Кога магистрирав менаџмент во образование, ниту на крај памет не ми беше дека денес ќе го правам ова. Дека ќе се соочувам токму со овие неколку проблеми…
Денешните родители им се слуги на своите (разгалени) деца. Ова не е мое „размислување“, туку професионална констатација — за жал.
Освен што вашите деца ги учам сè што од мене како наставник го бара образовниот систем, кое го правам со задоволство, исто така, морам да ги учам и на најосновните работи, на сржта.
Така, на пример, ги учам дека не е во ред да го исмеваш и малтретираш својот соученик.
Ги учам што значи да бидеш фер — а потоа и другар.
Ги учам на овие работи со големо задоволство бидејќи и јас се подобрувам како наставник, но и како личност и родител на две деца.
Во не толку далечното минато, паметам како јас и мојата генерација бевме оценувани и вреднувани по две основи:
– Оценки
– Поведение, т.е. однесување.
За жал, денес сите се фокусирани детето да им биде САМО еден (обичен) одличен ученик.
Поведението — што е тоа!?
… па и од друга страна, не е ни битно. „Само детето да ми помине со сите петки годинава“. Ова, за жал, се зборови кои сум ги слушнал од некои родители.
Вие, драги родители, не ги запознавате со:
– Етика
– Почит (во вистинска смисла на зборот)
– Натпреварување и победување со квалитет (а не со „снаоѓање и фаќање врски“).
Ова, почитувани родители, се вредности кои и тоа како се учат во земјите со кои сакаме да се „дружиме“.
Да, зборувам за престижните земји-членки на ЕУ.
Вашите разгалени деца се одраз на вас, почитувани разгалени родители.
Пријатен ден!
Автор: М-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп
912