Веќе во неколку наврати седнувам и пишувам добар дел од текстот на оваа тема, а потоа сè ќе избришам од причина што си го поставувам прашањето „што и на кого му објаснувам“? Луѓето едноставно си зацртале во своите глави некои работи и не е лесно да се убедат во спротивното. А грешат. Грешат, и тоа многу.

Ако се прашувате што всушност ме навело да го пишувам овој текст, ќе ви речам дека има многу причини. И порано постоеле критики на сметка на учителите, но со одредена доза на воздржаност, но ова што се случува во последните неколку години ја надминува секоја мера на пристојност. Денес секој си дава за право да ги критикува учителите и нивната работа без малку подлабоко да размисли за сè. Обично само се гребнува по површината на многу теми кои се однесуваат на просветата воопшто, а се прават такви драми што е тешко да се објасни, а камоли да се реши. Слободно можам да кажам дека најголемата мака ми ја предизвикуваат коментарите дека учителите ништо не работат, туку ќе одржат 2-3 часа и си одат дома, дека имаат неколку распусти, дека учителките добиваат подароци за 8 Март, дека учителите не ги воспитуваат децата, дека се виновни за сè што им се случува на децата на училиште итн.

Овој пат би ги замолила сите што сакаат да го коментираат овој текст, најпрво да го проучат Законот за основно образование, да ги прочитаат правата и обврските на ученикот, родителите и наставникот, реално и непристрасно да ја согледаат ситуацијата во училиштето и одделението на своето дете, како и однесувањето, трудот и работата на своето дете, добро да ги согледаат „за“ и „против“ моментите и на крај добро да размислат за сè, па дури потоа да критикуваат, пофалуваат, поддржуваат, предлагаат… Знам дека и меѓу наставниците и просветните работници има секакви луѓе, но и за таквите има лек. Постојат многу начини да се решат проблемите на таквите видови. Туку да преминеме на главното. Ќе зборувам од сопственото искуство од мојот агол на гледање на целата ситуација, а ако пропуштам нешто, се надевам дека некој од колегите ќе ме надополни.

И учителите грешат

Учителите се луѓе како и сите други и сосема е нормална појава и тие некогаш да погрешат. Ако се случила некоја грешка, не треба веднаш да се крева паника, да се разговара со директорот, инспекција и не знам што уште не. Ако веќе сте увиделе дека учителот некаде греши во врска со вашето дете, зарем не е попаметно да се поразговара за тоа со него, и тоа на цивилизиран начин, да му се укаже каде греши, да се најде некоја средина, едноставно заедно да се најде решение. Па зарем вам никогаш во животот не ви се случило да погрешите?

Учителите имаат семејства, обврски и надвор од училиштето, имаат свои проблеми, маки и нервози. Но и покрај тоа, учителот на училиште мора да доаѓа психички и физички одморен и спремен. Во нашата професија строго се забранува мешањето на приватното и професионалното. Уште како студент, додека одев на пракса, добив совет од директор на училиште кој ќе го помнам додека сум жива. Човекот јасно ми даде до знаење дека за моите приватни проблеми во училиштето нема место.

Вака ми рече: „Драга колешке, секојпат кога ќе поминете низ вратата на ова училиште, вие сте учител без разлика на тоа што сè уште сте студент. Пред да го поминете прагот, земете една кеса и во неа спакувајте ги сите ваши грижи, маки, нервози и проблеми и таа кеса закачете ја некаде на капија, па влезете растоварени и спремни правилно да донесувате заклучоци во дадени ситуации, а кога наставата ќе заврши и ќе тргнете дома, слободно на излезот земете си ја вашата кеса со проблеми и носете ја дома. Овде нема место за вашите проблеми“.

Така што, никој не нè прашува ништо што не е во врска со училиштето, па ни ние не сме должни да ги слушаме вашите приватни проблеми освен ако не се во врска со детето.

