ВО 2012 година актерката Алиша Силверстон се најде на насловните страници кога објави видео на кое се гледа како го храни својот мал син. Во видеото таа откри дека му ја џвака храната на својот син пред да го нахрани, слично како што прави птицата кога ги храни своите младенчиња.
Тоа беше шок за јавноста иако таа се бранеше тврдејќи дека е сигурна дека многу родители го прават истото. Но, се поставува важно прашање: дали јавното незадоволство од таквите техники навистина е оправдано?
Родово неутрално родителство
Застапниците на родово неутрално родителство тврдат дека е природно да му се дозволи на детето со текот на времето да избере на кој пол ќе му припаѓа. Родовата политика е многу контроверзна тема. Родителите што го користат овој метод понекогаш се обвинети дека им ги наметнуваат своите уверување на децата.
Некои луѓе, како што е неврологот за сексуалност, Дебра В. Сох, тврдат дека обидите да се воспитаат децата во родова неутралност се бесмислени затоа што тие најверојатно ќе продолжат да ги следат родовите специфични интереси, според нејзините ставови.
Приврзано родителство
Друга славна личност која често привлекува внимание поради својот родителски избор е ѕвездата на „Бубалици“, Мајим Бијалик. Таа е голем љубител на приврзаното родителство, тема за која често разговара на интервјуата.
Посветеното родителство има цел да ја продлабочи врската помеѓу мајката и детето. Тоа се прави со носење на бебето, продолжено доење и заедничко спиење. Бијалик го доела еден од нејзините синови до 4-тата година.
Додека едни го сметаат таквиот избор за најдобар, други не се толку убедени. На пример, д-р Барбара М. Остфелд, професорка по педијатрија на Медицинскиот факултет „Рутгерс Роберт Вуд Џонсон“, неодамна одржа предавање за ризик-факторите поврзани со спиењето со детето.
Таа објасни дека што се однесува до споделувањето на креветот, Американската академија за педијатрија забележува дека тоа е особено ризично и треба да се избегнува во неколку ситуации, како што е спиењето со доенче под 4 месеци.
Нежно родителство
Слично на приврзаното родителство, нежното родителство не користи награди или казни кога ги учи децата што е погрешно, а што е правилно. Родителите кои ги воспитуваат своите деца со нежни техники на родителство избегнуваат да кажуваат зборови како „не“ или „немој“ и не сакаат доброто однесување да го наградуваат со она што може да се протолкува како поткуп („Ќе ти дадам бонбони ако ја исчистиш твојата соба!”).
Овој метод треба да им помогне на децата да размислуваат за своите постапки на подлабоко ниво и да не ги слушаат слепо родителите поради очекуваната реакција.
Вклучување на децата во породувањето
Ако имате помали браќа и сестри, вашите први сеќавања од нив се кога ги донеле дома. Но, некои родители во последно време сакаат сите нивни деца да бидат присутни на раѓањето на новите членови на семејството уште од првиот ден.
Да се види како некој се породува е прилично интензивно искуство, токму затоа повеќето мислат дека не е соодветно децата да бидат присутни. Постојат стравувања дека малото дете може да доживее преголем стрес.
Ферберов метод (исплакување)
Можеби не е ново, но секако е контроверзно. Методот на Фербер е форма на тренинг за спиење при што го оставате бебето да плаче наместо веднаш да го кренете или да го нахраните.
Главната идеја е бебето да научи да се смирува само. Некои родители ќе го остават своето дете да вреска со часови додека тоа едноставно не се онесвести од исцрпеност… и тоа ќе го наречат „самосмирувачко“ или „учење кој е главен“.
Кородителство
Кородителството е широк поим кој опишува нетрадиционални начини на воспитување деца. Ова може да значи некој да одгледува бебе со платонски пријател или да одгледува бебе во романтична, полиаморна врска – односно врска која вклучува повеќе од две лица.
И покрај модерното време во кое живееме, многу луѓе сè уште се согласуваат со традиционалниот поглед на семејството, при што една мајка и еден татко се романтично поврзани. Во ситуации на кородителство постои страв дека децата ќе бидат збунети, или уште полошо, трауматизирани од толку многу родителски фигури. Но, како што покажува една студија, луѓето го практикуваат овој принцип со години благодарение на фактот што членовите на поширокото семејство ја преземаат истата одговорност.