„Драги колеги, пред да почнеме со дневниот ред, имам посебна чест да ве известам дека во нашето училиште ќе стигнат 25 дронови!“ – Милан направи драмска пауза и видно возбудено го избриша челото со марамче. Го развлече лицето во широка насмевка и гордо рече: „Овој голем момент ќе го снимаат многу телевизиски и новинарски екипи, бидејќи ние сме првото училиште во регионот што ги воведува дроновите во редовната работа!“

„Како би било прво да воведеме тоалети?“ – праша Милица.
„Ве молам, колешке…“, Милан очекуваше аплауз и ваквиот коментар го извади од колосек. „Па, во право е!“, рече Петар. „До она во дворот што го нарекуваме тоалети пешачиме околу 10 минути од училница, па често се плашам дека нема да стигнам навреме!“
„Делиме веце со учениците!“, рече Нада. „А, притоа нема тоалетна хартија!“, рече Драгана. „Баш тоа сакав да кажам. Еве баш денес кога тргнав во таканареченото веце.“, почна Петар да зборува, но Милан го прекина.

„Колеги, какви се сега овие приказни? Дали навистина ќе слушаме за вашата… мала нужда, па ве молам, имајте мера!“, Милан почувствува бес и разочарување. „Навистина нема смисла!“
„Кој рече дека е мала нужда? Сослушајте ме, кога веќе за тоа зборуваме…“ „Не зборуваме за тоа, зборуваме за дроновите! За еден од најсовремените производи на светскиот, а камоли на нашиот пазар!“ „А, па сега ми е јасно“, рече Милица. „Дроновите ќе ја донесат таа тоалетна хартија што ја немаме во тоалетите… Како и сапунот, кој исто така го немаме!“


„Луѓе, што ви е вам?!“, подвикна Милан и удри со раката на масата. „Дали сте свесни колку е важен моментот на кој ќе посведочите? Доаѓаат новинари, ќе има претставници од Општина, ќе дојде целиот Училиштен одбор, а вие се шегувате со мене и зборувате за тоалетна хартија! Ова е недозволиво! Ве молам, држете го нивото што им доликува на просветните работници!“

„Вистина!“, рече Драгана. „Нема да зборуваме за тоалетните и малите и големите нужди, еве јас би прашала дали се дроновите поважни од салите за физичко образование, кои ги немаме. Или, на пример, од библиотека, која исто така ја немаме!“ „Да не зборуваме за тоа дека ни прокиснува покривот!“, дофрли Божидар. „Во мојот кабинет виси вратата на една шарка, само чекам да падне еден ден!“, рече Нада. „А во мојот кабинет за ликовно нема вода. Има лавабо, ама нема вода. Децата немаат каде да ги измијат четките!“, рече Рајко. „И во кабинетот за ликовно… Ги немаме ни во тоалетите, вчера кога се обидов да пуштам вода, ми остана делот од чешмата в рака, а се слуша само некој звук шшшшш, па пробав да…“, вели Ивана, која Милан грубо ја прекори. „Колешке, повторно вие за тоалетите! Ви наредувам да ги прекинете приказните кои не доликуваат на наставнички одбор! Ако продолжите, ќе ве отстранам!“, рече и ја застрела со поглед. „Тоа беа теми од 60-тите години од минатиот век – ние сега зборуваме за нешто модерно, современо, а вие сте се запнале за тоалетна хартија и сапун! На што личи тоа?!“

Наставниците замолкнаа. Никогаш не го виделе Милан толку бесен.

„Значи, в понеделник ќе дојдете сите во 7:30, за жал, зад ваквите реакции морам да го нагласам она што се подразбира – во текот на церемонијата ве молам да нема какви било несоодветни коментари пред новинарите, бидете горди на своето училиште и таа гордост нека се види на вашето лице!“

„Извинете, директоре, мене не ми е јасно, за што воопшто ќе служат тие дронови?“, праша Емина.

„Боже, колешке… како за што ќе служат? Како што знаете, дроновите може да имаат различни намени. Може да се користат за различни работи и имаат неверојатни потенцијали“, рече Милан.

„Да, само што ќе прават конкретно во нашето училиште? Дали постојано ќе надлетуваат и нешто ќе снимаат, на пример, дали сите носат маски, или ќе мерат, дали децата држат дистанца и ќе ги испраќаат тие податоци во Министерството, или ќе се користат на часовите по техничко образование… И воопшто, кој со нив ќе управува кога многумина од нас не ни виделе дрон?“, продолжи Емина.

„Па, може… тоа… и… колешке, мене ми изгледа дека вие сега малку би филозофирале, јас за тоа немам време. Има ли други прашања, или да почнеме со дневниот ред?“, Милан погледна низ училницата.

„Еве, имам јас прашање, кога ќе воведеме тоалети?“, рече Милица.

„И ќе набавиме сапун“, дофрли Петар.

Наставниците поставуваа прашања, се смееја и дофрлуваа и повеќе никој никого не слушна.

„Ако ова ми го приредат в понеделник пред новинарите и општинарите – готов сум!“ – помисли Милан.

*Текстот е сатира и не опишува вистинска случка

Автор: Маја Бугарчиќ

Извор



912

X