Посакувана учителка

Третата појава, од која повеќе пати сум била згрозена, би ја нарекла „посакувана учителка“. Посакувана од кого? Од страна на родителите бидејќи детето не се прашува, па тоа се желби на родителите, а не на детето. Тоа се такви драми и паѓаат толку тешки зборови, што ми е страв само кога ќе помислам на тоа. Па ете, виновна е учителката што го зела детето во своето одделение, а родителите не ја сакале таа учителка.

Драги мои родители, грешите и тоа толку многу, што не можете да замислите. Но, ќе објаснам. Учителот не ги одбира децата за своето одделение. Децата им ги доделува педагошко-психолошка служба која е задолжена за тестирање на децата за тргнување на училиште. На тестирањето се проценува способноста и спремноста на децата за одење на училиште. Кога децата ќе ги поминат тестирањата, врз основа на добиените резултати се формираат одделенија кои по состав ќе бидат приближно исти или слични. Што значи тоа? Значи дека ако треба да се формираат, на пример, две одделенија од прво, распоредот на ученици ќе биде таков што во секое одделение ќе има ист или приближен број надарени деца, просечни деца и деца кои се нешто послаби во однос на претходните две групи. Исто така, се води сметка и за половата структура (приближен број на момчиња и на девојчиња). Што значи, учителот не ги одбира децата.

А вие? Вие можете да одберете учител со посебни услови и посебна процедура, на што имате право, но размислете добро. Ако сте слушнале од сосетката, роднините, пријателите… дека тој некој учител не е добар, не донесувајте заклучоци врз основа на информациите што сте ги добиле. Тој некој (учител) можеби не им одговарал ним или на нивното дете, но вие не сте тие и вашето дете не е исто како нивното. Можеби на вашето дете баш тој учител ќе му одговара. Оставете да видите како ќе се одвива ситуацијата, а ако нешто не е како што треба, тогаш искористете го правото да го смените учителот.

Така учителот го воспитал

Следната изјава која верувам дека го иритира секој учител е „Па, така го воспитал учителот“. Да бидеме реални, детето кога ќе се роди не тргнува веднаш на училиште, туку расте со своите родители. Со самото тоа, детето основните делови од воспитувањето ги стекнува дома. Децата се угледуваат на родителите, учат од нив и верувам дека секој учител во детето ги гледа неговите родители. Задача на учителот е првенствено да образова и да го надгради воспитувањето кое детето ќе го донесе од дома. Не очекувајте го невозможното ако вие не сте ја завршиле својата работа. Ако детето не знае дека отпадоците се фрлаат во канта за отпадоци, дека треба да ги почитува постарите лица… никој не смее да губи време на работи кои се исклучиво ваша обврска.

Работно време на учителот

Неретко е тема на коментирање работното време на учителот. Да разјасниме некои работи. Учителот не оди на работа за да ги „одработи“ тие неколку часа, туку да РАБОТИ. Тоа што вие сметате дека учителот го одработува, за тоа се подготвува неколку часа. Освен тоа, работното време на учителот не се сведува на бројот на часови помножени со 45 минути, туку е многу подолго. Наставниците се ориентирани на еден предмет, а ние сме и математичари, биолози, географи, историчари, ликовни уметници, музичари, наставници по мајчин јазик, физичко и друго. Секој предмет учителот треба да смисли како да го предава, а на децата тоа да им биде интересно. Кога ќе смисли како ќе изгледа часот, мора да напише подготовка со сите детали водејќи сметка да се задоволат сите критериуми. Неретко се подготвува и наставен материјал, презентации, сечење, лепење, боење, што навидум е забавно, но подразбира и седење пред компјутер повеќе часови. И тоа не е сè, сето тоа треба да се спроведе во дело, да се држат сите конци во рацете, да се процени што секое дете во даден момент мисли или сака да направи. А стандардното водење на администрацијата? Тоа нема ниту да го објаснувам. Па така, учителот кога ќе дојде од работа не одмора како повеќето луѓе по 8-часовна работа, туку продолжува да работи, физички и умствено. Некогаш се потребни и 12 часа работа, а повторно да не се заврши сè.

