Тврдоглавите деца се вистински предизвик за секој родител. Сепак, постојат начини да се справите со нивната тврдоглавост без изливи на бес, драма и стрес. Ова се пет стратегии кои навистина функционираат.
Тврдоглавото дете многу полесно ги прифаќа границите кога родителот останува смирен и ги контролира последиците, а не самата расправија. Наместо карање, се препорачуваат активно слушање и емпатија: признајте ги чувствата на детето, но не менувајте го поставеното правило.
Тврдоглавоста е само карактерна особина, а вашата задача како родител е да го научите детето правилно да ја канализира.
1. Останете смирени
Не дозволувајте расположението на детето да управува со вашето. Децата, особено помалите, имаат слаба емоционална контрола и лесно експлодираат за обични работи. Вие сте возрасната личност во односот и можете да ја контролирате ситуацијата.
Најбрзиот начин да се смирите во моментот на тензија е правилното дишење:
- Вдишете длабоко низ носот.
- Задржете го воздухот 5 до 10 секунди.
- Полека издишете низ устата, како да дувате свеќичка на торта (издишувањето треба да биде двојно подолго од вдишувањето).
Оваа вежба ја смирува реакцијата „бори се или бегај“ во мозокот и ви ја враќа контролата. Кога ќе го извежбате ова неколку пати, ќе почнате да го правите автоматски за време на конфликтите.
2. Запомнете дека вие имате контрола
Некои работи ги контролирате, а некои не. Не можете да ги контролирате сите избори на вашето дете, тоа само одлучува дали ќе послуша или не. Но, вие ги контролирате ресурсите: пристапот до играчките, цртаните филмови, слатките и излегувањето.
Фокусирајте се на тоа. Не расправајте се и не убедувајте се. Едноставно и јасно кажете:
„Можеш да избереш да не послушаш, тоа е твој избор. Но, во тој случај денес нема да има цртани филмови.“
И тоа е сè, нема борба за моќ. Вие ги контролирате последиците, а детето го контролира својот избор.
Три правила за борба за моќ: Избегнувај ги кога можеш, победи во нив ако мораш и секогаш избирај да се бориш на сопствен терен.
3. Почит за неговиот избор
Звучи необично, но детето има право да направи избор, дури и кога изборот е лош.
Еден татко споделува пример: неговиот син тинејџер барал да оди на сомнителна забава. Таткото му рекол:
„Тоа е твој избор. Јас не ти давам дозвола. Ако заминеш, ќе отидеш без моја дозвола. Дали ме разбра?“
Тинејџерот бил збунет. Таткото ниту строго му забранил ниту му дозволил. Го почитувал неговиот избор, но јасно ги предочил последиците. Синот на крајот не заминал бидејќи сфатил дека родителот е искрен, му дал вистински избор и дека последиците ќе бидат реални.
4. Слушајте, не расправајте се
Тврдоглавите деца обожаваат да се расправаат бидејќи тоа им дава чувство на моќ. За едно мало дете е многу возбудливо да надзборува возрасен човек.
Не подлегнувајте на таа провокација. Наместо да влегувате во расправија, сослушајте го. Кога детето тера инает, кажете му:
„Тоа е интересно. Кажи ми зошто размислуваш така.“
Ова веднаш ја менува динамиката, кавгата се претвора во дијалог. И многу често, откако ќе си го каже своето, детето самото го менува мислењето. Односно, преку слушањето подобро ќе разберете што го мачи, а разбирањето е вашата најголема сила.
5. Користете емпатија, а не бес
Сосема е нормално брзо да се изнервираме, но бесот не е решение. Бесот е само сигнал дека нешто не е во ред. Наместо со лутина, обидете се со емпатија, разберете ги и признајте ги чувствата на детето:
„Гледам дека си тажен/лут. Сакаше уште малку да си играш, а јас реков дека е време за спиење. Разбирам дека тоа ти паѓа тешко.“
Покажувањето емпатија не значи дека го кршите правилото. Вие едноставно му покажувате дека разбирате низ што минува. Иако емпатијата може да ве наведе да го „спасите“ детето од последиците, не правете го тоа. Оставете го да ги почувствува последиците од својот избор, а вие бидете тука за него, прегрнете го и кажете: „Знам дека ова е тешко.“ Тоа е една од најважните животни лекции.
Успешното справување со тврдоглаво дете се заснова на доследен модел на однесување, контрола врз сопствените реакции и многу емпатија. Кога детето ќе почувствува дека е слушнато, но дека границите се цврсти и праведни, тврдоглавоста постепено ѝ отстапува место на соработката.