Совети

Како да го научите детето да не ги прекинува возрасните во разговор

Децата не ги прекинуваат возрасните од инает, туку затоа што сè уште ја учат вештината на чекање, контрола на импулсите и правилата на водење разговор. Родителите можат да им помогнат со воспоставување јасни правила, нудење конкретни решенија и доследно реагирање секогаш кога детето ќе го почека својот ред.

Оваа важна вештина најдобро се развива преку игра, личен пример и приспособување кон возраста и индивидуалните потреби на детето.

Зошто децата прекинуваат разговор?

Ова е често сценарио во секое семејство: возрасните разговараат, а детето постојано влегува во збор. Понекогаш тоа изгледа како излив на бес, а понекогаш како недостиг на воспитание. Но, доколку погледнеме подлабоко, станува јасно дека детето не го прави тоа намерно. Ова се главните причини за таквото однесување:

  1. Импулсивноста е нормален дел од развојот: Детскиот мозок сè уште се развива и учи да ги контролира желбите. Штом ќе им падне мисла на памет, тие сакаат веднаш да ја изговорат.
  2. Потреба за поврзаност: Детето не ве прекинува за да „попречи“, туку за да биде забележано и сослушано.
  3. Недостиг на јасни правила: Ако во семејството не се разговарало за тоа како да се однесува за време на разговор, детето постапува според она што го знае во моментот.
  4. Страв дека ќе ја заборави мислата: Децата често се плашат дека доколку не кажат нешто веднаш, подоцна нема да ја имаат таа можност.

Како се развива вештината на „непрекинување“?

Многу е важно да запаметите: ова не е забрана, туку вештина. Како и секоја друга вештина, се развива преку објаснување, вежбање и поддршка.

1. Договорете ги правилата однапред

За ова разговарајте кога сите сте смирени, а не во моментот кога детето веќе го прекинало разговорот.

Објаснете му едноставно:

  • „Кога возрасните разговараат, важно е да се почека пауза.“
  • „Ако ти треба нешто итно, можеш да ми дадеш знак.“

Јасните правила ја намалуваат анксиозноста, детето разбира што треба да направи, а не само што не смее.

2. Понудете решение наместо забрана

Фразата „не прекинувај“ сама по себе не нуди алтернативно однесување. Многу поефикасно е да му понудите конкретен гест или постапка:

  • Да ја стави својата рака врз раката или рамото на родителот.
  • Да ја крене раката како во училиште.
  • Да рече: „Може ли да кажам нешто кога ќе завршите?“

Ова му дава на детето чувство на контрола и јасен план за дејствување.

3. Секогаш реагирајте

Ако детето даде знак дека сака нешто да каже, исклучително е важно да не го игнорирате. Дури и ако сте зафатени, одговорете му кратко:

„Гледан дека сакаш нешто да кажеш. Те молам, почекај еден момент.“

Штом ќе завршите со мислата, веднаш посветете му внимание. Доколку ова изостане, детето брзо ќе заклучи дека чекањето е залудно и дека е полесно едноставно да влезе во збор.

4. Вежбајте преку игра

Вештината на чекање многу полесно се усвојува низ игра отколку со постојано коригирање. Пробајте ги следниве техники:

  • „Зборување на ред“: Право на збор има само оној што држи одреден предмет (на пр., топче или играчка).
  • Игри со паузи: Игри од типот „стоп – зборуваме, стоп – молчиме“.
  • Играње улоги: „Ајде да се преправаме дека ти си возрасниот, а јас детето.“

Преку игра, детето го совладува правилото без да чувствува притисок.

5. Бидете личен пример

Децата учат гледајќи го нашето однесување. Ако возрасните дома се прекинуваат меѓу себе или зборуваат сите одеднаш, детето ќе го прави истото.

Користете реченици кои покажуваат како функционира културата на разговор:

  • „Ќе те сослушам додека да завршиш.“
  • „Сега е твој ред да зборуваш.“

6. Земете ги предвид возраста и индивидуалните потреби

Усогласете ги вашите очекувања со реалните можности на детето:

  • Децата од претшколска возраст тешко поднесуваат долго чекање, паузите во разговорот нека бидат кратки.
  • На децата со тешкотии во развојот може да им бидат потребни повеќе време и дополнителна поддршка.
  • Доколку детето е анксиозно, дајте му чести потврди: „Сигурно ќе те сослушам.“

Што да избегнувате?

  • Постојано прекорување („Не прекинувај!“).
  • Игнорирање на детето кога културно чека.
  • Споредување со други деца.
  • Јазик што предизвикува срам („Немаш култура“, „Погледни како се однесуваш“).

Ваквите пристапи не ја развиваат вештината, тие само ја зголемуваат напнатоста кај детето.


Оваа вештина не се стекнува преку ноќ, туку се гради низ мали, секојдневни ситуација: кога детето ќе се обиде да почека и ќе биде забележано, кога нема да прекине и ќе биде сослушано и кога родителот ќе му помогне да го разбере ритамот на комуникацијата.

Со текот на времето, „невлегувањето во збор“ престанува да биде строго барање и станува природен дел од културата на изразување.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top