Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 11-месечно женско бебе, здраво, напредно, досега нема намалено тежина, со јадењето е супер (ја дојам сè уште, меѓутоа, по малку зашто си јаде плус храна). Прооде пред да наполни една година, значи како што кажав, многу е жива. Е сега проблемот е што веќе една недела многу тешко заспива денски.

Само што ќе ја легнам, за 10 минути е станата или пак воопшто не заспива. Најадена е, пресоблечена, изиграна, собата каде што спие секогаш е иста, нема ништо променето, ама не сака пак да заспие. Не знам веќе што да правам, само се нервирам и некогаш знам да ѝ се развикам и она веднаш почнува да плаче. Не знам дали е нормално ова неспиење. Ве молам за совет.

Прашува: Соња

ОДГОВОР: Драга мајка, ме радува дека сè е супер. Нахрането, стокмено, одлично се развива. Кога сме кај развојот, рековте дека вашето дете проодело и дека е многу живо, активно, полно со енергија.

Билјана Манасова- Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Кога децата ќе проодат, пред нив се отвора еден нов момент во животот. Детето е толку фасцинирано од светот и од сè наоколу, фасцинирано од своите моторни вештини, осознавања, но и соочување со работи кои почнуваат да бидат малку опасни (да се удри, падне, па почнува да забележува дека светот и не е така безбедно место), па понекогаш дневното спиење може да се доживува како губење време, или пак некој вид сепарациона анксиозност (нормална во развојот на детето), каде што детето откривајќи го светот, постојано се враќа за сигурност кон мајката. Се плаши да не биде оставено, бара заштита. Може да се случи да проверува дали сте тука, дали ќе се појавите.

Сонот и спиeњето на детето е тема што предизвикува емоции кај многу родители. Кога детето не спие доволно, кога се јавуваат некои неочекувани работи, на родителот му се потребни повеќе мир и трпение. Поради тоа, нема потреба да му викате на детето, бидејќи тоа нема капацитет да разбере зошто викате. Тоа само перципира дека сте вознемирени, дека сте во паника, лути и дека нешто не е во ред. Кога детето ќе го види тоа кај родителот, тоа станува уште повознемирено и нормално дека ќе плаче. Затоа, смирете се, верувам дека сте уморни, дека понекогаш очајно ви е потребна пауза, детенцето сè уште ви е многу мало, а кога децата се во прашање, многу работи нема да одат по планираното од милион причини.

Пуштете тивка музика, дајте му ја на детето омилената играчка, смирете го до одреден степен пред времето за дневен одмор. Кога ќе го оставите во креветчето, останете физички близу до него, за сè уште да може да го почувствува вашиот допир и блискост. На овој начин треба да се смири, а и кога ќе стане по неколку минути, повторно да продолжи.

Понекогаш во денот играјте криенка, на почетокот во собата каде што сте, а потоа и во другите простории.

Не сте навеле колку во текот на 24 часа спие, дали спие еднаш или двапати, бидејќи ако спие двапати, тогаш можеби има потреба да спие само еднаш. Може да се случи во времето во дневниот одмор и да не е баш толку уморно, па да не може да направи континуитет во спиењето. Затоа набљудувајте кога ќе почне да ги трие очињата, кога ќе видите дека е уморно, нервозно, нерасположено.
Бидете нежни и трпеливи, но сепак доследни. Важно е детето да развие доволно чувство на сигурност за да ги намали ваквите реакции. Поздрав и секое добро.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X