„Миловиќ“, се слушна од ординацијата.

Гордана нежно ја фати Нина за рамото и тие две со несигурен чекор се доближија до вратата. Гордана длабоко воздивна пред да ја притисне кваката. Ако нешто мразеше, тоа беше да лаже, но нејзината цел беше тоа малечко парче хартија, а за таа цел мораше да ги прекрши своите принципи.

„Ти само молчи“ ѝ рече на Нина. Нина кимна со главата. Тоа веќе беше разработен систем, но Гордана секогаш сакаше да ја потсети дека е подобро таа да разговара со докторката. Потоа ја отвори вратата.

„Добар ден!“, рекоа во глас. „Како сте?“

„Добар ден, еве… Седи душо, тука“, рече докторката и покажа на столот со три ногарки. „Зини. Што е со тебе?“, праша, додека го гледаше грлото на Нина.

„Докторке, веќе навистина ми е непријатно, но знаете како…“, почна Гордана. Докторката ја прекина.

„Аха, значи повторно лажно оправдување… јас гледам грло чисто како солза!“, рече, ги затвори очилата и ја вметна менталната лажица во чашата за употребени инструменти. Сепак, ги прегледа и крајниците на Нина.

„Ти си добро, супер си. Што е сега? Имавме, како беше, натпреварување во танц, интерен час во музичкото училиште, што е овој пат?“

„Зимување… Три последни дена во полугодието. Знаете поевтино е и…“, пелтечеше Гордана.

„Ух… знаете како, за зимување баш…“, докторката гледаше во Нина, па во Гордана, играјќи со пенкалото. „Мислам, ќе напишам јас, не сте ни први ни последни, но размислувам, вие родителите треба на детето да му објасните дека училиштето не е опција. Овие натпреварувања и сето тоа, во ред, но зимување… Не е забавата поважна од училиштето. Каков пример ѝ давате? Тие последни денови се многу важни, и…“

Гордана ја прекинува, ова ѝ беше многу болна тема. „За тоа не би сакала да зборувам…“ Докторката чудно ја погледна.

„Видете, Нина се јави да праша што правеле додека не беше на училиште и знаете што ѝ рекоа?“

Докторката љубопитно ја гледаше Гордана.

„Ништо. Да, да, баш ништо. Ги пуштале од часови, ги прашувале единиците, им давале слободно време, пуштале музика… Јас мислам дека тоа е многу полош пример од тоа што ние го даваме кога ја носиме на зимување!“ Нина се насмеа. Ѝ беше жал што мајка ѝ ѝ даде инструкции да молчи, инаку би имала што да додаде. „Така често изгледаат часовите и во текот на годината, не само на крајот“, си помисли.

„Да… добро. Но, знаете што е тука проблемот? Тоа што класната на Нина одлично ги покри моите оправдувања. Нејзе ако ѝ дојде инспекција, сè ќе биде во ред. А мене да ми дојде инспекција овде, ќе излезе дека во класот на Нина децата се постојано болни, како да се некое специјално одделение! Ако некој почне да се интересира и истражува, ќе останам без работа. Ниту децата ниту родителите не знаат веќе од што боледуваат. Јас не знам веќе што да пишувам! Оној Ивановиќ, кошаркарот, излегува дека како спортист не престанува да голта антибиотици. Има сè, од бронхитис до мононуклеоза, знаете, за него треба да пишувам подолги оправдувања, не може грип како за Нина. Па, онаа мала Снежана, таа се занимава со ритмичка гимнастика, а кај мене прави вежби за грбот и има спондилоза! Знаете, не може и Ивановиќ и таа да имаат исти болести, морам да измешам сè и сешто. Сите лажеме, разбирате, зошто убаво не поразговарате со класната и да ја објасните ситуацијата?“

„Нема тука разговор“, воздивнува Гордана. „На првата родителска јасно ни кажа – еден ден во годината правда родителот, тоа се случаи како, не дај Боже, погреби, сè друго исклучиво со лекарско уверение. Па, зарем мислите дека не сме прашале? Зарем мислите дека ми е пријатно од вас постојано да молам да лажете за мене?“ Гордана беше очајна. „Сега морам да се правдам како да сум убила некого, да изгледам како измамник и лоша мајка!“, си помисли.

„Не знам како нема разбирање, еве во ова друго училиште во кое сум јас лекар прифаќаат оправдувања од музички училишта, од спортски клубови, па родителите и децата лажат така само за летување и зимување, а потоа ми е многу полесно да напишам, на пример, бронхитис еднаш годишно отколку на секои два месеца. Кога ќе ми ја одземат лиценцата, кому да се жалам? На вашата класна?“, рече докторката.

„Знаете што е најлошо? Што класната многу добро знае дека ние лажеме и јасно ни вели дека мора така заради администрација! Да одлучував јас, сè би било поинаку! Секако дека не би го учела детето да лаже!“, рече Гордана. „Јас сум повеќе за искрен однос, за договор. Знаете, Нина е добро дете, сега може е глупаво да се зборува пред неа, но одлична ученичка е, и не бега од часови, не прави проблеми, јас би сакала да можам да одам кај класната и да кажам – вака и вака е. Таа да рече може или не може. Да напишам молба, да одам кај директорот, што било, само да не морам да лажам! Вака и мене ми е непријатно што сум тука и што знам дека уште којзнае колку пати ќе доаѓам додека не заврши учебната година!“

„Добро, не знам што да кажам, ќе напишам и овој пат… Само да смислам што… дали беше стомачен грип минатиот пат?“, ја праша Нина.

„Не, беше обичниот!“, рече Нина.

„Е овој пат си имала стомачен, чисто да знаеш ако те прашаат – висока температура, пролив и повраќање, тоа често се јавува во зима, па ќе биде убедливо“.

„Ви благодарам многу!“, рече Гордана. Докторката повторно ги стави очилата. Погледна на масата. Потоа ги отвори фиоките, една по друга.

„Изгледа дека сум останала без формулари! Не е ни чудно!“, рече докторката и ја крена слушалката од телефонот. „Милка… Ајде, те молам донеси ми повторно блок оправдувања, немам ниту едно… Како нема? Во целиот Здравствен дом нема? Ауу..па, како… Ајде прашај ја Гоца, те молам, ако има едно да ми позајми, ќе ѝ вратам кога ќе стигнат нови! Ако нема и таа, прашај го Зоран, па Тања, па… знаеш веќе. Ти благодарам“, докторката ја спушти слушалката.

„Почекајте малку, да видиме дали има некој едно оправдување, баш брзо се трошат“, рече докторката. „Голем интерес, знаете…“

Автор: Маја Бугарчиќ за zelenaucionica



912

X