„Дали и вашето дете ќе го пуштевте во градинка?“, „Децата се нашата иднина, да ги заштитиме“, „За нашите деца ги спремавте монтажните болници“, „Животите на нашите деца се важни“. Ова се само дел од транспарентите со кои околу 150 мајки и татковци го изразија својот револт по одлуката да тргнат на работа на 23 септември, а не по Нова година како што првично беше најавено. Попладнево тие протестираа пред Владата.
– Бараме да се продолжи породилното отсуство бидејќи во пракса не може да се обезбеди простор во градинките за 12 деца во група, ниту, пак, може да се обезбеди кадар. Како ќе се запазат протоколите, кога тие налагаат во најмалите групи да има максимум по шест дечиња? Периодот на адаптација на бебе во градинка е речиси еден месец, додека се навикне на нови ликови, на нова храна, простор. Ако не ни ги исполнат барањата, ќе бараме средба со владини претставници да ги образложиме нашите аргументи – рече Милена Дабеска-Симовска.
Деновиве се потпишуваше онлајн-петиција за продолжување на породилното отсуство. Петицијата ја потпишале 3.325 лица.
Надлежните велат дека нема да се продолжи породилното отсуство заради враќање на економските процеси во нормала, а еден од аргументите им е дека градинките се отворени, има кој да ги згрижи децата и нема потреба повеќе да се седи дома.
Фото: Борче Поповски
912