Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на 7-годишна возраст. Таа е многу тврдоглава по природа, ретко слуша мислење од возрасни, знам дека сака да докаже дека и таа знае и умее бидејќи се работи за девојче со изразено напредна интелигенција, но и кога греши, не го менува она што го наумила. Затоа често ние, родителите, имаме проблем да ѝ укажеме дека греши. Знае да запне за нешто, не одбирајќи ни време ни место, а ние се обидуваме да не попуштаме секогаш, но во последната наша конфликтна ситуација ни се закани дека ќе скокне од тераса ако не го добие тоа што го сака… Никогаш од никого не слушнала вакви уцени, но загрижена сум како понатаму ќе се одвива нејзиното растење, кога е тешко спроведувањето авторитет (не само дома, туку и во градинка, сега во училиште), буквално е бунтовник, а сега дури и по цена на живот. Детето расте во 4-члена фамилија, со мајка, татко и братче близнак, кое не е воопшто доминантно и наметливо, напротив, дури е потиснато од доминацијата на ќерката. Кога беа помали таа беше понапредна во психомоторниот развој и го диктираше темпото на нивната заедничка игра, а така е сѐ уште, брат ѝ секогаш ѝ попушта.
Често знае да ми каже „ти не си главна, не те слушам, што сакам ќе си правам…“ Знае два јазика, оди на латино-танци, сака пливање и тенис… и двете дечиња од 3 години се занимаваат со спортски активности, посетувале летни кампови, сѐ им е овозможено да растат како здрави и среќни деца. Кога почна да се заканува дека ќе се фрли од тераса, не знам како ѝ дошла таквата идеја, мислам дека во таквите ситуации би направила сѐ да го добие/постигне тоа што го наумила, како да се исклучува од реалноста, како да не размислува за последиците. Сме пробале и со викање и со тивко зборување и со игнорирање, но нема успех. Кога ќе завршат таквите сцени, по ден-два, ја седнувам да разговараме и кога ја прашувам дали вредеше целата нервоза, дали го доби тоа што го сакаше, таа нема одговор, вели дека не знае што ѝ станало, но никогаш не се извинува иако се гледа дека ѝ е жал. Ве молам да ми укажете како да постапиме.
ОДГОВОР: Воспитувањето близнаци носи многу олеснителни околности, но и предизвици, во зависност од нивниот пол, темперамент, редослед на раѓањето на децата во семејството. Сето тоа понекогаш го отежнува воспитувањето, како и донесувањето воспитни одлуки. Од вашето презентирање на проблемот можам да забележам дека вашата седумгодишна ќерка се однесува бунтовно, не почитува авторитети, не слуша и не прима туѓо мислење, доминантна е, има силно изразени емоционални реакции слични на тантруми, но исто така е и динамично дете со брз развој. Бидејќи веќе го споменав факторот темперамент во однесувањето на децата, тој сигурно има значајна улога и во нејзиниот личносен систем. Можеби вашата ќерка носи колеричен темперамент или, пак, е комбинација од него и некој друг. Децата со овој темперамент од самото раѓање се многу побрзи, особено психомоторно, потоа со растењето многу се активни, доминантни и бунтовни со изразена желба да ги кршат и да наметнуваат правилата на игра. Тие деца многу лесно можат да се налутат, да избувнат без можност да ги контролираат другите чувства.
Колериците се експресивни, елоквентни, но и раздразливи и афективни по својот сензибилитет. Ваквите деца бараат особен ангажман и напор од страна на родителите во нивното воспитување и најважно е дека што е можно порано треба да се работи на воспитување и скротување на нивниот темперамент. Она што вашата ќерка сака да ви го покаже преку однесувањето е на некој начин протест кој потекнува од она што ја прави незадоволна. Во процесот на воспитување близнаци склони сме да правиме споредби меѓу нив укажувајќи им ги директно, а некогаш и индиректно кога зборуваме за нив со некој друг. Можеби вашата ќерка како поактивно и подоминантно дете е споредувана со нејзиното братче од страна на возрасните, на пример: „Види брат ти колку е умен, а ти што правиш, брат ти јаде, ти не јадеш, брат ти беше мирен, ти воопшто не беше мирна итн.“
Треба да знаете дека не треба да си ја трошите својата енергија за да им обезбедите рамноправно детство токму поради тоа што секое има засебни потреби, свој емоционален склоп и сензибилитет, како и темперамент кој ја одредува неговата активност. Доколку вашата ќерка е високо интелигентна и има брз развој, тогаш таа од вас континуирано ќе бара потврдување на успехот, пофалби и стимулации за да ја јакне својата психолошка моќ и слика за себе. Доколку не го добива тоа во онаа мера колку што ѝ е потребно, развива фрустрираност и непочитување кон возрасните од кои го очекувала тоа. Исто така, треба да поработите и на целокупната нејзина емоционалност во однос на препознавање на сопствените и туѓите емоции, именување и канализирање на истите, развивајќи самоконтрола. Тоа што вас најмногу ве загрижува е вашиот страв кој го стекнавте преку емотивна уцена која ви ја упатува вашата ќерка, а ја користи како средство за манипулација во вашиот меѓусебен однос. Во тој контекст обидете се да ѝ направите рефлексија на зборувањето и однесувањето, на пример: „Можам да видам дека си многу лута зашто не доби сладолед и поради тоа ја искажуваш лутината со лоши зборови кои не ги мислиш.“ Често во комуникацијата со вашите деца употребувајте позитивни афирмации, особено: „Те сакам, Се гордеам со тебе; Да требаше повторно да изберам ќерка, сигурна сум дека тебе ќе те изберев, Извини, Ти благодарам многу; прекрасна девојка си.“
Ве советувам честопати да играте заедно семејни социјални игри, тоа може да ви биде и секојдневен вечерен ритуал кој дополнително ќе ве зближува. Сите заедно направете една листа со такви игри и користете го времето за заемно да уживате.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912