Понекогаш така наутро „прелистувам“ вести на интернет, па секојпат се зачудувам и се откажувам по неколку минути бидејќи желудникот ми се превртува наопаку или се разбеснувам на глупостите што ги пишуваат квазиновинарите. Веќе подолго време се пишува за фамозни тестови за матура кои се купени. Вџашена сум од фактот дека луѓето толку се шокираат поради тоа што учениците ги купувале решенијата… Како да не се свесни дека цело образование им се заснова на препишување. Повеќето од нив книга в раце не зеле, а камоли да научат нешто. И тоа не важи само за оваа генерација, туку проблемот постои многу подолго…
Само овие деца се премногу смотани и „фатени“ се. Сите мижевме и на сите досега ни беше добро, така? Нема да се лажеме, на повеќето им одговараше да одат по полесниот пат, затоа и повеќе ја вртевме главата во пораз, немоќни да влијаеме врз што било. Како што вели онаа поговорка – ако не можеш да ги победиш, приклучи им се. И се приклучивме на корумпираниот и беден образовен систем, прво родителите, а потоа и ние, децата. Ние сме ги следеле примерите на нашите старатели, оние што требаше да нè научат дека тоа така не треба. И што сега?
Новински наслов – „Родителите вџашени“
Не ми е јасно, одеднаш се шокирани и збунети, па каде биле сите овие години? Додека ќерките им се сликале по тоалетите, а синовите се тепале во училишните дворови, разбивале излози и кришум пушеле цигари и се опивале? Дали некој постави прашање од каде им се на тие деца парите за да ги купат тие исти тестови? Не? Еве јас ќе ви кажам. Родителите им ги дале. Не можам да гарантирам сто отсто дека знаеле во чии раце одат тие пари, ниту во која цел, иако одговорно тврдам дека неколкумина веројатно знаеле. Впрочем, што може друго да се очекува кога децата се прашувани дали ќе одат на приватни часови кај тие исти професори и наставници кои им предаваат.
Кај нас во гимназија се одеше на приватни часови по математика кај истата професорка што ни предаваше. На часовите седеше во својот стол, јадеше чоколада и читаше каталози и весници, понекогаш одеше до табла и набрзина ги кажуваше задачите кои на никого не му беа јасни. По хемија маж и жена меѓусебно ги земаа учениците и заработуваа од очајните родители. Убаво си го разработија бизнисот. И двајцата беа „строги“, делеа единици, а потоа ги испраќаа децата кај сопружникот. Материјалот беше обемен и тежок, а оценките требаше да се поправат. Часови имаше многу, а пари уште повеќе. Во некои случаи и премногу од едно семејство, со оглед на тоа дека некои деца, во екстремните случаи, ги испраќаа и на поправни испити. Повеќето прифаќаа да одат на приватни часови, а остатокот се снаоѓаше како знае и умее. Сите молчевме и на сите ни беше „добро“.
Следна вест – „Наставниците и професорите во неверување!“
Благо чувство на мачнина и гадење. Не сум сигурна дали е потребен коментар. Во неверување? Чекајте ве молам. Па не се случува ова од вчера. Истите тие што се во неверување граделе домови, купувале автомобили и ги образовале тие деца токму од вашите пари. Аха, сега сфаќам, во неверување што учениците се измамени и наместо часови за подготовка, купувале решенија. Зарем сте заборавиле на оние 2 илјади денари на почетокот од годината за упис? Да? Знам дека да. Како што заборавате и многу други работи. Сте земале пари под изговор „за упис“, заборавајќи да се нагласи дека тоа е ДОБРОТВОРНА ДОНАЦИЈА и дека никој не е задолжен да плати.
Додека не ги фатиле во лагите.
Што мислите, како дошле тестовите до рацете на децата? Чисто се сомневам дека 14-годишници кои се фатени како препишуваат се способни да дојдат до самите тие тестови, без навреда, некој морал да им ги понуди. А тие, научени да го одбираат полесниот пат, избрале да купуваат тестови. Пред една година посетив наставник кој многу го ценам, а бев ужасена од однесувањето на учениците, кои беа петто одделение. 80 отсто од нив користеа телефони, а преостанатите 18 отсто дивееја по училницата, викаа и се шетаа како човекот да не е тука и како да не им се обраќа, додека еден отсто го почитуваа тој мал дел од авторитет кој останал во тој поразен наставник.
Преостанатите еден отсто ретко и присуствуваа на часови. Притоа морам да нагласам дека тоа е еден од построгите предавачи, колку што ме служи сеќавањето… Како очекувате нешто од деца кога не сте ги научиле ниту на основно почитување авторитети на наставници или професори? Сте создале мали кочијаши и идни старлети и сега очекувате да почитуваат некои правила? Правилата веќе не постојат, а за тоа сте се погрижиле токму вие кои сте го одбирале и создале системот (и понатаму го создавате). Се однесувате како образовниот систем да функционирал одлично, а сега како одеднаш нешто не е во ред. Не може така! И покрај тоа што за образовниот систем треба најмногу да се зборува, години наназад овој систем е најлош, корумпиран е создава необразовани луѓе неспособни за живот.
Ох, иронија ли… Треба да имате колективен срам. Родители, наставници, професори, сè до министри и преостанати одговорни. Вие сте го создале системот и сега немате право да се буните. Или менувајте го или оставете ги децата на мир.
Родители, децата не се виновни, тие тоа од вас го научиле!
Сетете се на сето ова кога вашето дете ќе биде на улица, ќе крши излози, ќе тепа луѓе и ќе го мрази цел свет. Тоа се последиците што овој образовен систем ги има – фрустрации, бес и омраза, кон себе и сè што ќе се најде на патот кон пропаста. Образованието е луксуз, без образование нема ниту знаење, па со самото тоа ниту професии, ниту вработувања, без тоа нема пари, па нема храна, односно егзистенција. Егзистенцијата е луксуз.
Всушност, погледнете се себеси. Ве поздравувам од приватен факултет, почитувани наставници и професори, бидејќи на државниот образовен систем долго не му верувам, одамна сум кренала раце, како што и тој некогаш, пред многу време, крена раце од мене и од моите пријатели.
Автор: Владислава Мрчела
912