Родителството е тоа што е вродено, а воспитувањето е она за што се подготвуваме, усовршуваме и едуцираме

Ако тргнеме од фактот дека и семејството и училиштето имаат една основна заедничка цел, а таа е правилен развој и воспитание на младата личност, тогаш нејзиното успешно реализирање е незамисливо без континуирана и успешно организирана меѓусебна соработка.

Обично луѓето веруваат дека воспитувањето на детето е вродено во секој човек и дека секој родител интуитивно знае што треба да прави верувајќи дека го прави тоа добро. Она за што се мислиме дека е интуитивно знаење за воспитувањето е чист родителски инстинкт, емоционална поврзаност со детето, помешана со воспитувањето на своите родители и проекција на сопствените желби и интереси. Родителството е тоа што е вродено, а воспитувањето е она за што се подготвуваме, усовршуваме и едуцираме.

Семејството има моќен сојузник во училиштето за правилен развој на своите деца

Родителите се првите модели на однесување со кои децата се идентификуваат при решавањето на секојдневните проблеми, соработката, поделбата на одговорностите. Родителите ги учат своите деца да станат дел од заедницата и поширокото општество, што значи и родителите и наставниците имаат исти цели за децата. Воспитанието во училиштето не треба да биде надоместување на родителското воспитание, туку само негово надополнување. Ова се однесува и на образованието во семејството, кое треба да претставува надополнување, а не надоместување на училишното образование. Сето ова бара и поголема едукација и подигнување на педагошката култура на родителите.

Семејството има моќен сојузник во училиштето за правилен развој на своите деца. Училиштето е најорганизирана воспитно-образовна институција која ги остварува пошироките општествени интереси, кои во демократското општество се во согласност и со интересите на семејството за правилен развој на нивните деца. Во таа смисла, воспитните цели и задачи се единствени и нивната реализација претставува заедничка грижа и обврска.
Воспитувањето и процесите на развој на младиот човек во современиот живот стануваат многу сложени. Покрај семејството и училиштето, на младиот човек му влијаат и многубројни фактори и ситуации. Во таа смисла се усложнува и воспитната улога на семејството. Тоа е упатено да бара помош од училиштето на поширок план, а не само за успехот во учењето на своите деца.

Проф. Горица Поповска-Налевска

Ако тргнеме од фактот дека досега училиштето имаше ексклузивен авторитет и моќ во образованието на детето, јасно е дека тоа е она што треба да покрене иницијатива и волја за започнување партнерски однос и отворање спрема родителите. Тоа е процес на постојана рефлексија, испитување, расправии и евалуација на меѓусебната соработка, придружена со прашањата: Каде се движиме? Дали е тоа правецот кон кој сакаме да се движиме? Кој е најдобриот начин да стигнеме до заедничката цел? Како да го измериме успехот на нашите напори во подобрувањето на детските постигнувања?

Градењето партнерски односи меѓу родителите и наставниците, за децата, идни граѓани, претставува модел на демократско однесување

Првиот чекор за инволвирање на родителите во воспитни-образовниот процес е создавање позитивна училишна клима. Родителските состаноци, како еден од традиционалните модели на комуникација меѓу училиштето и семејството, се најзастапени и денес. Меѓутоа, на родителските состаноци родителите не треба да бидат во улога на пасивни примачи на информации – на родителските состаноци не треба да преовладуваат теми поврзани само со пренесување информации за формални и организациски аспекти од училишниот живот, како и за постигнувањата на учениците, туку активно вклучување на родителите преку работилници, меѓусебни дијалози за развојот на детето и активни начини за помош на детето во учењето.

  1. Училиштето може да ги поттикнува родителите активно да се вклучат во процесот на образование на нивните деца на следниве начини:
    • Наставниците треба да се информираат за знаењата, вештините, интересите на родителите и да испитаат како тие може да придонесат во наставата, воннаставните активности и целокупниот училиштен живот;
    • Училиштето може да организира едукативни работилници и предавања на теми за детскиот развој, начините на учење и помошта која родителите можат да им ја дадат на своите деца;
    • Училиштето може да ги поттикне родителите самите да ги искажуваат своите интереси и да одржуваат работилници на теми кои ги сметаат за корисни;
  2. Училиштето може да поттикне размена на искуства меѓу родителите. Дијалогот меѓу самите родители може да дејствува мотивирачки и врз оние родители што не покажуваат доволна спремност за соработка со училиштето. Училиштето може да претставува значајна основа и извор на поддршка на родителите така што:
    • Ќе ја прошири можноста за размена на искуства меѓу родителите, на пример, во рамките на родителските состаноци;
    • Ќе отвори можности за самоорганизирање на родителите и одржување неформални состаноци во училишните простории;
    • Опремување на училишните библиотеки со соодветна литература која ќе ги збогати знаењето и искуството на родителите и слично.
  3. Училиштето може да започне дијалог со родителите за нивното учество во донесувањето одлуки. Резултатите покажуваат дека родителите имаат многу мало влијание во донесувањето одлуки за одредени аспекти од училишниот живот. Се предлага родителите и наставниците да поведат дијалог за сопствените очекувања и ставови поврзани со учеството на родителите во процесот на донесување одлуки во училиштето. Дијалогот е добра основа за разбирање на потребите, усогласување на меѓусебните очекувања, поделба на одговорноста и воспоставување вистински партнерски односи.
  4. Училиштето може да им обезбеди на наставниците квалитетна поддршка во поттикнувањето на партнерските односи со родителите. Најчесто наведени причини за недоволна соработка се недостигот на време на родителите, како и недостигот на обуки и вештини за комуникација. За таа цел, потребна е обука на родителите и подигнување на нивната свест за придобивките од нивното учество во процесот на образованието. Но пред сè, обука е потребна за наставниците и другиот училиштен кадар. Нивната задача е многу потешка затоа што тие треба да бидат и планери, и организатори, и реализатори на целиот процес.

Кога родителите се партнери со училиштето, тие не го помагаат само процесот на учење на нивните деца, туку во средината за учење внесуваат животна реалност која на учењето му ја дава потребната смисла. Градењето партнерски односи меѓу родителите и наставниците, за децата, идни граѓани, претставува модел на демократско однесување.

Автор: Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки



912

X