Игротека

Ги учиме децата да пријавуваат, но дали ги учиме да си помагаат?

Во желбата да ги заштитиме децата од насилство, погрешни избори и лоши влијанија, ние возрасните им испративме јасна порака: Ако нешто се случува, кажи. Кажи на наставник, педагог, родител. Пријави. Не молчи. Пораката е едноставна, лесно разбирлива и се повторува во различни облици: во училница, на родителски состаноци, во правилници и низ училишните ходници.

Таа порака не е случајна. Децата уште од најрана училишна возраст систематски се учат што се смета за неприфатливо однесување и што треба да се пријави, од насилство и навреди до „несоодветни“ зборови, постапки и однесување. Децата многу брзо учат да ги препознаваат границите и да ги запаметат правилата. Пораката е јасна, честа и добро запаметена: таквите работи им се пријавуваат на возрасните.

Децата многу рано учат кому да се обратат кога ќе видат проблем, но многу поретко учат што можат да направат како врсници. Не учат како да застанат покрај некој што е исклучен, како да се обидат да смират конфликт пред да ескалира, како да му дадат поддршка на пријател или да кажат „Еј, не е во ред“ без страв од последици. Не ја учат разликата меѓу сериозни ситуации во кои е неопходна помош од возрасни и секојдневни недоразбирања, детски конфликти и односи што, со насочување и поддршка, би можеле и сами да ги решаваат.

Во секојдневниот училиштен живот тоа често изгледа вака: секој погрешен збор оди „нагоре“, секоја ситница се бележи, а односите меѓу децата остануваат кревки и необработени. Децата брзо сфаќаат дека е најбезбедно да не се мешаат, да не ризикуваат, да не заземаат страна, туку да пријават. На тој начин се пропушта драгоцена можност децата да учат едни од други и едни за други.

Парадоксот е што сакаме да ги воспитаме децата во емпатични, одговорни и социјално чувствителни луѓе, а истовремено ретко им даваме простор и алатки тие вредности да ги живеат во практика, меѓу себе. Солидарноста, лојалноста и грижата за другиот често остануваат вредности на хартија за кои зборуваме, но ретко ги вежбаме заедно со децата во реални ситуации.

Можеби прашањето не е дали ги учиме децата да „кодошат“, туку дали доволно ги учиме како да бидат заедница. Затоа што општеството не го сочинуваат само правила и процедури, туку луѓе кои знаат да препознаат туѓа потреба, да застанат едни покрај други и кога тоа не е изречно пропишано со правилник.

Овој текст е наменет за децата кои некогаш почувствувале неправда, за оние што поради својата детска игра или вообичаено врсничко однесување биле пријавени кај наставник/директор. Нивните искуства нè потсетуваат нас, возрасните, дека не е доволно да ги научиме децата кому да кажат, туку и како да бидат тука едни за други.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top