Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 5,5-годишно момче и ме загрижува следново… и покрај тоа што е момче, претежно избира игри за девојчиња, сака да игра со девојчиња, ако треба да избере боја, би избрал, на пример, розова, се воодушевува од моите чевли, чанти, фустани, па можам да кажам и дека повремено може да направи и некои движења карактеристични за женскиот пол…. Често го опоменувам дека тоа не е добро, дека тој е маж како тато, дека децата како него играат со топки, автомобили, камиони, пушки… Единствено што сака да игра кога е во друштво со машки е да трча или да игра криенка… Инаку е мирно и културно дете, одбегнува деца кои се темпераментни. Е сега би го напоменала и ова, најголем дел од времето го минува со мене, јас би се ставила во групата на построг родител „кажаното е кажано“ и има особена страхопочит кон мене, за разлика од татко му, бабите и дедовците. Мојата работа наложува секогаш да бидам средена и често знае да ми даде некој комплимент. Па некако си наоѓам утеха дека можеби се поистоветува со мене, а можеби грешам☹️


ОДГОВОР: Почитувана мајка, кога велите построг родител „кажаното е кажано“, дали значи дека и „очекуваното е исполнето“. Честопати како родители имаме некои наши замисли и идеи како нашето дете би требало да се развива за да се вклопи во еден општо познат и прифатлив стандард. И понекогаш тоа не се случува затоа што имаме идеја за „совршено“ дете, туку поради тоа што се плашиме како нашето „поразлично“ дете ќе се вклопи во оваа средина во која се дискриминира, стереотипизира и лесно може да биде казнето, повредено и неприфатено. Верувам дека најголемата грижа ви е таа, како ќе биде прифатен вака поразличен од другите. Но да се вратиме чекор поназад, како ова дете е прифатено и разбрано дома, дали дома неговата манифестација, поинаква игра, преференција и интерес ги разбирате и прифаќате или ве збунуваат, ве плашат, ве прават да се чувствувате како несоодветни во родителската улога?

Често пати си замислуваме дека детето е она што родителот ќе го направи. Па не е детето глина, секој да го остави својот впечаток на него, да го меси, креира во скулптура каква што сака. Да, реков скулптура, затоа што скулптурата нема живот, и ако премногу се очекува и интервенира од она што детето автентично го носи однатре како потреба, отпор, преференција, интерес, и движење, ќе се претвори во скулптура на вашиот воспитен процес, единка која нема да знае која е, нема да е задоволна со себе и со сопствениот живот, ќе се срами од себе, ќе се обвинува себеси прво за вашето незадоволство, а потоа и за сопственото… За жал, во нашата културна матрица на воспитување многу е побитно другите да спијат мирно без никакви дилеми и прашања. Станува многу поирелевантно како и зошто нашите деца ќе патат со сопствената инаквост. Јас им велам не на овие културни теченија, јас велам дека ќе бидам родител првенствено на сопственото дете, а потоа на сите други.

Сметам дека треба да се видите и доживеете себеси како првиот возрасен во неговиот живот, кој вистински му верува без да ја преиспитува валидноста и важноста на неговите манифестации. Затоа, обидете се да ја разберете и да се вклучите во неговата игра, да истражите заедно во дијалог со него какво значење сето ова има за него, обидете се да одгатнете зошто му е потребно да се идентификува со вас, појасниот извор на моќ во неговото растење. Можеби кога ќе му дадете дозвола и ќе разберете зошто сака и преферира да си игра на определен начин со определени родово „недозволени“ играчки и содржини, можеби ќе дојдете до едно помирно место во кое нема да се плашите за него, туку ќе бидете негова најголема гордост и поддршка. Тешко е да се расте во постојано негодување и разочарување од родителот за она што секој од нас го носи. Тешко е да не сме доволно добри деца за нашите родители, онакви какви што нѐ замислувале. Тешко е затоа што родителот е оној што ни го носи значењето, вредноста и себеприфаќањето, а не обратно.

Велите дека сакате да е „маж како тато“, а има страхопочит од вас. Се чини како да сте презеле голема моќ во неговото воспитување. Не е само да се каже, туку и да се обезбеди простор или да се поддржи тој авторитет за зборовите да не бидат напразно кажани. Причината зошто тато не е толку присутен, не можам да ја претпоставам, па затоа би сакала да зборуваме за вашата одговорност бидејќи вие го поставувате прашањето. Значајно е да барате вклучување и на машкиот родител во менаџирање на оваа родителска задача. Доколку сте премногу и единствено вие инволвирани, може да се добие впечаток дека се чувствувате и премногу одговорна за она што му се случува на вашето дете. Верувам дека не сте единствена во неговото воспитување и според тоа, соодветно е да барате и другите да се вклучат, на начин на кој најдобро знаат и умеат. Обидете се да ги тргнете и претпоставките за нивната неангажираност, да ги проверите и да повлечете дел од одговорностите за нивните улоги во неговото растење. Обидете се да ја смените еднородителската политика на воспитување. Верувам дека сте и многу уморни и генерирате непотребна фрустрација баш поради тоа. Понекогаш стравот не дозволува да се вклучат другите со цел да не искреираат некаква погрешна слика за вашето дете бидејќи можеби не знаат како да се носат со него и неговата динамика, па вие се повикувате да ја менаџирате и браните таа претстава. Дозволете неговиот контакт да се развива и со другите, да се судира со ограничувањата на околината, а вие убедете се дека ќе бидете секогаш присутни и ќе го штитите кога ќе наиде на некаков проблем и вистинска опасност од можна повреда. Понекогаш кога премногу ги штитиме децата од другите, самите ја создаваме погрешната претстава за нив против која и постојано се бориме, каков парадокс, нели. Често со тоа и ненамерно ги стереотипизираме и ги сместуваме во одредени категории, но ги ограничуваме во можноста да го почувствуваат живиот и реален контакт со средината. Тој жив и адекватен, ослободен контакт на вашето дете многу пореално ќе го соочи со предизвиците на животот, и многу поадекватно ќе ги активира неговите капацитети за живот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X