Ако вашата бременост не спаѓа во ризичните, а лекарот не ви кажал поинаку, може да имате сосема нормален сексуален живот

Дали моето бебе е безбедно во текот на сексот? Дали може оргазмот да предизвика спонтан абортус или предвремено породување? Постои ли ризик од инфекција?
Во моментот кога дознавате дека сте бремени, почнувате нов живот исполнет со многу промени. Тие се однесуваат на физичкиот изглед, психичката состојба, односот со партнерот…
Некои од типичните недоумици се однесуваат на сексуалниот живот. Може да ве мачат прашања како: Доколку имам секс, дали ќе му наштетам на бебето? Може ли тоа да има негативни последици врз бременоста? Нашиот одговор е охрабрувачки. Ако вашата бременост не спаѓа во ризичните, а лекарот не ви кажал поинаку, може да имате сосема нормален сексуален живот.
Можеби сега недоверливо ја кревате веѓата и наведувате 1.001 аргумент зошто тоа е неизводливо. Ја замислувате својата фигура, ве нервира тоа што личите на трокрилен орман и се потсетувате на фактот дека врзувањето на врвките ви стана неизводлива акробатска вештина. Меѓутоа, ќе се обидеме да ги отстраниме вашите недоумици.

Дали моето бебе е безбедно во текот на сексот?

Секако, вашето бебе е сосема безбедно! Тоа мало суштество е добро заштитено зашто е опкружено со амнионска течност, во внатрешноста на цврстиот мускулест ѕид на матката. Од надворешниот свет го одвојува и го штити слузав чеп кој се наоѓа на грлото на матката, позициониран на безбедно растојание од вагината.

Може ли оргазмот да предизвика спонтан абортус или предвремено породување?

Не може! Фетусот лежи заштитен од сите страни во стомакот, а повремени движења – како оние при оргазам – не можат да му наштетат. За време и по оргазмот матката прави повеќе контракции отколку вообичаено, но тие не се исти со контракциите што се јавуваат непосредно пред породување, па не можат да го загрозат бебето. Дури на бебето ќе му биде поубаво зашто ќе ужива во нишањето предизвикано од контракциите, како и поради хормонскиот бран на добро расположение што ќе го обземе вашето тело. Можеби ќе забележите дека по оргазмот бебето малку се смирило или, пак, станало поживо од обично. Тоа се случува поради споменатите контракции, кои на некои бебиња ги смируваат, а на други им влијаат стимулативно.

Контракциите на матката ги има во текот на целата бременост затоа што се неопходни да ги зајакнат нејзините мускули и да се достигне силата што е потребна при породувањето.
Доколку ви е непријатно од помислата дека вашето бебе може да ве „слушне“ што правите, може да бидете спокојни. Тоа слуша, ама нема никаква претстава што се случува. Можеби ќе ве утеши и фактот дека најголемиот дел од времето бебето во стомакот спие.

Постои ли ризик од инфекција?

Доколку сте сигурни дека вашиот партнер нема генитална инфекција, на пр., херпес, хламидија или друга сексуално пренослива болест, тогаш нема зголемен ризик за инфекција кај бебето. Во спротивно, употребата на кондомите е неопходна, како и лекување на партнерот.

Дали ќе имам желба за секс?

Ако вашата бременост е на самиот почеток и имате непријатни мачнини, може да ви се чини неверојатно кога ќе ви кажеме дека бременоста ја поттикнува желбата за секс. За тоа се виновни хормоните естроген и прогестерон. Тоа го поткрепува фактот дека телото на трудницата за само еден ден произведува естроген (хормон на сексот) колку што жена што не е бремена произведува за 3 години.
Освен тоа, во бременоста телото произведува 20 отсто повеќе крв. Овој зголемен проток на крвта низ организмот предизвикува вашите усни, вагината и клиторисот да набрекнат, па така стануваат супер сензитивни. Вашето тело функционира како една голема ерогена зона! Затоа нека не ве чуди што имате зголемена потреба за секс.
Кога ќе се земе предвид фактот дека оргазмот го потпомага протокот на крвта, а веќе споменавме дека бременоста го зголемува снабдувањето со крв, тогаш може да очекувате многу полесно да доживеете оргазам, а и да биде многу поинтензивен. Може дури и да ви се случи најдобриот секс да го доживеете во сон! За тие прекрасни ноќи на жежок секс може да им се заблагодарите на хормоните.
Ова се сите погодности на практикувањето сексуални односи во текот на бременоста. Меѓутоа, односот кон сексот е многу индивидуален, па се движи од зголемена желба до целосно избегнување. Во двата случаи потребно е да имате многу разбирање, а тоа се однесува на двата партнери.

Што ако не ви е до тоа?

Сосема е во ред ако ви се случи воопшто да немате потреба за секс, особено во текот на првиот и на третиот триместар. Не е невообичаено што некои трудници во текот на целата бременост го избегнуваат сексот. Немојте да се присилувате доколку чувствувате дека тој нагон се стишал, но задолжително разговарајте со партнерот за тоа што го чувствувате.
Истото може да се случи и со вашиот партнер. Не можеме премногу да го обвинуваме поради тоа. Замислете само со какви промени тој се соочува. Најпрвин треба да се навикне на вашиот физички изглед, кој постојано се менува, а потоа и на вас во улога на мајка и љубовница во исто време. Дајте му малку време, а својата интимност негувајте ја на други начини, галејќи се, држејќи се за рацете…. Добра идеја е да се туширате заедно.

Кога сексот не е дозволен?

Какво било крвавење е знак дека морате да одите на преглед кај вашиот гинеколог. И тоа од едноставна причина – да се установи дали крвавењето е опасно или не. Доколку станува збор за плацента превија, сексот не е дозволен. Во секој случај, не е лоша идејата да го прашате гинекологот доколку имате недоумици.

Се надеваме дека ве уверивме дека сексот во текот на бременоста е возможен – од првиот до речиси последниот ден. Она на што треба постојано да инсистирате е емотивната близина и меѓусебното разбирање, а тоа најдобро се постигнува со отворен разговор.



912

X