Воспитување

Прво одење на кино со детето. Не би биле првите што излегле со врескање

Пред да имате деца одењето на кино било нешто вообичаено. Ви се допаѓал актерот или актерката на постерот и сте отишле. Многу едноставно. Но, ако имате мали деца, треба малку повеќе да размислите за одењето на кино, особено ако тоа го правите првпат со нив. Ова се неколку совети што ќе ви го олеснат тоа искуство.

1. Дефинирајте дали навистина вашите деца се подготвени

Која е вистинската возраст на која децата првпат треба да стапнат во кино? Тоа зависи од самото дете. Многу деца го гледаат својот прв филм на возраст од три или четири години, но некои родители чекаат детето да биде малку повозрасно, особено ако е чувствително на силни звуци или ако се плаши од темница.

2. Изберете го вистинскиот филм

Треба да го однесете детето на некој филм кој би му одговарал на возраста, па обично се одбираат анимирани филмови. Исто така, може да изберете и помирен или пократок филм. Можеби таквите филмови ги нема секогаш во кината во трговските центри, но можно е да се прикажуваат во училишта, домашни кина или некои уметнички организации.

3. Прескокнете ги рекламите и трејлерите

Повеќето кина покажуваат низа реклами пред да почне филмот. Децата на возраст од околу осум години немаат способност да ја разликуваат рекламата од содржината. Исто така, трејлерите за филмовите се често погласни и побрзи отколку самиот филм, што значи дека сето тоа може да биде страшен вовед за децата во киносветот.

4. Добро испланирајте

Повеќето деца се во најдобро расположение во текот на денот, па првото одење во кино подобро е да го реализирате во текот на денот – и обично киното ќе биде преполно со други деца кои не се грижат дали вашето дете зборува во текот на филмот (постарите деца научете ги дека не смее да се зборува, да се користат уреди или да се станува без причина додека трае филмот). Децата треба да се добро најадени и одлучете однапред дали ќе купите пуканки или слатки за да не дојде до преговарање во самото кино. Ако купите пуканки, имајте со себе и вода, бидејќи пуканките се солени.

5. Препуштете се

Нема да бидете првиот родител што излегол од кино со врескање, плачење или вознемирено дете на кој било начин. Можеби ќе имате чувство дека сте ги потрошиле парите за билети без потреба, но не терајте го детето да седи и да гледа филм ако не е подготвено за тоа. Од друга страна, понекогаш помага и кратка пауза во ходникот, за потоа уште еднаш да се обидете да го догледате филмот со вашето дете.

Автор: Сиера Филучи

Поврзани написи

To top