никогаш не дозволувајте некој да ви каже кои сте, вие покажете му кои сте“.

Тој ми овозможи да верувам дека можам да бидам сè што ќе посакам. Тој беше имигрант и веруваше во американскиот сон. Иако растевме скромно, ги имавме најдобрите викенди кампувајќи со него. Никогаш не ни викаше, наместо тоа, ќе нè погледнеше. Неговиот поглед беше поболен од шлаканица. Да го изневерам татко ми или да го разочарам, беше последното нешто што сакав да го направам. Тој беше мојот број еден навивач. Тој беше мојата магија. Ми беше ветер в грб затоа што ме натера да верувам дека можам да направам сè и да станам сè. На крајот, се приклучив на американската морнарица и веќе 22 години сум таму.

Не знам точно како да објаснам, но можам да кажам дека не беше како другите татковци. Беше магичен, динамичен, имаше прекрасна насмевка која ја осветлуваше цела зграда. Беше убав, шармантен и сакаше да танцува. Имаше неверојатна имагинација. Ни раскажуваше приказни за џинови кои талкаат по земјата, создаваат планини и богови. Создаде волшебен свет што ни помогна да избегаме од реалноста во која мајка ми работеше на три работни места за да ни обезбеди покрив над главата. Никогаш не знаев дека сме сиромашни затоа што татко ми направи нашиот живот да биде богат со љубов, време, сочувство, разбирање и неговото присуство.

Можам да продолжам да раскажувам и за тоа каков прекрасен дедо беше, но моите деца поминаа само неколку години со него. Почина по 33 години користење инвалидска количка, живеејќи го најдобриот живот. Знам дека неговото тело беше уморно од енергијата што ја имаше. Имаше волја да продолжи да живее, но неговото тело се умори.

Живее со мене секојдневно, во моите мисли, во сеќавањата, во моите приказни. Беше легенда во мал град – барем јас така мислам.

Автор: Гвадалупе Елена Галиндо

Извор



912

X