Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете нема интерес за тоа што му се кажува и повеќе сака само да игра. Велат дека е едно од проблематичните деца во градинка. Има 3 години и 4 месеци. Се лути кога ќе му земат играчка, мава со играчки и ги гребе сите околу него. Сам се заигрува додека не го налути некој. Навистина не знам како да му помогнам да се смири. Зборуваме секој ден, да не се тепа и да игра со деца. Дали е фаза или моето дете едноставно е такво и нешто го поттикнува тоа однесување.

Прашува: Ана

ОДГОВОР: Детската емоција околу третата година станува многу сложена. Во детската игра детето истовремено може да биде и среќно и луто. Детските емоции се краткотрајни и децата ги искажуваат чувствата спонтано и отворено. Ова вам, како родители, ви дава можност за лесен увид во детскиот емоционален свет, а истовремено и многу предизвици. Во овој период треба да му дадете можност на детето да научи како да ги контролира емоциите со кои се сретнува и да ги изрази на примерен начин. Децата се лутат поради различни причини: кога нешто нема да добијат, кога нешто ќе им се земе, а го сметаат за свое, кога мора да направат нешто што не сакаат, кога ги исклучуваат од игра или кога се чувствува несигурно. Лутината произлегува кога тоа е фрустрирано, кога има препрека да ја оствари својата цел или желба.

Наташа Маџевска, психотерапевт/Фото: Борче Поповски

Кога детето се лути, секој родител се труди да ја поправи ситуацијата и несвесно прави грешки. Не треба да се казнува или да се потиснува лутината кај децата, да се игнорира лутината или да се спасува детето кога е луто.

Важно е на вашето дете да му пристапите со љубов и разбирање. Да му помогнете да препознае и да опише како се чувствува. Вие како родител можете да препознаете кога лутината почнува да се појавува кај вашето дете по погледот, начинот како зборува или по напнатоста на телото. Тогаш можете да го прашате: „Изгледаш вознемирено, дали си лут……?“ Потоа може да разговарате за емоциите и причините и како е најдобро да се изреагира. Можете низ игра да одредите колку е силна неговата лутина. На пример, да направите скала од 1 до 10 и тоа да лепи налутени ликови на одредена бројка и потоа да ги обои со боја која за него во тој момент ќе биде прикажување на неговата лутина. По неколку такви ликови можете да разговарате за тоа што придонесува тој да се налути. На овој начин го поттикнувате детето да разговара и му давате поддршка и разбирање за неговиот внатрешен свет.
Исто така, убава игра за лутина е и „Семафор“. Кога е луто, на детето му го кажувате зборот „семафор“, па тоа застанува на црвено, размислува, се подготвува како да изреагира и веќе посмирено може да продолжи на зелено.
Обидете се лутината да ја пренасочите во игра. Бидете истрајни, ова е процес како за вас така и за вашето дете.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X