Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска на состанок со директори на градинки од целата држава истакна дека ако некаде има проблем со недостиг на вработени негувателки и воспитувачки, општините се тие што треба да го решаваат тој проблем. Општинарите треба да бараат решенија и за проблемите со недостиг на просторни услови доколку некаде постојат.
Градинките ќе ги отворат вратите за дечињата на 9 септември.
– Врз основа на направените анализи и процена на ризици, од страна на Министерството за здравство и анализите и податоците на Министерството за труд и социјална политика, Владата донесе одлука дека градинките можат да почнат со работа, почитувајќи ги протоколите и алгоритамот кој прецизно предвидува правила кои строго треба да се почитуваат со цел заштита на децата и вработените во градинките – кажа Шахпаска.
Таа повтори дека согласно протоколите, прием може да се направи на околу 19.000 деца, а досега се пријавени околу 14.500 деца.
Приоритет ќе имаат децата на самохраните родители и на двајца
вработени родители што не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.
Од страна на директорите на јавните установи за згрижување на децата беа посочени одредени дилеми, за кои низ отворена дискусија се донесоа
одредени заклучоци и се расчистија голем број прашања и нејаснотии.
– Безбедноста на децата е приоритет, а согласно донесените протоколи и
алгоритамот направени врз основа на детални анализи и процени, градинките се подготвени да започнат со работа на 9 септември за безбедно и сигурно згрижување на децата во установите – рече таа.
912