Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Потребна ми е помош. Имам 2-годишен син кој во последно време пребурно и да речам агресивно реагира ако нешто не е по негово – гризе, фрла, удира, се мава од земja и прави ред други работи. Неколку пати имавме ситуација да се вознемири до тој степен што не успеавме да го смириме. Се трудевме од причина што мене ми изгледаше како да не е свесен што прави од лутина и можеше да се повреди додека одбиваше да го смирам – како да се плаши и да не нè препознава со сопругот. Го оставивме да дивее сè до моментот кога одлучи сам да се смири и да дојде кај мене разлигавен, расплакан и задишан повторувајќи „ма, ма, ма, ма“.

Не применуваме тепање при воспитувањето, повишуваме тон само кога разговорот не успева, во ситуации кога тоа што го прави може да му наштети, притоа стана многу приврзан за мене, не дозволува никој друг освен мене да го гушне, погали или бакне, дури ни сопругот. А веќе морам да почнам на работа и не знам како да постапувам со него. Откако е ваков, јас сум збунета и се прашувам каде згрешив.

Да напоменам дека од дете љубопитно за сè и сешто, дете желно за учење, стана дете кое 2 минути не можам да го заиграм со нешто соодветно за него. Се обидувам да му давам едукативни играчки, да реди коцки, кругови на конус и некои такви играчки, но веднаш се нервира и се откажува. Веќе не успева „дојди да ти помогнам/покажам“. Почна и да ја ниша глават лево-десно и кога е лут и кога е среќен.

Не знам дали е период или грешка во воспитувањето. Ве молам за совет бидејќи сум сериозно загрижена, се прашувам што се случи за да настанат такви промени.

Прашува: Кристина

ОДГОВОР: Драга мајка, во овој период детето инсистира да го добие тоа што го сака. Агресијата е еден од првите начини на соочување со фрустрацијата што ги учат малите деца. Гребењето, удирањето, гризењето и туркањето се вообичаени кај децата што сè уште не развиле вербални способности за да може да се изразат и на тој начин да кажат што им пречи.

Првиот чекор на помагање на детето е уочувањето на ситуациите што предизвикуваат агресивно однесување. Не плашете се да ги откриете причините за појава на овие емоции кај вашето дете. Со други зборови, важно е да забележите кога и каде најчесто се јавува таквото однесување. Важно е да му обезбедите јасна структура и дневна рутина бидејќи предвидливоста им помага на децата да останат мирни и во тој случај чувствуваат сигурност бидејќи знаат што да очекуваат од личностите или ситуациите. Со тоа ќе му помогнете да ја изразува емоцијата на прифатлив начин.

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Детето реагира луто доколку се почувствува понижено, повредено, осамено, изолирано или кога чувствува страв, или кога се обидува со лутината да ви укаже дека нешто не е во ред. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како со нив да се справи и сето тоа прави да се чувствува беспомошно. Се чувствува фрустрирано, а на фрустрацијата реагира со лутина.
Ако вашето дете е нагласено инаетливо, може да реагира луто за да го контролира чувството на зависност и стравот од губиток. Реагирањето со лутина во случај кога детето е повредено со некаков губиток е начин со кој се „умртвува“ чувството на тага и беспомошност.
Лутина не е исто што и агресија. Лутината е чувство, а агресијата е начин на однесување. Лутината е прифатлива, но не и агресијата. Во тој контекст треба да имате дефинирано семејни правила во кои ќе биде и правилото во нашиот дом дека кога сме лути, не удираме и не фрламе сè околу себе. Помогнете му на вашето дете да се справи со лутината на начин што прво ќе ја прифати како дел од себе, а потоа ќе ја пренасочи и канализира нејзината енергија во корисни и продуктивни активности од кои ќе добива позитивна себепотврда.
Иако таа е непријатно и експлозивно чувство, мора да знаете дека е природна и пожелна бидејќи му помага на детето да се заштити и одбрани од непријатни ситуации кои му ги создава околината, па како таква треба да биде воспитана и социјализирана како и секоја друга емоција.

Во овој период можна е и појава на тантруми и ситуации каква што опишавте вие. Во таква ситуација вам ви останува да останете смирени на лутината и на непожелното однесување да не одговарате со лутина и непожелно однесување, туку напротив, бројте до десет и во прв момент обидете се да го гушнете силно и да му покажете дека го разбирате и дека сте тука за него. Откако ситуацијата ќе се смири, разговарајте за причините што ја предизвикале и понудете му решение. Менувајте улоги во кои ќе му направите рефлексија на однесувањето. На пример, вие бидете детето, а тој нека биде мајка или татко. Ставете го во тест-ситуација да се справува со вас. Нашата клучна задача како родители е да ги научиме децата како да се справат со притисокот од непријатните емоции, да се смират и да го искористат нивниот асертивен глас, при што ќе научат да го скратат и контролираат времетраењето и начинот на испадот на лутината.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X