ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка, која за неколку дена ќе наполни 4 години, има навика да го цица палецот. Тоа почна од раѓање, а се интензивира по завршувањето со доење, на 1 година и 9 месеци. Тогаш ѝ нудевме цуцла наместо прст, меѓутоа, никогаш не беше навикната на цуцла, така што палецот остана како проблем со кој сѐ уште не можеме да се справиме. Претежно го цица пред заспивање и кога е вознемирена. Исплашена сум да не ѝ се деформира загризот, непцето да ѝ отиде нанапред трајно и предните заби да се поместат уште повеќе. Постојано зборуваме, објаснуваме зошто не треба да се цица прстот, сум ѝ ставала и лак што горчи на ноктите, лута пиперка неколку пати и пак се враќаме на истото, сите обиди се краткотрајни и завршуваат безуспешно. Сега ја чува баба ѝ, со која е посебно поврзана затоа што многу ѝ попушта и нема граници, па прстот ѝ е почесто во устата. Ве молам за совети за поддршка на овие два процеси, одвикнување од цицање палец и големо разгалување од бабата кое може да има трајни последици врз нејзиниот карактер.
ОДГОВОР: Сосема ве разбирам што сте загрижени, но најнапред сакам да ве охрабрам дека цицањето палец на 4-годишна возраст е релативно честа навика. Најчесто не е знак на сериозен психолошки проблем, туку начин детето да се смири, да се утеши или да се справи со стрес и силни емоции. Од вашиот исказ се гледа дека палецот го користи најмногу кога заспива, кога е вознемирена или кога ѝ недостига внимание, што укажува дека оваа навика има функција на емоционална саморегулација. Затоа казнувањето, прекорувањето, лутите забелешки или мачкањето на палецот со горчливи средства најчесто немаат траен ефект, а понекогаш можат и дополнително да ја зголемат потребата од цицање.
Наместо тоа, обидете се постепено да ѝ нудите други начини за смирување – омилено ќебенце, кадифена играчка, гушкање, приказна пред спиење или вежби за релаксација. Пофалете го секој период кога самата ќе успее да не го стави палецот в уста, без притисок и без засрамување. Исто така, обрнете внимание сите возрасни што се грижат за детето да имаат ист пристап. Доколку бабата попушта, а дома правилата се различни, детето добива мешани пораки и потешко ја надминува навиката. Во однос на вашата загриженост за забите, доколку навиката е интензивна и продолжи и по петтата година, препорачливо е да се направи консултација со детски стоматолог или ортодонт бидејќи тогаш може да влијае врз развојот на загризот.
Ако и покрај трпеливиот пристап и пренасочена емоционална регулација, навиката остане силно изразена или е придружена со други емоционални или бихевиорални тешкотии, би било корисно да се направи консултација со детски психолог, кој ќе помогне да се открие и адресира што ја одржува оваа навика и како постепено да се надмине.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com