Здравје

Науката потврдува: Солениот раствор го скратува времетраењето на настинките кај децата

Со тргнувањето на децата во градинките и во училиштата зачестуваат и вообичаените есенски и зимски вируси. Новата студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Единбург покажа дека редовната употреба на солен раствор за нос може значително да помогне во справувањето со настинките кај најмладите.

Според резултатите од истражувањето (ELVIS-Kids), употребата на капки од солен раствор (соодветна концентрација на сол и вода) го скратува времетраењето на симптомите кај децата за два дена, а истовремено го намалува и ризикот од пренесување на вирусот на другите членови во семејството.

-Децата просечно имаат од 10 до 12 респираторни инфекции годишно, што претставува голем товар за нив и за семејствата. Лековите како парацетамол ги ублажуваат симптомите, но не ја скратуваат самата инфекција. Резултатите покажаа дека децата што користеле солен раствор оздравувале за 6 наместо за 8 дена – објаснува проф. Стив Канингем.

Како дејствува солениот раствор против респираторните вируси?

Солта се состои од натриум и хлорид. Клетките во носната слузница го користат хлоридот за да произведат хипохлореста киселина – супстанција со која организмот природно се брани од вирусни инфекции. Со внесување дополнителен хлорид преку солениот раствор, на клетките им се помага подобро да го запрат размножувањето на вирусот.

Клучни заклучоци од студијата:

  • Побрзо закрепнување: Децата третирани со солени капки имале симптоми во просек 6 дена, во споредба со 8 дена кај децата со вообичаена нега.
  • Намалена потреба од дополнителна терапија: На децата што користеле солен раствор им биле потребни помалку дополнителни лекови во текот на боледувањето.
  • Заштита за семејството: Во групата каде што се користел солен раствор, пренесување на настинката кај домашните било забележано во 46 % од случаите, за разлика од 61 % кај другите.

Начин на примена

Во студијата се користел хипертоничен раствор (со концентрација од 2,6 % до 3 %), при што родителите аплицирале по 3 капки во секоја ноздра, најмалку 4 пати на ден за време на настинката.

Во аптеките се достапни готови хипертонични раствори и спрејови од морска вода (3 %), кои претставуваат безбедна и практична поддршка за одржување на хигиената на носната шуплина кај децата за време на сезонските вируси.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top