Како што се приближува почетокот на новата учебна година, училиштата во САД се договараат како да ги едуцираат своите ученици, а сите да останат безбедни при целиот тој процес. Некои окрузи ќе ги вратат децата во училишните клупи, додека други ќе продолжат со онлајн-настава. 20 до 30 отсто од националните училишни окрузи – меѓу кои и Њујорк Сити (каде што има повеќе од 1 милион ученици), планираат да имплементираат хибриден модел, каде што групи деца ќе одат на училиште со алтернативни, скратени распореди. Американските гувернери, училишни советници и државни епидемиолози пристапуваат на овој модел на следниот начин: бројот на деца во училницата да се држи на доволно ниско ниво за да има соодветна физичка дистанца, додека учениците добиваат есенцијални делови од наставата, а се физички присутни. Изгледа дека се работи за совршен компромис. Но, ова може да е целосна невистина.

Подобро е учениците да го поминуваат времето во конзистентна врсничка група

– Хибридниот модел е можеби најлошиот што можеме да го примениме со цел да го спречиме ширењето на вирусот низ училиштата – вели Вилијам Хенеџ епидемиолог од Харвард.

– Не гледам како, на крајот, ова ќе им помогне на наставниците. Не го сфаќам целосно хибридниот модел – вели Џенифер Нузо, епидемиолог од училиштето за јавно здравје „Џонс Хопкинс блумбер“.

Нивниот аргумент е едноставен: Ако сакате да го ограничите бројот на децата и изложеноста на наставниците на инфекцијата, подобро е учениците да го поминуваат времето внатре во конзистентна врсничка група. Во хибридниот модел, кога учениците се држат надвор од училиштето неколку дена во неделата, или, пак, секоја втора недела, голем процент од нив ќе стапуваат во интеракција со други деца и возрасни. Тоа особено важи за помалите деца чии родители се вработени, како и за децата што треба да бидат во дневен престој, па тие се изложуваат и на други социјални контакти, а следствено на тоа и на можни инфекции. Во меѓувреме, постарите деца и адолесцентите ќе се дружат со своите врсници во текот на деновите кога нема да бидат на училиште.

Хибридниот модел, според Нузо, функцкионира само ако учениците седат дома, сами, во целиот период кога се на пауза од одење на училиште (односно деновите кога според распоредот нема да бидат физички присутни во училница). Ова е нереалистична процена.

Сите овие дополнителни интеракции ја зголемуваат можноста да се зголеми ризикот од трансмисија отколку да се намали, смета Димитри Кристакис, педијатар и епидемиолог од Универзитетот во Вашингтон.

Со хибридниот модел многу мали деца може да бидат и на трето место, со баби, дедовци, роднини, дадилки…

– Има реална шанса хибридниот модел да го унапреди ширењето на вирусот. Со ова гледиште, подобро би било да има 30 деца во училница, иако нема доволно простор за физичко дистанцирање, отколку да се менуваат групи со половина од таа бројка. Во подоцнежно сценарио, секој од овие ученици би бил повеќе изложен на поголем број луѓе, севкупно. Нивните наставници, исто така, ќе бидат изложени на поголем ризик – бидејќи наместо да учат една група секој ден, тие ќе бидат задолжени за две.

Мартин Кулдорф, биостатистичар од медицинската школа на „Харвард“, вели:

– Со целосен престој во училиште, децата примарно се на 2 места и со 2 групи на луѓе, на училиште и дома. Со хибридниот модел, многу мали деца може да бидат и на трето место со дополнителни луѓе, како баби, дедовци, роднини, дадилки итн. Со зголемување на сечие изложување од 2 места и групи на 3, тој вели дека хирбидниот модел е „најлошиот“.

Предлага „хибрид-наставник“ модел: „Децата седат на училиште со целосен распоред, додека најранливите наставници работат однадвор, односно им помагаат на колегите да ги оценуваат тестовите, да подготвуваат материјали, или да обезбедат онлајн-менторство за децата што мора да останат дома сами.

Многу земји од Европа имплементираа хибридна стратегија уште во текот на пролетта, но ниту еден од споменатите експерти нема информации за одредени студии во однос на ефектите од виралната трансмисија. Покрај потенцијалот за поголемо ширење на инфекцијата, едукативните придобивки од хибридниот модел може да бидат и маргинални. Мира Левинсон, експерт за едукација и етичар, вели дека некои ученици може да пронајдат вистинска вредност во можностите за учење со физичко присуство – од дисекција на жаби, на пример, или повремените вежби за „тим билдинг“.

Хибридниот модел постои единствено како комбинација од стандардните водичи за физичко дистанцирање. Инструкциите за отворање на училиштата од американските центри за контрола и превенција од болести препорачуваат „учениците да останат барем на 2 метра раздалеченост“, а многу држави ја прифатиле таа препорака. Но, многу од училиштата ќе мора да ја намалат вкупната популација, некои дури и за две третини.

Данска ја намали мерката за физичка дистанца од 2 метра на 1 метар

Како што истакнаа многу експерти, 2 метра не е магична бројка за превенција од болести. Правилото за практика, наместо само теорија, потекнува од пред многу години, со цел да помогне во превенција на трансмисијата од респираторни болести помеѓу здравствените работници и пациентите. Не е базирано на студии за училишните средини, ниту за малите деца, кои имаат помала шанса да бидат инфицирани со Ковид-19 за разлика од возрасните. Светската здравствена организација и Американската академија на педијатри тврдат дека 1 метар растојание би била соодветна дистанца за да се постигнат придобивките.

Во мај Данска ја намали мерката за физичка дистанца од 2 метра на 1 метар и таму немаше регистрирано ширење на вирусот низ училиштата.

Во Шведска, основните училишта останаа отворени во текот на целата учебна година без да се специфицира минималната дистанца помеѓу учениците, а владата заклучи дека училиштата не се поттикнувачи на трансмисијата и дека наставниците не се изложени на поголем ризик од другите професионалци.

Во Њујорк е предложен хибриден распоред каде што учениците ќе посетуваат часови само 2 дена во неделата. Всушност, се планира да се имплементира протокол за дистанцирање заснован на 44 квадратни метри, што би значело оддалеченост од 2 метра помеѓу децата. Училниците во тој округ не се пренатрупани. Изгледа дека учениците ќе бидат повеќе надвор отколку во училиштата, поголем дел од неделата, потенцијално зголемувајќи го ризикот и за себе и за учителите.

Автор: Дејвид Звиг

Извор



912

X