Ако сте го слушнале ова неодамна, добре дојдовте во клубот на родители кои гледаат како нивните деца од едната страна на екранот имаат учебник, а од другата „Чет-ГПТ“ кој им „помага“. Или можеби дури и не помага, туку пишува наместо нив.
Ова не е најлошото сценарио што може да ни се случи. Вашето дете не тргнало по лош пат само затоа што знае да отвори „Чет-ГПТ“. Половина од возрасните со кои работам исто така го користат за е-пошта, презентации и извештаи.
Проблемот не е во тоа што го користат. Проблемот е во тоа како го користат.
Кога е проблем?
Набљудувајте што прави детето додека ја пишува домашната. Ако видите нешто вакво:
Детето ја отвора задачата и ја пишува во „Чет-ГПТ“. Го препишува одговорот. Ја затвора тетратката.
Или уште полошо:
– Мамо, не знам како да го решам ова.
– Па обиди се малку.
– Не можам, ништо не разбирам и по 10 секунди подоцна веќе го користи „Чет-ГПТ“.
Тогаш, без вештачка интелигенција детето е беспомошно.

Кога е во ред?
Пример од мојот дом: ќерка ми (седмо одделение) има задача по српски, анализа на песна. Ја прочитала песната трипати, ги запишала своите коментари на хартија. Заглавила на едно место. Го прашала „Чет-ГПТ“: „Какво значење би можела да има оваа строфа?“ Добила одговор, го прочитала, не ѝ се допаднал. Прашала поинаку, добила ново објаснување. Сега ѝ има смисла. Се вратила на домашното и со свои зборови го запишала мислењето.
Тоа е соработка. Тоа е учење. „Чет-ГПТ“ ѝ бил како тутор кој вели: „Обиди се вака да размислуваш“. Не пишувал наместо неа.
Што може да направи родителот?
Прашајте „Како?“ не „Дали?“
Наместо: „Дали го напиша домашното?“
Прашајте: „Објасни ми како дојде до овој одговор?“
Ако детето не може да објасни, тогаш не научило. И тоа е тема за разговор.
Правило: Прво ти, па ВИ
Математика: Обиди се сам да ја решиш задачата. Ако заглавиш, тогаш побарај помош.
Есеј: Смисли тема, напиши вовед, па потоа консултирај се со „Чет-ГПТ“.
Учење дефиниции: Прво прочитај и обиди се да запамтиш, потоа побарај помош од „Чет-ГПТ“.
Покажете му на детето дека и „Чет-ГПТ“ греши
Детето треба да научи дека не треба слепо да верува. Ако даде неточни информации, мора да провери.
Што е најважно?
Не плашете се од технологијата, но немојте ни да ги затворите очите. Вашите деца ќе користат ВИ, и тоа е во ред. Но мораат да научат да размислуваат со свои мисли. Да знаат кога да побараат помош, а кога да се потпрат на себе. Да ја разликуваат алатката која им помага од алатката која мисли наместо нив. Тоа никој не може да ги научи освен вие.
Автор: Александра Цвјетиќ