Учителот не работи со моето дете

Кога веќе сме кај одржувањето часови, постојат и коментари дека учителите не сакаат да им објаснат на децата, па родителите мора да работат дома со детето. Еве најлесно објаснување. Соберете ги другарчињата на децата, да бидат околу 20, дајте си 45 минути и на секое дете посебно објаснете му зошто 2 плус 2 е 4. Притоа водете сметка децата да не креваат врева, да не ги попречуваат другите деца, предвидете кој што ќе направи во секој можен момент, објаснувајте го материјалот детално, објаснувајте му на секое дете поединечно, издвојте неколку минути да го запишете часот, неколку минути да ја прегледате домашната и неколку минути на крајот од часот да повторите сè и спакувајте го сето тоа во 45 минути. Ако ви успее, ви честитам, вие сте гениј. Не разбирам зошто некои родители не сакаат да се вклучат во работата со детето. Па зарем вие дома не погледнувате што учело детето дента на училиште, зарем не вежбате со него, не учествувате во кој било поглед? Зар очекувате учителот да ви дојде дома и да работи со детето на она што не го усвоило на училиште?

Учителите имаат неколку распусти

Особено им боде очи летниот распуст. А никој не нè гледа или не сака да нè види кога одиме на работа. Да го разјасниме и тоа. Учителите немаат летен распуст 2 месеца. Одиме на работа и за време на распустот. А одмор имаме само онолку колку што ни следува законски, за што добиваме решение во кое се наведува колку дена имаме и датумите кога почнува, а кога завршува одморот. Што се однесува до другите распусти, и тогаш работиме. Ако не сме на училиште, тогаш сме пренатрупани со други обврски – планови, подготовки итн. Ако некому не му беше јасно како седиме дома 2 месеца, а примаме плата, сега го разјаснивме и тоа.

Екскурзии. Вечна тема.

Почнувајќи од дестинациите, цените, патувањата, дневницата итн. Особено дневниците. Мене лично никакви пари не можат да ми ги платат обврските и одговорноста што ги имам тој ден. Ваше е на детето да му подготвите неколку сендвичи, 2-3 сокчиња и грицки и да му го предадете на учителот. Но, учителот не го води само вашето дете. А ако не дај Боже детето се повреди, учителот е виновен. И сега повторно се враќаме на темата за воспитување и однесување. Но, додека не го искусите тоа, не треба ниту да коментирате.

И што заклучивме? Што работи еден учител? Според некои ништо, а според други многу. Никогаш, ама баш никогаш не потценувајте нечија професија ако за неа имате површно знаење. Сето ова што го напишав е само дел од учителската професија. Сè изгледа убаво и лесно, но не е баш така. Само одржувањето на наставата е многу сложен процес во кој мора да се задоволат одредени принципи и критериуми, останатото да не го споменувам. А има многу нешта. Исто така, има и различни родители, оние што сето ова ќе го разберат и оние што никогаш нема да прифатат ништо од ова, бидејќи тие замислиле нешто поразлично и нема да се откажат од своите замисли, па макар и на своја штета. Лично, не се жалам, оваа професија ја избрав затоа што ја сакам работата со деца, што несебично го делам своето знаење со сите, но исто така до срж знаат да ме погодат негативните коментари на сметка на учителите. Најмногу коментарите од страна на високообразовани луѓе.

А на нив имам да им порачам само едно: „Кога ќе почнете да плукате по учителите, размислете како вие сте стигнале до своите титули, кој ве научил да читате, да пишувате, да броите, да сметате, кој ви ја дал основата…или сте се родиле веќе научени“.

Автор: Лилјана Дејановиќ

Извор



912

X