Влегуваме во месец кога сите подаруваме, месец кој колку и да е магичен поради семејната атмосфера, за децата претставува нови играчки, слатки и сите оние работи што со нетрпение ги очекуваат под елката.

Иако дарувањето вклучува давање предмети, секако можеме да го подариме и нашето време, нашите пофалби, совети или знаење. Можеби ние, возрасните, ќе ги цениме подароците што ги даваме и примаме размислувајќи зошто некој дава нешто и колку тој подарок одговара на лицето за кое е наменет. Но, децата тука се прагматични.

Како да ги научите да „останат во реалната рамка“ како за празниците така и во оние вообичаени реакции кога одите во продавница со нив, а тие сакаат сè?

– Еднаш го слушнав советот: „Не носи ги децата во продавница“, но ако зборуваме за вистинска секојдневна ситуација во која родителот работи, а по работа нема на кого да го остави детето, тој мора да го понесе со себе. Првиот чекор е да го подготви детето со тоа што ќе го вклучи во составувањето на списокот со работи за купување.

Зошто правиме список? Со тоа му кажуваме на детето дека ќе го купиме само она за кое сме дошле. Детето ќе се согласи, но кога во продавницата ќе види друг предмет што го сака, ќе сака да го купи. Тогаш родителот ќе го потсети на списокот. Значи, прво е потребно да се испочитува детето, односно неговиот предлог, па потоа да се потсети за списокот. Истовремено, не треба да се поставуваме како доминантни, бидејќи тоа може да предизвика конфликт. Кога се повикуваме на списокот, тогаш детето полесно го прифаќа „не“ како одговор, особено ако учествувало во неговото создавање – советува Глорија Пераниќ, хрватска едукаторка по принципот на позитивна психологија.

Вториот чекор, според неа, е да му дозволите на детето да избере една работа. Ако повторно побара нешто друго, тогаш родителот го потсетува детето дека веќе избрало.

– Третиот чекор е да му се даде улога на детето во продавница. На децата им е досадно, а истовремено ги привлекуваат многу работи. Ангажирајте ги да го носат списокот, гледајте на полиците – советува Глорија и потенцира дека не мора да се испочитуваат сите желби на детето, но секојпат треба да се испочитува детето.

– Гледам дека навистина ти се допаѓаат овие бонбони. Знам дека ти е тешко да се одделиш од нив. Но, овој пат избра колачиња. Или насочете го. „Ќе ги јадеме колачињата со млеко и чај?“ – вели таа.

Штом ќе почнат да ги препознаваат своите омилени работи во продавницата, децата почнуваат да ја разбираат моќта на парите – ова веќе е на возраст од три години, додека децата од предучилишната возраст веќе можат да го сфатат фактот дека парите се клучот за многу работи што ги сакаат. И покрај агресивниот маркетинг, сепак родителите се оние од кои децата учат најмногу – од нивната невербална комуникација, разговорите за тоа како да управуваат со парите и како да ги трошат.

Извор



912

X