Квалитетот на основното образование во Македонија опаѓа низ годините. Често се импровизира на часовите, недостигаат основни материјали за работа, необјективно се оценуваат учениците, наставните програми се преобемни, работниот ден е полн со многу наставни часови, дури и за најмалите во одделенска настава, а знаењата сепак се сè пооскудни.

Ресорот – столб во државата, не е соодветно третиран од властите што го раководат. Се кратат пари од буџетот, нема грижа за (не)квалитетот кој го испорачува системот. А основното образование е најважно, тука се поставуваат темелите, во тој период се формира личноста, па во таа фаза од животот образованието и воспитанието се клучни за секој ученик.

Што е она што мора да се менува? Поточно, на што итно мора да почне да работи водачот на клучниот ресор откако ќе седне во министерската фотелја? Предлози за приоритетите на идниот министер издвои Убавка Бутлеска, докажан, успешен и долгогодишен педагог во Основното училиште „Манчу Матак“ во Кривогаштани и одличен познавач на образовниот систем во земјава.

Еве ги петте приоритети.

Повеќе пари од државата за училиштата

Ова се чини не функционира баш најдобро. Важно е колку пари ќе добие едно училиште. Начинот на кој се трошат тие пари може да има големо влијание врз квалитетот на работата на училиштата. Вака, како што е поставено сега, освен за сметки и трошоци за тековно работење, за ништо друго што е суштина на работењето на училиштата нема пари: за реконструкција, доградба, замена, нагледни средства, техника, мебел, наставни материјали, потрошни материјали, обуки и слично.

Во училиште – само работи поврзани со образованието и воспитувањето

Многу е важно училиштата да се ориентираат само кон работи кои се суштински поврзани со образованието и воспитувањето. Административната работа на наставниците да се намали: два дневници, дополнителна евиденција за воннаставни активности, планирањата се пообемни, се прават долги и многубројни извештаи за сè и сешто. Нека го „потрошат“ тоа време на учениците и наставата.

Убавка Бутлеска

Реформа на наставните планови и програми

Веќе имаше направено некој обид пред 3-4 години со нови програми од прво до трето одделение, кои наидоа на позитивни коментари од наставниците каде што беа дадени на разгледување. Го заборавивме правилото „помалку е повеќе“, предметите се сè повеќе на број, а сè помало е знаењето на учениците. Сè поголеми се оптовареноста и немотивираноста на учениците за учење. Реформите треба да се постојани, редовни, ако нешто не функционира по еден циклус, нека се менува. Ако пред 4 години се пробаа новите програми, досега ќе имавме сознанија што треба да се подобри, а што да се отфрли.

Поголема и посуштинска поддршка на наставниот кадар

Зајакнување на улогата и професионалноста на наставниците и стручните соработници, поголема автономија во работата, покреативна работа, помалку административни обврски, намалување на надворешните притисоци, овозможување бесплатен и по избор, но задолжителен професионален развој. Можеби реорганизација на одредени сектори во Министерството за образование и во Бирото за развој на образованието – БРО би можела да помогне како најитно нешто во оваа насока.

Поинаков концепт за оценување

Не знам дали може да се реши во една година, но нека се почне. Еве, прво може да се почне со намалување на бодовите за упис во средно училиште, а со тоа ќе се намали и притисокот врз наставниците да се зголемуваат оценките, што секако не е реален одраз на знаењата. Потоа да се покрене дискусија за начинот на кој се оценува и како тоа да се приспособи на реалните знаења. Вака само ги оштетуваме учениците и им создаваме погрешна слика за нивните знаења и способности, што не дозволува реално да се процени каде и како да го продолжат своето образование. Тука е и проблемот со непостигнувањето на целите од одредено одделение и преминување во следно и покрај тоа, а нели е поважно знаењето од оценката.

Бесплатен топол оброк, интернет и компјутер за секое дете

Има уште неколку работи што сметам дека треба да ги обезбеди државата, иако сум свесна дека за тоа нема да има пари и/или волја, вели Бутлеска. Таа смета дека секој ученик во земјата треба да добие бесплатен топол оброк.
– Освен тоа, секое дете задолжително треба да поседува преносен компјутер. Државата нека помогне кај сите или кај одредени што не можат да си го дозволат тоа. Потоа да се обезбеди бесплатен интернет за секое семејство што има ученици. Освен тоа, во секое училиште сметам дека треба да се вработат медицинско лице и ИТ-администратор. Неопходни се – предлага Бутлеска.



912

X