Разговорот бара, пред сè, разбирање. За да разбереме што ни кажува некој, мораме да бидеме тој што ја држи рамнотежата, а не тој што прави уште поголема емотивна бура. Ние сме страната која цврсто „ги држи конците“ во рацете, а не новинари желни за сензација. Што значи тоа во практична смисла? Сме слушнале дека некој му удрил шлаканица на дете, дека некој го повредил/понижил… Прво броиме до 10, па велиме: „Во ред, секој проблем има решение. Одиме полека“. Дали мораме решението да го држиме во ракав и да го истресеме за 30 секунди? Не! И тоа е во 90 отсто од случаите погрешно.
Во првиот, а и во последниот момент, најважно е да бидеме стабилни, тактични, промислени и цврсто да стоиме на земја, дури и кога душата ни излегува. Тоа е она што им е потребно на децата во тој момент – цврста потпора. Искусниот психолог Најџел Лата им порачува на родителите: „Бидете карпа, а не море.“ Никој не сака да биде единствениот во светот што доживеал траума. Иако му е жал за сопатникот, сепак, е полесно да се сподели маката отколку да се биде единствениот малер на овој свет на кој му се погодиле лоши карти. Сите знаеме и за понижување и за силување, за убиства, за прељуба, за врсничко насилство, неправда… Не е добро да се остави пред децата впечаток дека сме „растеле во саксија“. Така што, тоа на луѓето им се случува и тоа е исто така важно да им се каже на децата. Не сме единствени во проблемот, животот е вртелешка, по дождот доаѓа сонце – ќе го средиме овој проблем.
Во сериозни проблеми, возрасните ги штити адвокат. На него се потпираат и во неговото знаење, способност и моќ – веруваат. Замислете ситуација во која му раскажувате дека ве претепале, а тој почнува да плаче и вели: „Не грижете се, одам таму, сите ќе ги убијам!“ Колку тоа би ви влеало надеж за враќање во нормалниот и мирен живот? Ние сме адвокатите на децата. Така што, нè интересираат сите детали, а ние имаме „покер лице“. Го земаме предвид тоа што било пред и по немилиот настан и задолжително – кој сè бил присутен. Секоја ситуација е за себе, возрасни луѓе сте, па изберете некои од чекорите:
- Ја повикуваме личноста која била присутна, заедно, да провериме како ја доживеала таа ситуација (а не дали нашето дете лаже – исто е, но звучи подобро).
- Ги одвојувавме постапките од актерот! „Перо и Мика ме допираа“ – мораме точно да знаеме кој што направил, поединечно, а не групно.
- Ги повикуваме учителите/одделенските наставници/тренери… да закажеме разговор. Таму многу прашуваме, а помалку зборуваме и не донесуваме прерани заклучоци. Повторно броиме до 10 (подобро до 1.000).
- Ако некој го обвинил детето, прашуваме за точни реченици и постапки, а не за општиот впечаток на повредениот.
- Ако нашето дете е повредено, исто така, добро е да се знаат точните постапки и зборови на насилникот, бидејќи „ме допирал“, „ме малтретирал“… може да оди од „грд ти е цртежот“ до „ќе те заколам“. Не смееме да се потпираме на нашата имагинација и визија, ни требаат факти.
- Прашате го детето да ги „одигра“ тие сцени (ако е соодветно, а кај насилство е).
- Во разговорот со децата наведете примери за кои знаете, па поттикнете ги децата да зборуваат што виделе, слушнале, доживеале. Заедно анализирајте.
- Постои бесплатна помош за секој проблем. Повикајте, прашајте ги за совет луѓето што го работат тоа по цел ден – претшколска/училишна педагошка и психолошка служба, СОС-телефони кои не треба да ги повикуваме само кога животот ни е во опасност, туку и за совет и за поблаги проблеми, полиција, центар за социјална работа и слично. А тука се и бабата, кумата, сосетката… Повеќе глави се попаметни од една!
Е сега, ако ве заболе стомакот од тој совет, тоа вашата прабаба ви шепоти: „Не изнесувај ја валканата долна облека од дома“. Ние тоа не сме го разбрале баш најдобро и скапо нè чинело. Прабабата не ѝ објаснила на бабата, бабата не ѝ објаснила на мајката, па ни мајката нам – што точно се мисли со тоа? Можеби сакала да каже: „Не нарушувај го статусот на нашето семејство! Но, тоа сме го слушнале, усвоиле и сме молчеле. Со она „возрасните се секогаш во право“ сме добиле 8 силувани девојки пред 10 и повеќе години, а „валканата долна облека“ е скриена поради срам, страв и традиција. Додајте нули, за жал, нема да погрешите.
- Секогаш утврдете и кој рекол, а не само што рекол.
Кога ќе ги соберете аргументите, погледите од повеќе агли, оправдувања, докази, кога ќе се смират страстите… правете тактика заедно со детето. За процесот на решавање да успее, секој ден кажувајте му (знам дека тоа го чувствувате, но детето не знае) дека го сакате со сите негови маани и проблеми, баш такво какво што е, дека сте храбри и спремни за проблемите, дека не треба да ве штеди од стрес преку молчење. Дека не мора да се врти и да проверува – вие секогаш сте зад него! Безусловно и доживотно. - Кажете му на детето да не се плаши од закани. Кажете му дека заканите се обично страшни, но и празни и дека молчењето не е решение. Внимавајте и од ова:
Се случува дури кога детето ќе почне да зборува некои страшни работи или за своето здравје, родителот да ја остави работата и со целосно внимание да слуша, а дотогаш не го забележувал своето дете. Тоа може да биде мотивација детето да ги преувеличува случките околу себе, да измислува и да манипулира за уште малку повеќе внимание. Дали тоа значи дека мораме 24/7 да седиме и да слушаме што има да каже детето? Не, никако, бидејќи така набрзо ќе умреме од глад или нервоза, туку некогаш вака, некогаш така, но СЕКОГАШ БЕЗ ДРАМА.
Превенција: ПРАШУВАЈТЕ, ПРАШУВАЈТЕ, ПРАШУВАЈТЕ… деца, наставници, педагози, психолози, соседи, родители од другарче, искусни родители, баби, дедовци, мајки, татковци… разговарајте отворено. Внимавајте: кој е со децата, кој ги вози на тренинг, а не само кој ги тренира… во чиј дом одат, внимавајте на пријателите што ги пуштате дома, на луѓето од опкружувањето кои имаат пороци, кои имаат ниска самоконтрола, тргнете ги децата од луѓето на кои често „им паѓа ролетната“, кај кои чувствувате агресија, без, изразено незадоволство од опкружувањето, од себе… Таквите луѓе одат по жица, од која може да падне и „на детето“.
Ако мене ме прашувате, посоветувајте ги децата, особено тинејџерите, никого да не пуштаат дома додека не сте тука или барем додека не најавите посета. Нема причина ненајавено да доаѓаат кумови, вујковци, соседи, тренери. Учете ги децата во лифт да не влегуваат сами со едно лице, да не одат во мрачни улици никогаш, да не одат да гледаат туѓи домашни миленичиња, во туѓ автомобил никогаш да не влегуваат. Детето нека знае барем 3 броја на кои ќе се јавува во итни случаи, а не само да го знае оној од мајка си. Пред да пресечете што било, а особено да го осудите детето, измерете милијарда пати. И слушајте дали плитко дише, гледајте го в очите на своето дете – тука пишува сè.
Автор: Снежана Голиќ, педагог
912