Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на девојче од 5 години кое тешко се концентрира, почнува да вика дека ја боли главата. Сега е последна година во градинка, кога веќе почнуваат да ги подготвуваат за прво одделение. Но не може ништо лесно да запомни, се деконцентрира и сè друго ѝ е поинтересно од тоа што ѝ го зборуваш. Веќе долго време ги учиме бројките и  тешко ѝ е да ги запамти. Малку е тврдоглава и сака сè да биде така како што таа сака. Во градинка сите ја отфрлаат. Мила е. Ама многу им досадува на децата, сака да ги гушка. По сите трча. Многу ми е криво, кога одиме по улица таа сите ги поздравува и трча одма кај нив. Но децата се многу ладнокрвни, само ќе ја погледнат. Дури некое ќе ѝ рече: „Не гушкај ме, ти не си ми другарка“. Многу е чувствителна и за сè плаче. Воспитувачките секој ден ми се жалат дека за ситници плаче и дека затоа никој не сака да се дружи со неа… Со женски не ни знае како да си игра, повеќе е со машки – сака да трча, да се задева… Ве молам за совет.

Прашува: Ана

ОДГОВОР: Го прочитав вашето прашање и би ви предложила како да постигнете самодисциплина кај вашата ќерка со што би се надминале проблемите со концентрација, фокус за запаметување на материјалот за подготовка за училиште, да биде самоодговорна за своите постапки и да има толеранција со другарчињата во групата во градинка.

Самодисциплината им помага на децата да ги одложуваат своите задоволства, да се спротивстават на несериозните искушенија и повеќе да ја толерираат непријатноста во играта и дружењето со децата за да постигнат долгорочни цели во комуникација и учење и бидување одговорни.

Најважно е во семејството да воспоставите семејни правила кои ќе важат и за вашата петгодишна ќерка и за вас, возрасните. Семејните правила се многу важни и децата учат што е добро, а што лошо, кое однесување е прифатливо, а кое не е и преземаат одговорност за сопственото однесување. Многу е важно со вашата ќерка заедно да ги предложите правилата, со што ѝ давате важност и го вреднувате нејзиното мислење. Веројатноста за примена на правилата е поголема бидејќи таа самата ги предложила.

Наташа Маџевска, психотерапевт

Би ви предложила сите членови на семејството да седнете заедно и да се вклучите во предложувањето. Сите да разговарате за предложени проблематични однесувања и да им дадете приоритет на неколку, за листата со правила да биде пократка. За секое однесување што сакате да го промените, напишете однесување кое сакате да го видите. Ако го напишете само лошото однесување, таа може да биде несигурна што треба да направи. Договорете ги последиците на однесувањето преку награди и казни. Последиците на однесувањето би требало да бидат во согласност со поставените правила. На пример, да ѝ предложите побрзо да научите, па ќе одите надвор да играте или да одите на прошетка. Секогаш давајте ѝ два предлога и така таа ќе има избор, а тврдоглавоста и плачењето тековно ќе се намалуваат. Имајте помал број правила, најдобро е до пет за да може полесно да ги запамти и да се придржува кон нив. Многу е важно да ѝ најавите дека некои правила може да се менуваат, да се избришат и да се напишат нови правила кога е потребно. Многу е важно кога детето ќе го смени однесувањето, да се пофали, прослави и да се избрише од листата со правила. Ве поздравувам.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X