За извидникот што го подига знамето на извидничка активност, тоа е голема чест. Таа чест се стекнува со несебичност и доброволна помош на другите. Притоа сите ја носиме извидничката униформа и ја пееме извидничката химна – вели Ангелче Гушев, старешина на велешкиот одред
Воспитувањето што децата го стекнуваат во извидничка организација е најголема придобивка. Младите учат да бидат одговорни, да станат самостојни. Да не зборувам за другарството што се развива – тоа е најскапоцено – вели Благој Ѓорѓиев, член на најстариот извиднички одбор во Македонија – „Димитар Влахов“ од Велес.
Поразговаравме со повеќемина членови на овој особено активен одред. Негов старешина е Ангелче Гушев, професор по физичко воспитување. Тој е член на овој одбор од 1982 година. Почнал како водач на патрола, преку началник, а денес е старешина на одредот. Гушев го има највисокото инструкторско звање инструктор од втор степен.
Ангелче Гушев
Најстар одред во Македонија
Овој одред има освоено многубројни награди и учествувал на меѓународни активности низ Европа. Тој е член на Сојузот на извидници на Македонија, заедно со уште 15 активни и 7 одреди со придружно членство. Гушев е добитник на плакетата „9 Ноември“, највисокото признание што го доделува Општина Велес.
– Генерациите што следуваа со пожртвувана работа и многу одрекувања успеаjа на најдобар начин да ја презентираат вредноста на извидничкото движење. Основачите избраа, избравме и ние – направете го и вие вашиот најдобар избор – вели Гушев.
Овој одред има 95 члена кои се поделени во неколку хиерархиски категории.
Развигорци (7-11 год.) – група од 6 до 8 деца се нарекува јато. Секое има свој водач, име и знаме. Нивната придобивка од извидништвото е соочувањето со нови предизвици, стекнувањето нови пријателства, да се задоволни од својата активност, да бидат важни за другите членови и сл. Тие треба да учат преку игри и забава, со што треба да сфатат кои се придобивките од тие игри и поуките што ги посочуваат самите активности.
Извидници (12-15 год). Тие се организирани во патроли. Ова е категорија која полека почнува да навлегува во извидничкото неформално образование, во кое спаѓаат почетна ориентација, Морзеова азбука, семафор, патни знаци и сл. Ова е прва категорија што има право на учество на натпревари, како на одредски и меѓуодредски така и на државното натпреварување за оваа категорија.
Истражувачи (16-18 год.) – во оваа категорија спаѓаат млади што одат во средно училиште. Ова е првата категорија членови што преземаат некаква поголема обврска во своите одреди, како помош при организација, при водење патроли и јата итн.
Над 19-годишна возраст преминуваат во категорија истражувачи и истражувачки (од 19 до 24 години).
Ровери (од 19 до 24 години). Оваа категорија ја сочинуваат млади што го завршиле средното образование. Тие активно се вклучуваат во организација на активностите и во подготовката на програмата за помладите извиднички категории.
Сениори (над 24 години). Возрасните можат да бидат клучни индивидуи кои ќе се погрижат младите да изберат правилен пат во својот живот. Возрасните може да станат дел од извидничката организација, која дополнително нуди простор и можности за секој возрасен во согласност со неговото слободно време и желба да придонесе кон извидништвото. За возрасните во извидништвото постои голема можност да работат за и со младите луѓе во нивните заедници.
Работилници за логорување
За извидникот Трајче Темелковски, многу е важно што се посветени на образованието на младите луѓе.
– Редовно ги посетуваме основните и средните училишта во Велес и правиме отворени денови на извидништвото и на тој начин им ја пренесуваме магијата. Веќе почнавме да работиме и проектни активности со неколку основни училишта каде што во дел од изборните предмети по спорт им организираме работилници за логорување во природа, живот во природа, поставување шатори и прва помош – објаснува Темелковски.
Иван Гушев, пак, вели:
– Многу се радувам што нашите помлади членови ги воспитуваме и кај нив развиваме позитивни особини, како што се: работливост, скромност, истрајност, снаодливост, храброст, искреност, чесност, штедливост, смисла за живот во помали и поголеми групи, давање помош на другите, како во природата така и во елементарните непогоди. Со спроведените активности кај нашите членови развиваме чувство за почит кон луѓето, пријателство помеѓу луѓето и народите – вели Гушев.
Ова се дел од начелата што се важни за извидниците:
1. На извидникот му е чест да му веруваат
2. Извидникот е корисен
3. Извидникот е добар другар
4. Извидникот е учтив
5. Извидникот е оптимист
6. Извидникот е верен и одговорен
7. Извидникот постојано учи и ги применува стекнатите знаења
8. Извидникот ја цени природата
9. Извидникот ги цени и развива духовните и културните вредности
10. Извидникот е чесен во мислите, зборовите и делата.
За извидникот што го крева знамето на извидничка активност, тоа е голема чест. Таа се стекнува со несебичност и доброволна помош на другите. Притоа сите ја носиме извидничката униформа и ја пееме извидничката химна.
Одредот учествува во различни акции, како што е „Да го исчистиме светот – Да ја исчистиме Македонија“, која постои од 1995 година.
912