Училиште во кое се промовира инклузивност, рамноправност и интеркултурност, во безбедна, позитивна и стимулативна средина за учење каде што сите се еднакви, вели директорката на ООУ„Кирил и Методиј“ – Стајковци, Анита Ангеловска, на нашето прашање што е дефиниција за добро училиште?

ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци е добитник на наградата „13 Ноември“ за извонредни резултати во воспитно-образовната работа за 2021 година, како круна за досегашните достигнувања за оваа образовна институција. Ова училиште важи за едно од најсовремените, убаво уредено, а се издвојува со отворањето на првата сензорна соба, опремена со дидактички материјали и ресурси за ученици со попреченост; која можат да ја користат и децата со типичен развој, што создава можност за меѓусебно дружење. Училиштето може да се пофали со големи успеси, резултати на многубројни натпревари, организирање хуманитарни акции, домашни и меѓународни проекти кои овозможуваат зајакнување на демократската партиципација и меѓуетничката интеграција. Сево ова беше причина за Деца.мк да го посети ООУ „Кирил и Методиј“ и да поразговараме со дамата која стои зад кормилото на ова училиште.

За мене, терминот учител е комплимент

Од една страна, најодговорна, а, од друга страна, најдостоинствената професија, така Анита Ангеловска ја опишува професијата учител, која таа ја одбрала со многу љубов.

– Станав учител со огромна љубов и посветеност кон децата. За мене, учителската професија е најдостоинствената и најодговорна затоа што влијанието на учителот врз карактерот на детето е огромно. Понекогаш повеќе и од родителите. Кога велам учител, мислам на сите наставници, професори… За мене, овој термин е комплимент – вели Ангеловска.

Основното образование е семето на знаењето, но овде не се калеми само знаењето, туку и основите човекови вредности потребни за детето да порасне во една добра личност. Учителите овде се и педагози, кои имаат сериозна задача да ги извадат учениците на прав пат, да им ги дадат најважните лекции во животот, вели Ангеловска.

– Наставникот е лидер во секој поглед за учениците. А да се биде лидер, значи секојдневно да се расте во своите доблести: човечност, разбраност, великодушност, храброст, самоконтрола, праведност и пожртвуваност. Не се согласувам со тезата дека добар педагог се раѓа. Тоа е вештина која се стекнува и се пренесува. Многу е важно каква е училишната клима во која работи наставникот и какви вредности се споделуваат. Новите генерации учители треба да бидат свесни дека со завршување на факултетот започнува нивното учење, затоа што секое дете е посебна приказна и бара посебен пристап. Нашата професија не може да се работи само колку да ни помине времето, затоа што остава белег и трајни последици – објаснува директорката.

Според неа, наставникот треба да биде пример за ученикот во секој поглед, преку облекувањето, однесувањето, зборувањето…

Технологијата ги прави децата понетрпеливи да останат со часови во клупа

Поради фактот дека не можеме да го сопреме развојот на технологијата, Ангеловска го бара решението во тоа дека училиштата треба да се приспособуваат на модерното време и да ја прават наставата поинтересна.

– На пример, кога учениците играат улоги, кога дебатираат по одредени прашања, стекнуваат важни животни вештини. Прво, се ставаат во кожата на другиот и развиваат емпатија, а второ, истражуваат и вежбаат критички да размислуваат, што е многу важно. Една сложувалка или концептуална мапа може да биде многу забавна за децата, не бара некои посебни ресурси, а се постигнува многу – вели таа.

Притоа додава дека развојот на технологијата и глобализацијата се неминовни, но и понекогаш контрадикторни за луѓето.

– Од една страна, светот ви е на дланка и луѓето од различни континенти комуницираат меѓу себе, а, од друга страна, ве отуѓува од луѓето што ви се блиски – рече директорката.

Според неа, дефиниција за добро училиште е онаа што го опишува нивното училиште.

– Училиште во кое се промовира инклузивност, рамноправност и интеркултурност, во безбедна, позитивна и стимулативна средина за учење каде што сите се еднакви. Се стремиме кон ефикасна и ефективна настава со цел да изградиме сестрани личности подготвени за личен напредок и оспособени за живеење во мултиетничко општество. Со заеднички активности, тимска работа, професионалност и одговорност, вклучување на родителите, локалната заедница и бизнис-секторот, да создадеме училиште со современ образовен процес кое нуди поддршка на детските права и мултикултурализмот, здравјето, сигурноста – вели Ангеловска.

Во нашето училиште учат среќни деца

Директорката ни раскажа дека секој работен ден ѝ започнува со обиколка на сите училници каде што има кус разговор со децата и наставниците. Постојаната непосредна комуникација е клучна за здрава училишна клима. Таа постојано се труди не само да биде присутна, туку и да учествува и помага во активностите што се случуваат во училиштето.

– Не дека се наши, ама златни се. Во нашето училиште учат среќни деца. Тоа е најважно за едно дете, да се чувствува прифатено, удобно и комотно. Најсилен впечаток ми остави минатиот Осми март. Имав две случки кои ми предизвикаа солзи. Прво, кога ученик со пречки во развојот ми донесе негова изработка и првпат ме погледна в очи и ми го изговори името, потоа ученичките од нашето подрачно училиште во Страчинци читаа творби говорејќи како рајот е под нозете на мајката. Неодамна присуствував на час за слободни активности во кој учениците играа улоги на наставник и директор. До солзи се смеевме со нивната наставничка кога видовме како нѐ имитираат – објаснува директорката.

Учителствување во време на долга пандемија

– Јас постојано се шегувам дека за време на пандемијата станав матичен лекар. Не е лесно да се менаџира наставен процес во време на ковид-19. Водите грижа за сите вработени и ученици и нивните семејства. Секој е важен. Многу е важно што имаме директна соработка со Центарот за јавно здравје. Се трудиме децата да бидат почесто надвор, проветруваме, дезинфицираме. Но, морам да признам дека нѐ изморија грижата и внимателноста – додава Ангеловска.



912

X